Македонското членство во НАТО не зависи од решението за Косово | Теми на денот | DW | 30.08.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Македонското членство во НАТО не зависи од решението за Косово

Германскиот министер за одбрана Франц Јозеф Јунг на балканската турнеја во Скопје се сретна со неговиот македонски колега Лазар Еленовски. На агендата на разговорите членството во НАТО и косовското прашање.

default

Франц Јосеф Јунг и Лазар Еленовски во Скопје

Македонското членство во НАТО не зависи од идното решение за Косово. Основа за неговиот иден статус е планот на Марти Ахтисари. Идејата за поделба на покраината не е опција за решение за идниот статус на протекторатот. Овие ставови во Скопје ги соопшти министерот за одбрана на Германија Франц Јосеф Јунг кој допатува во еднодневна посета, по неговите билатерални средби со неговиот домаќин македонскиот министер за одбрана Лазар Еленовски - Одделување или поделба сигурно би било пoгрешен пат, ова е наше заедничко убедување и затоа посакуваме, наскоро да доjде до заедничко решение. - рече министерот Јунг кој изрази надеж дека европската Тројка наскоро ќе дојде до заедничко и прифатливо решение за иднината на Косово.

Германија инаку има значителни ефективи во рамките на единиците на КФОР на Косово кои се грижат не само за безбедноста во покраината туку и за границата кон Македонија.

Косовоското прашање и НАТО аспирациите

Министерот за одбрана Јунг е на куса турнеја во регионот во чиј епицентар е секако косовската разврска. Но со посетата на Загреб, Тирана и Скопје Јунг ја опфаќа и Јадранската тројка, претенденти за НАТО на самитот во Букурешт. Во септември се очекува извештајот за Македонија и во областа на одбранта имате одлични резултати изјави Франц Јосеф Јунг по средбата со Еленовски.

Германскиот министер за одбрана не гледа поврзаност на косовскиот статус со одлуката за прием на Јадранската тројка и посебно на Македонија во НАТО - Мислам дека независно од тоа, одлучувачки е Македонија да ги исполни предусловите, извештајот за напредок да биде позитивен до крајот на септември и со тоа да си ја отвори перспективата. Но ова не е поврзано со тоа како ќе се одвива развојот околу статусот на Косово. Мислам дека треба да ги вложиме сите напори за преговорите за статусот да донесат добри резултати. Но уште еднаш независно од тоа, се гледа на перспективата на Македoнија за во НАТО - рече Јунг.

Македонскиот министер за одбрана Еленовски од своја страна пак истакна - Ние во овој скратен циклус ќе работиме на другите прашања како и на другите прашања што ни остануваат во сферата на реформите на судството и во градењето на правната држава и во одредени политички релации. Меѓутоа би сакал да истакнам дека во државата постои висок национален консензус и високо чувство на политичка одговорност кај сите политички елити за овој историски чин пред кој се наоѓа државата и мислам дека Македонија нема да дозволи да ја пропушти оваа шанса. - рече Еленовски одговорајќи на прашање на германските колеги кои се интересираа за можноста Македонија да добие дополнителен тест пред можниот позитивен одговор по самитот од Рига.

Задоволство од учеството на македонските војници во меѓународни мисии

Двајцата министри изразија задоволство од учеството на македонските војници во меѓународните мисии во Босна и Авганистан под команда на Бундесверот. Над стотина официри досега поминаа обуки во Германија, а речиси до вчера хиликоптерите на Бундесверот од Косово учествуваа во гаснењето на пожарите во Македонија.

Билатералните разговори Јунг - Еленовски траеа над протоколарното време, така што германскиот министер за одбрана задоцни на средбата кај македонскиот претседател Бранко Црвенковски. Јунг ќе биде примен и од премиерот Никола Груевски, а германската амбасада во Скопје приреди прием во чест на високиот гостин од Берлин.

Реклама