Македонското СЈО е револуција за Балканот | Македонија | DW | 11.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонското СЈО е револуција за Балканот

По најголемиот скандал со прислушкување во Европа следуваше, за Балканот, уникатен обид да се воведе правна држава, пишува весникот Стандард во анализата посветена на работата на македонското СЈО

Македонското Специјално обвинителство е нешто револуционерно за Балканот, пишува австрискиот весник Стандард, дополнувајќи дека тое е материјализација на кошмарот за криминалците во Македонија. Во текстот се прави пресек на дел од најважните случаи на СЈО и се анализира политичката состојба во земјата.

„Еден хард диск со 546.948 податоци на него и шест кутии со транскрипти од прислушувани разговори. Овие материјали, кои беа објавени од Социјалдемократите пред две години, не само што доведоа до најголемиот скандал со прислушкување за една европска влада од Втората светска војна наваму, туку доведоа и до формирање на сопствено Јавно обвинителство. Се работи за систематски злоупотреби на власта од политичари и високи функционери, изборни измами и организирана корупција на државно ниво.

Во квадратната зграда на аголот на булеварот Партизански одреди во Скопје луѓето трчаат нагоре надолу по скалите. Сите овде се многу брзи во она што го прават. Ленче Ристоска, една од трите главни обвинителки толку брзо и јасно одговара на прашањата, што веднаш ви дава до знаење дека може да извлекува остри заклучоци. Надвор, пред портите, демонстрираат вработените во една фирма, за чиј сопственик е издадена потерница. Тие секојдневно се мобилизираат за својот шеф. Но тој самиот е во бегство.
Специјалното јавно обвинителство за многумина е нешто како материјализиран кошмар во балканската држава која во десетгодишното владеење на националконзервативецот Никола Груевски заглави се подлабоко во авторитарност. Луѓе, кои никогаш и не помислуваа дека ќе бидат повикани на одговорност за своите постапки, одеднаш се соочија со Обвинителство кое сериозно го сфаќа законот. Тоа е нешто револуционерно на Балканот“.

„(...) Бројни партиски и владини функционери и пониски службеници сега се соочуваат со кривични постапки. Досега, „стариот“ систем се обидуваше да ги спречи правните постапки. Кога СЈО ќе побара од судовите да издаде налози за апсење, тие едноставно се отфрлаат.

„Од 23 барања само пет се одобрени, од нив, четири подоцна се прегласани и досега е издаден само еден налог за апсење“, раскажува Ристоска за систематските блокади на работата на СЈО. Одредени државни институции едноставно одбиваат соработка. Но со актуелниот министер за внатрешни работи постои добра соработка“.

„(...)Притисокот врз 117-те вработени во СЈО е голем. Самото СЈО има сопствено обезбедување. Македонија е пред тешко искушение. Сѐ уште е нејасно дали стариот режим си заминува или останува. ВМРО се обидува да ја вжешти атмосферата со провоцирање на антиалбанско расположение“.

„(...)Во многу случаи (кои ги истражува СЈО, н.з.)  се работи за договори за јавни набавки кои им се делени на луѓе верни на режимот, кои во замена требало да ѝ помагаат на политичката каста и на нејзините роднини и пријатели, како во приватниот така и во професионалниот живот. Доколку ги слушате разговорите на политичарите ќе се почувствувате како да сте се нашле во филм од Б-продукција поради нивниот брутален и примитивен тон“.


„(...)Анализата на гласовите на политичарите и на функционерите од разговорите не е проблем, вели Ристоска. 'Тоа е лесно изводливо со форензички средства', објаснува таа.

Во СЈО очекуваат во иднина да имаат повеќе, а не помалку работа. „Не очекуваме сите да не сакаат, но сакаме да бидеме третирани со почит од другите институции како Јавното обвинителство“. Кога опструкциите станаа очигледни, и СЈО покажа заби. Па така, пред извесно време СЈО покрена постапка против еден судија. Не само прислушкуваните разговори, туку и односот кон СЈО покажува дека еден дел од правосудството во Македонија е партизирано“, пишува Стандард во текстот за Специјалното јавно обвинителство.

 

DW.COM

Реклама