Македонско-бугарски спор: Каноните на Тодор Живков | Северна Македонија | DW | 09.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Македонско-бугарски спор: Каноните на Тодор Живков

Пораките кои деновиве ги емитува официјална Софија во однос на историскиот спор со Македонија, ниту се нови, ниту отстапуваат од позициите во изминатите 60 години. Тие се формулирани во времето на Тодор Живков.

„Мене, и педесетпати да ме обесат, никогаш нема да се одречам од историјата на мојот народ и на мојата партија“. Тодор Живков

На денешен ден, 9 ноември 1970 година, пред точно 50 години, во Софија се одржува средба на тогашните бугарски и југословенски функционери на која главна тема е „македонското прашање“. Реплицирајќи им на бугарските политичари кои, користејќи аргументи од средновековната историја, тврдат дека Македонците се всушност Бугари, југословенскиот раководител Вељко Влаховиќ забележува дека веројатно по триесет или педесет години луѓето ќе се смеат на такви расправи.

„За жал, половина век подоцна сè уште речиси никој не се смее", вели за ДВ бугарскиот историчар Чавдар Маринов, автор на книгата „Македонското прашање од 1944 до денес“.
Иако многумина во Северна Македонија, па и во Бугарија, деновиве можеби се изненадени од жестината и од содржината на ставовите на бугарските политичари и историчари во однос на отворените историски прашања, сепак, тие ниту се нови, ниту отстапуваат од пораките кои доаѓаат од официјална Софија кон Скопје во изминатите 60 години.  

-повеќе на темата: Маринов: Во Бугарија се уште живее сонот за „ребугаризација“ на Македонија

Блокирајќи го патот на Северна Македонија кон ЕУ, денес Бугарија поставува три услови (со неколку подуслови) кои се константа со децении:
-  признавање на „историската вистина“ за бугарското потекло на македонската нација и јазикот: 

(„…Тоа самоопределување, таа нација што ја создаваат од 1944 година, не треба да се базира на лаги и антибугарска кампања, туку на вистината“. Екатерина Захариева, министер за надворешни работи, 12.10.2020)

- откажување од тврдењата за постоење на македонско малцинство во Бугарија;

(Јас лично сум многу вознемирен од внесувањето на ОМО Илинден и македонското малцинство во една политичка резолуција на Европскиот парламент. Бојко Борисов, бугарски премиер 09.10.2020)

- и реформулирање на учењето за бугарската „фашистичка" окупација во текот на Втората светска војна.
(„Празнуваа на 11 Октомври национален празник против таканаречениот од нивна страна 'бугарски окупатор'". Красимир Каракачанов, министер за одбрана. 22.10.2020

„Новите правци“ на Софија

Овие позиции на бугарската држава се утврдени во низа одлуки на највисоките политички раководители и раководни тела на почетокот на 1960-те години, и оттогаш до денес, претрпуваат многу мали или никакви измени. Дури и изјавите на денес водечките политичари од Софија (Радев, Захариева, Нинова, Каракачанов, Ковачев и др.) како и на тамошните историчари, понекогаш се до запирка истоветни со оние кои излегуваа од устите на водечките претставници на комунистичкиот режим и особено, поранешниот претседател Тодор Живков.
„Разликата со епохата на социјализмот е дека денес во Бугарија постои и дури доминира еден антикомунистички наратив, кој што им ја префрла „вината” за постоењето на македонска нација и на (дури највеќе на) бугарските комунисти пред Живков, при тоа избегнувајќи го фактот дека овој наратив е самиот во голем степен продукт на Живковиот режим", вели Маринов.
Доколку се погледнат условите кои Бугарија ги поставува денес за почеток на преговорите на С. Македонија со ЕУ, ќе се забележат само благо замаскирани, мали варијации на истата тема. 

-повеќе на темата: Ковачев и другите синови на немото доба

По неколку пресврти во втората половина на 1940-те и 1950-те години, „новата" бугарска политика кон Македонија го зема актуелниот тек со доаѓањето на власт на Тодор Живков во втората половина на 1950-те години.
Во јануари 1963 година се одржала првата официјална средба меѓу Јосип Броз Тито и Тодор Живков, двајцата шефови на партиите и на државите. Како што наведува Маринов во својата книга „Македонското прашање од 1944 до денес“, Живков го соопштил својот став во однос на Македонското прашање: „Бугарската комунистичка партија (БКП) го признава „создавањето“ на „македонската национална свест“ како „објективна реалност“, но ограничена на југословенска Македонија. Појавувањето на оваа свест била исто така, и „датирана“: таа се појавила по Втората светска војна."
Во март истата година, ставовите на Живков официјално се формулирани како нови правци на бугарската државна политика кон македонското прашање.
„На пленумот на ЦК на БКП, Живков ги изложува „историските факти“ на кои инсистираат бугарските политичари од било која провиниенција до денеска", забележува Маринов.
„Не би било 'марксистички' од страна на Бугарите", изјавил Живков, „да се откажат од 'својата' историја, од фигури-симболи како Кирил и Методиј, монахот Паисиј Хилeндарски и браќата Димитар и Константин Миладинови." Според Живков, македонскиот јазик е само „еден говор кој им припаѓа на нашите западни говори, еден дијалект“.
Бугарскиот раководител предложил формула за заемен компромис: Бугарија го прифаќа постоењето на македонска република во Југославија, додека, пак, нејзините раководители го „голтаат апчето“ и се откажуваат од мешање во „внатрешните работи“ на Бугарија.

„Ребугаризацијата на Македонците е неизбежна!"

Во септември 1965 г. Тито оди во Софија, заедно со македонскиот премиер Видое Смилевски. Бугарските раководители биле многу директни за три прашања: „македонската национална свест во Југославија е во тек на „создавање“ врз „антибугарска основа"; во Благоевградскиот округ (Пиринска Македонија) не се менува националноста на локалното население; напротив, власта на југословенска Македонија ги гони лицата кои имаат „бугарска свест“.

Premierminister Nord-mazedoniens Zoran Zaev und Bulgarische Premierminister Boyko Borisov

Дали и нивните разговори изгледаат како оние на Црвенковски и Живков? Зоран Заев и Бојко Борисов.


Неколку години по „пресвртот“ во Софија, власта во социјалистичка Македонија ја презема либералното крило предводено од Крсте Црвенковски. Откако Црвенковски пред високите форуми на својата партија во Скопје изложува теорија за „задоцнета нација“, во Софија се констатира неговата волја за „вистинска" соработка со Бугарија. 

-повеќе на темата: Ковачев: АСНОМ е симбол на комунистичката диктатура

Но оптимизмот траел релативно кратко. Во декември 1966 година, во Белград, Живков се среќава со Тито и Црвенковски и влегува во остар судир со македонскиот раководител. Црвенковски ја отворил дебатата зборувајќи за „исчезнувањето“ на македонското малцинство во Пирин, за „антимакедонските“ текстови од Венко Марковски, за „патриотската“ бугарска кампања околу Климент Охридски…
Живков, со контранапад, го поставува прашањето за судбината, во Вардарска Македонија, на „повеќе стотици илјади Бугари засведочени, пред Втората светска војна, во сите статистики – српска, југословенска, турска, грчка, бугарска.
„Што се случи со сите тие Бугари, исчезнале ли до толку што сега нема ниту еден?“
Рафалот на Живков, како што наведува Маринов, кулминирал со следната изјава:
„Вие, македонските раководители, морате добро да разберете дека ние, Бугарите, нема да се одречеме од нашата историја. Мене, и педесетпати да ме обесат, никогаш нема да се одречам од историјата на мојот народ и на мојата партија“. 
Објаснувајќи ги подоцна резултатите од оваа средба пред функционерите на Централниот комитет на БКП, Живков оптимистички им соопштува „дека 'ребугаризацијата' на вардарските Македонци била неизбежна". 
„Така да се каже, крвта на тоа население почна да му зборува". 

-повеќе на темата: Македонско-бугарскиот спор не може да има победник

Во мај 1967 година, доаѓа до нова средба на двајцата раководители, и овојпат Живков  ги нападнал историографските публикации на Скопје кои се однесуваат на „бугарското ропство“ претрпено од Македонците во текот на Втората светска војна. Тој сугерирал дека во тоа време, „бугарските фашисти“ убиле многу помалку луѓе во Македонија отколку во внатрешноста на самата Бугарија.
Македонската „национална свест“ се развива врз „лажна“ и „антибугарска“ основа, рекол Живков.
На ваквите тези Црвенковски одговара со одбрана на македонскиот идентитет: „Нашето раководство не може да му каже на својот народ дека пред 1945 сме биле Бугари и дека потоа сме станале Македонци. Ова чувство почнало да се развива во средината на минатиот век“, рекол Црвенковски и притоа понудил компромис:  „Можеби не треба да се решат докрај некои работи. Јас не се противам на тоа што ги впишувате Самуил и Паисиј во вашата историја, но и ние мораме да вклучиме одредени личности во нашата историја“.
Расправата потоа се пренесува на конкретни историски личности, откако Црвенковски се повикува на наследството на Крсте Мисирков, Живков му одговорил:
„Што се однесува до Мисирков, тој е посебен, контрадикторен случај. Тој напишал и едно и друго, зборувал и едно и друго".
Се разделуваат „пријателски“. Живков му предложил на Црвенковски да оди во Пиринската област за да се увери дека нема Македонци. Црвенковски, пак, го поканил Живков да бара Бугари во Социјалистичка Република Македонија.
Важно е да се напомене дека во пресрет на оваа средба, во април 1967, Политбирото на ЦК на БКП, формулира „марксистичко-ленинистичка“ позиција кон македонското прашање чија цел била, со поцврста позиција за отсутноста на историска легитимност и, општо, за „непостоењето“ на македонски национален идентитет, да ги сврти во своја корист идентитетските тенденции во југословенска Македонија. 

-повеќе на темата: За Бугарија е акт на агресија самото постоење на Северна Македонија

Веќе следната, 1968 година, Институтот за историја при Академијата на науките (БАН) во Софија во една брошура ги формулира позициите кои, како што вели Маринов, до денес се останати како „канонско историографско толкување во Бугарија".

Bulgarien Verteidigungsminister Krasimir Karakachanov

Не ја отвора вратата за С. Македонија! Красимир Каракачнов неодамна се закани дека испрати инжинерски полк во Македонија за да ги собере спомениците.


Па така, бугарските академици прогласуваат дека Македонците се „етнички“ Бугари, дека целата историја на Македонија (среден век, „Преродбата“, револуционерното движење) е дел од бугарската историја, додека македонскиот национален идентитет бил толкуван како производ на српскиот национализам.

Губење на нервите
Падот на комунизмот и демократските промени во Бугарија, не носат и пресврт во политиката кон западниот сосед. Напротив. Со ретки исклучоци, сите бугарски политичари без разлика на политичката провиниенција, остануваат на ставот за бугарскиот „карактер" на Македонија.
(„Не се надевајте, во Бугарија никогаш повеќе нема да најдете таков предавник како Георги Димитров за да ја заврши оваа работа за вас." Андреј Ковачев, европратеник, 19.9.2020) 
„По распаѓањето на Југославија“, вели Маринов, „Бугарија се обидуваше да им влијае на националните наративи и култура во Македонија во рамките на возможното уште со признавањето на независноста на поранешната југословенска република, што Бугарија го направи прва и постојано го истакнува."
„Но, главната цел на бугарската политика беше откинувањето на Македонија од Србија: се очекуваше новите политички елити во Македонија да го сфатат „фалшoт” на својата нација и јазик, и така Македонија да се „ребугаризира”.
Поранешниот бугарски претседател и лидер на Бугарската социјалистичка партија  Георги Прванов кон крајот на 1990-те години уште еднаш ги реафирмира овие позиции со предлогот до Македонците да го прифатат „фактот“ дека имаат „заедничка“ историја со Бугарите, додека Бугарија за возврат ќе ја признае „сегашната реалност“ и ќе го прифати одвоеното постоење на Република Македонија.
Од последниот предлог на Прванов до ова што денеска, како компромис, го нудат бугарските политичари речиси и да нема разлика. Заканите со вето, кои сега доаѓаат од официјална Софија, Маринов ги толкува како „губење на нервите“.
„Долгото чекање изгледа ги изнервира бугарската политичка класа и експертските средини во Министерството за надворешни работи, и во последните години Бугарија применува директен притисок врз Македонија од „грчки” тип, имено диктирајќи што Македонците мора да веруваат за себе, за својата историја и јазик“, вели историчарот.

DW.COM