Македонците не им веруваат на медиумите | Северна Македонија | DW | 12.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Македонците не им веруваат на медиумите

Македонците речиси воопшто не им веруваат на медиумите во својата земја, покажува анкета на Фондацијата Конрад Аденауер. Секој втор Македонец смета дека новинарите во земјата не известуваат независно.

Тажни вести за новинарството во Македонија: само 15 отсто од населението верува во независни медиуми  во Македонија. Притоа, половината од испитаниците велат дека новинарите во Македонија не можат да известуваат слободно. И дополнително, само 14 проценти од испитаниците имаат голема доверба во новинарската работа; наспроти нив 38 отсто имаат огромна недоверба кон новинарите.

Едвај нешто повеќе од една третина (38 проценти) се чувствуваат добро информирани за политиката преку медиумите. Околу 16 проценти велат дека не се интересираат за политика. Недостатокот на интерес е уште повисок меѓу младите. Речиси секој четврти на возраст меѓу 18 и 29 години не сака да има ништо со политиката. Постојат разлики и меѓу регионите во земјата. Во споредба со жителите на градовите, жителите на руралните региони се чувствуваат полошо информирани. И секој петти надвор од градовите нема никаков интерес за политика.

Телевизијата доминира пред социјалните мрежи

Најважен извор на информации останува телевизијата. Повеќе од 70 проценти од Македонците ги добиваат политичките информации од телевизијата. Следуваат социјалните мрежи (47 отсто), интернет страниците на јавните институции и радиото (одвоено по 12 проценти). Од печатените медиуми се информираат само уште 9 отсто од испитаниците. Во поглед на староста состојбата е слична како и во другите земји. Младите гледаат сѐ помалку телевизија и наместо тоа ги користат социјалните мрежи и интернетот.

Symbolbild Jugendliche Smartphone (picture-alliance/dpa/L. Mirgeler)

Младите најчесто се информираат од социјалните мрежи...


И кај довербата телевизијата е на прво место. Секој втор Македонец им верува на ТВ-вестите. Со големо заостанување следуваат социјалните мрежи (18 проценти), интернет страници на јавни институции (7 проценти) и Радио (6 проценти). Притоа, 28 проценти од испитаниците велат дека не му веруваат на ниту еден извор.

Иако телевизијата има најголема доверба, речиси 40 отсто од населението е на мислење дека лажните информации се шират токму преку неа. Уште повисок, 44 отсто, е процентот на оние кои го мислат тоа за социјалните мрежи. Младата генерација меѓу 18 и 29 не само што повеќе ги користи онлајн медиумите, туку ним им верува повеќе одошто на телевизијата.

За нив, најверостоен извор се социјалните мрежи, иако тие како група имаат поголема доверба и во информативните сајтови на институциите и на невладините организации. Споредбено, во телевизијата далеку повеќе верува групата на испитаници над 65 години возраст.

Саморегулацијата на медиумите е непознат термин

На повеќе од 70 проценти воопшто не им е познат терминот саморегулација на медиумите. Истовремено, само на 15 отсто им е позната оваа процедура. Во однос на ширењето на омраза и насилство во медиумите големо мнозинство (речиси секој втор) не знае до која организација или институција да поднесе жалба. Само 9 отсто од испитаниците би се обратиле до новинарско здружение или Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги; но само 3 проценти би се обратиле до јавното обвинителство.

Deutschland Freizeit Fernsehen Symbolbild (picture-alliance/dpa)

... Македонците над 65 години во најголем процент се информираат од телевизија.

Поголема доверба во ЕУ и НАТО

Во однос на актуелните политички случувања со можната промена на името на државата која е поврзана со почеток на преговори за членство во ЕУ и членство во НАТО, довербата во обете институции е релативно висока: Па така, речиси 45 отсто од Македонците имаат многу висока доверба во ЕУ- а тоа важи и за НАТО со 41 проценти. Во поглед на довербата во други држави, на прво место е Германија пред САД и Русија. Голема доверба во Германија имаат речиси 35 отсто од испитаниците, во САД - 30, и во Русија - 21,5 отсто. Недовербата е најголема кон Русија - 45 проценти.

Гледај видео 01:36

Вистина, лаги и лајкови

Испитувањето на јавното мислење е спроведено на репрезентативен примерок со директни интервјуа со 1.033 испитаници од различни етнички, верски и возрасни групи во септември годинава.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама