Македонско-бугарскиот спор не може да има „победник“ | Северна Македонија | DW | 25.04.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Македонско-бугарскиот спор не може да има „победник“

Можат бугарските историчари и политичари да мислат дека ќе постигнат „победа“ во спорот со Македонците, но тоа со сигурност нема Македонците да ги направи Бугари, пишуваат историчарите Драги Ѓоргиев и Петар Тодоров.

Историјата, поточно перцепциите за минатото, несомнено, имаат големо влијание во животот на луѓето во македонското и бугарското општество. Секоја вест која се однесува на различното толкување на минатото во двете општества предизвикува емотивни реакции кај политичките елити и во јавноста. Речиси веќе 70 години реториката е иста. Бугарите велат: „Македонците ја фалсификуваат историјата“, „Македонците да признаат дека ја крадат бугарската историја“, „Македонците се Бугари“. На што Македонците возвраќаат со: „Бугарите ја крадат македонската историја“, „Бугарите се фашисти“, или, пак, „Немаме ништо заедничко со татарски народ". Седум децении немаме сила да изградиме современо инфраструктурно поврзување, да ја зголемиме соработка во културата и размената на студенти, но имаме многу сили да се докажуваме за нешто што се случило пред сто, двеста, илјада години и тоа минато да го присвојуваме, без да прифатиме дека минатото ни е споделено и не може исклучиво да припадне на една или друга нација. Всушност, не постои минато на светот што не е споделено. Овој апсурден проблем уште еднаш потврдува дека нашите погледи за историјата повеќе зборуваат за нашиот однос кон неа и како гледаме на сегашноста, отколку за самото минато. 

- повеќе: Драги Ѓоргиев: Односите Скопје- Софија се доведени во апсурдна ситуација

Овој повеќедецениски спор отсекогаш ги артикулирал односите помеѓу двете држави, а неговото присуство во јавноста отсекогаш имало силно влијание врз нашето секојдневие. Деновиве, додека целиот фокус на јавноста е свртен кон пандемијата на коронавирусот и последиците од неа врз нашите животи, темите за историјата и Комисијата за историски и образовни прашања, во контекст на односите меѓу С. Македонија и Бугарија, се повторно актуелни. Се започна со веста во еден од македонските медиуми за содржината на Изјавата на Република Бугарија приложена кон записникот од состанокот на Советот за општи работи на ЕУ од 25 март оваа година, на која се донесе одлука за отпочнување на преговори со Република Северна Македонија. Во Изјавата неколку точки се однесуваат и на работата на Комисијата. И како што е ред и востановена пракса реакциите на политичарите и јавноста не задоцнија. За жал овие постапки и реакции, како и изјавите кои беа присутни во јавноста во последните месеци, не се ништо друго освен политизирање на процесот и сериозна пречка во градењето искрено пријателство помеѓу двата народа. Како членови на Комисијата директно вклучени во процесот, особено ни пречат обвинувањата и искажувањата невистини за работата на Комисијата, поради што се создава чувство на недоверба и разочараност. Коментарите на политичарите и нивните дневнополитички изјави се посебна тема од историјатот на Комисијата, но во овој момент сметаме дека е неопходно да се дадат некои појаснувања во однос на последните изјави кои директно се однесуваат на нашата работа.

Dragi Gjorgiev - Historiker und Präsident der Mazedonisch-Bulgarischen Geschichtskommission (Privat)

Драги Ѓоргиев, историчар

Обвинувања од Софија

Подолго време немаше изјави од наша страна, но главната причина за тоа беше што нашата држава влезе во предизборие и сметавме дека нашите изјави можат лесно да бидат злоупотребени. Исто така, веруваме дека давањето изјави го носи ризикот дебатата да се префли од средбите во медиумите. Јавната непрофесионална дебата сигурно нема да помогне во градењето доверба и со сигурност нема да помогне во надминувањето на повеќедеценискиот историографско-политички спор. Меѓутоа, не можеме да останеме рамнодушни на последниот развој на настаните, бидејќи тие повторно ја ставаат под прашање меѓусебната доверба толку потребна во процесот на надминување на апсурдните спорови околу минатото и сегашноста.

- повеќе: Дичев: Спорот околу македонскиот јазик е смешен

Уште од декември 2019 година во Република Бугарија од страна на некои од членовите на бугарскиот тим во Комисијата, од бугарската влада и од некои бугарски политичари со отворен ревизионистички пристап кон историјата, сме обвинувани дека Македонците еднострано ја прекинале работата на Комисијата и дека ја политизирале нејзината работа. Уште повеќе, тие обвинувања и невистини се изнесени и во Брисел, во контекст на носењето на одлуката за започнување на преговори на Северна Македонија за членство во ЕУ. На оваа невистина и обвинување, веќе како по правило се надоврзуваат и колективните обвинувања дека „Македонците ја фалсификуваат историјата“ и дека треба да ја „признаеме бугарската историска вистина“. Притоа, овие обвинувања се со цел бугарската страна да излезе како „победник" во повеќедеценискиот спор. "Победата“ значи наметнување на тезата дека географскиот регион Македонија  историски е бугарски, а Македонците се Бугари, но дека истите поради одлуките на „лошите“ комунисти во 1944 година станале Македонци. За иронијата на историјата да биде поголема, дискурсот за Македонија кој денеска се користи во европска Бугарија е, всушност, силно повлијаен од политиките на комунистите на чело со Тодор Живков и неговите наследници. Ова селективно и политизирано разбирање за Македонците и Македонија го објаснува и инсистирањето од бугарска страна да ја прифатиме „заедничката историја“, која започнува во IX век и трае до 1944 година. Притоа, поимот „заедничка историја“ се заснова на верувањето дека станува збор за единствена и во времето скаменета историја на само еден народ, бугарскиот народ чиј неотуѓив дел се Македонците. Ова тврдење тешко може да најде поткрепа во било која современа теорија за прашањата на етничките и националните идентитети.

Одбиени предлози

Во врска со обвинувањата дека македонската страна еднострано ја прекинала работата на Комисијата, вистината е дека нашата страна никогаш не го направи тоа. Напротив, на последната средба која се одржа во Софија на 29 и 30 ноември 2019 година беше предложено до завршувањето на изборите во С. Македонија, Комисијата да не се среќава, но нејзината работа да продолжи со размена на забелешки за бугарските учебници по историја за 7 и 8 клас и македонските за 8 и 9 одделение, како и размена на предлог идеи за подобрување на учебниците и предлог идеи за евентуално заедничко чествување на Гоце Делчев. Идејата беше да избегнеме формални средби кои секогаш го привлекуваа вниманието на јавноста и кои во контекст на македонското предизборие можеа да бидат злоупотребени од оние политички групи и личности во двете држави кои, изгубени во барањето на сопствениот политички легитимитет, секогаш се вртат кон национализмот и митологијата. За жал, оваа идеја од бугарска страна беше отфрлена! Иронично, но тој предлог ќе овозможеше да работиме дури и во време на пандемијата. Во најмала рака, ќе имавме препораки за подобрување на учебниците по историја за 7 и 8 клас и 8 и 9 одделение. Овој предлог, како и нашето инсистирање од самото формирање на Комисијата за примена на европските искуства и за учество на европски експерти во работатата на Комисијата, ги прави апсурдни обвинувањата дека македонската страна ја политизирала работата на Комисијата.

Petar Todorov, Historiker aus Nordmazedonien (Privat)

Петар Тодоров, историчар

Поради тоа, за да ја постигнеме заедничката цел и да се надмине спорот неопходно е да се промени пристапот и да се престане со обвинувањето на другата страна. Ниту еден сличен спор во Европа и светот не бил надминат со триумф на едната врз другата страна. Напротив, споровите се надминуваат преку дијалог, самокритика кон сопствениот национален историски наратив, соочување со болните моменти од минатото, прифаќање на Другиот и неговите историски традиции и посебности. Затоа, пристапот и барањата „Македонците да престанат да ја фалсификуваат историјата" и да ја прифатат „бугарската историска вистина“ не е ништо друго, туку пристап на барање на триумф на една врз друга национална перспектива. Можат бугарските историчари и политичари да мислат дека ќе постигнат „победа“ во спорот со Македонците, но тоа со сигурност нема Македонците да ги направи Бугари. Напротив, тоа ќе доведе до уште поголема поделба и недоверба помеѓу двата народи.

Бранители на митови

По триесет години од падот на социјализмот, македонската и бугарската историска наука сѐ уште се силно идеологизирани и политизирани. Притоа, толкувањата на минатото се доста селективни, а историчарите ги одбираат оние извори и оние делови од минатото кои им служат на политичката цел, а не на науката. Најголем дел од историчарите сѐ уште се во своите ровови и се најжестоките бранители на националните историски митови и, се разбира, на замислениот вековен национален идентитет.Токму во оваква атмосфера се формираше Комисијата како дел од Договорот за добрососедство. Во неа влеговме со желба да се надминат исклучивите и националистички претстави во толкувањето на минатото, да ги надминеме селективните точки од националното сеќавање и нив да ги претвориме во историско знаење кое ќе ги засили врските помеѓу двата народи. Притоа, пред нас секогаш ги имавме во предвид примерите на другите европски држави, чии искуства денес се внесени во препораките на УНЕСКО и Советот на Европа. Во тој контекст, се разбира, не би било чесно од наша страна да се премолчи дека одредени настани и личности во македонската историографија биле силно политизирани и гледани еднострано, но истото треба да се каже и за бугарската историографија. 

- повеќе: Тргнете ја Македонија од историчарите!

Затоа, кога политичарите велат дека Договорот за добрососедство е потпишан и се имплементира заради европската иднина на регионот, тогаш треба навистина да покажеме дека тоа го правиме заради европската иднина и на европски начин. Сепак, дури и да не постои европскиот контекст, спорот мора да се реши. Затоа што неговото нерешавање значи огромна загуба и за двете држави и за двата народа. Но, да повториме: надминувањето на спорот не може да се постигне преку негирање на посебноста на Другиот, преку ревизионистичкиот пристап на историјата или преку премолчување на делови од минатото, туку преку самокритика на сопствените национални историски наративи, преку соочување со болните теми од минатото и меѓусебно почитување. Токму тоа е европски и современ пристап во надминување на старите и анахрони поделби. Само така може да дојдеме до надминување на овој апсурден, но, очигледно, по многу нешта тежок спор.

Историчарот Драги Ѓоргиев е ко-претседател на Комисијата за историски и образовни прашања со Бугарија.
Историчарот Петар Тодоров е член на истата Комисија. 

DW.COM

Реклама