Македонското МНР ги осуди инцидентите во Солун | Северна Македонија | DW | 22.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Македонското МНР ги осуди инцидентите во Солун

Владата на Македонија продолжува искрено да ги гради мерките на доверба со Грција, соопшти МНР и ги осуди „изолираните инциденти“. Веста дека е запалено македонското знаме во Солун ја објавија сите регионални медиуми

Македонското Министерство за надворешни работи во соопштение објавено на неговата веб-страница ги осуди изолираните инциденти предизвикани од поединци и групи при вчерашниот протест во Солун, како „политики на омраза и нетрпение“.

Според фотографиите што ги објавија вчера грчки медиуми, група демонстранти за време на протестот го запалиле македонското знаме.

Од МНР соопштуваат дека „ Владата на Република Македонија продолжува искрено да ги гради мерките на доверба со Република Грција,  со цел достоинствено да придонесе кон решенија на отворените прашања во интерес на граѓаните на двете земји“.

Министерството за надворешни работи на Република Македонија е уверено дека целиот регион и нашите две земји се на вистинскиот пат на доброседство кој ќе резултира со исполнување на евроатланските интеграции на нашата земја, како и стабилност и економски развој на целиот регион. За жал сѐ уште се случуваат изолирани инциденти како денешниот во Солун (21.01- н.з), предизвикани од поединци и групи кои сѐ уште живеат во минатото и во политиките на конфронтација и национална изолираност, чии активности ги осудуваме како политики на омраза и нетрпение. Мнозинството граѓани сакаат да развиваат блиски и пријателски односи со што придонесуваат кон унапредување на соработката и перспективите меѓу двете земји“, се вели во соопштението на македонското МНР.

Nationalistische Griechen demonstrieren im Namensstreit mit Mazedonien (Reuters/A. Avramidis)

Според грчките медиуми, на протестот во Солун присуствувале меѓу 90 и 100 илјади демонстранти.

Нема „реприза“ на 1992 гoдина

Палењето на македонското знаме и неколку други инциденти се случија на протестот организиран од десничарски националистички здруженија, кои испратија пораката до владата дека Грција не треба ниту да преговара ниту да прифати решение за северниот сосед кое би го содржело името „Македонија“, со став дека „Македонија била, е, и ќе остане грчка“. Како што информираа грчките медиуми, на протестот присуствувале меѓу 90 и 100 илјади демонстранти.

Повеќе на темата: 

Атина е оптимистична за спорот за името

Спор за името: Големи одлуки бараат големи лидери

Никола Димитров: Јас сум оптимист со грижи

Никос Фрагопулос, долгогодишен дописник од Скопје за грчки медиуми, за ДВ вели дека колку и да ги надминал очекувањата за масовност (се проценуваше дека ќе учествуваат околу 30 илјади), протестот во Солун во ниту еден случај не може да влијае на преговорите меѓу двете земји за надминување на проблемот со името.
„Десничарските националистички организатори го избраа Солун за овој протест надевајќи се дека ќе ги разбудат 'патриотските' чувства, но во никој случај тој не може да се спореди со масовните протести од 1992 година, кога се собраа милион луѓе. Карактеристично е дека моќната Грчка црква, која беше генератор на протестите од 1992 година, сега се дистанцираше и беше воздржана, без оглед што тврдокорниот солунски митрополит Антимос учествуваше и имаше поздравен говор на протестот. Солун ја плати цената на јадро на грчкиот национализам поради прашањето со името, и сега расположението на голем дел на граѓаните на Солун е тоа веќе да не се повтори. Затоа на овој протест имаше повеќе луѓе дојдени од внатрешноста на Грција“, вели Фрагопулос.

Тој додава дека опозициската 'Нова Демократија' која претходно не зазела став за протестот, сега се обидува да го искористи за политички поени.

„Колку и да има спинови, манипулации и обиди за политичка злоупотреба на прашањето, очигледно е дека климата во Грција е променета. Сепак, масовноста на протестот покажува како чувствителните национални прашања можат да бидат злоупотребени од некои центри на моќ, и колку е опасно тие да се ставаат на референдум наместо политичарите да преземат одговорност и да носат одлуки“, оценува Фрагопулос.
Градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, вчера изјави „дека е разочаран што и по 25 години од спорот за името, психологијата и размислувањето на голем број грчки граѓани не е променето“.

„Проблемот е во тоа што луѓето сметаат дека Скопје ќе ни го одземе идентитетот. Никој нема да го направи тоа. Тие не се закана за нас. Луѓето се слабо информирани и си замислуваат разни нешта што не се реални. Веруваат дека ќе ни биде украдена историјата“, изјави Бутарис.

Партијата на Каракачанов ја брани Македонија

За протестот во Солун и запаленото македонско знаме информираа сите регионални медиуми. Но, на пораките на демонстрантите прва реагираше партијата ВМРО-Бугарско национално движење, чиј лидер е Красимир Каракачанов, актуелниот бугарски министер за одбрана.

„Не сте во право за Македонија!“ им порача ВМРО-БНД на грчките демонстранти.

„Ние, Бугарите, природно стоиме зад нашите браќа во Македонија во спорот за името. И ние сакаме да се реши овој спор. Но, без гнев. Никој не може целосно да ги лиши луѓето од Македонија од името што го користат нашите заеднички предци. Го разбираме аргументот дека Македонија не е само на Скопје, но не разбираме зошто некој сака зборот Македонија воопшто да го нема во нивното име. Да, македонска нација во историјата не постоела. Да, Македонија е географско име денес разделено меѓу три држави, дури и четири. Да, Скопје не може да има претензии кон околните држави. За сето тоа Ципрас е во право. Но зошто тогаш Атина има претензии да го монополизира тоа име? Денес Грција дефинитивно сака да го асимилира името Македонија. И тоа не може да се толерира“, порача партијата.

Притоа партијата потенцира дека и тие во Бугарија исто така можат да пројават претензии кон тие имиња и места.

„Но, не го правиме тоа, затоа што сметаме дека патот денес е пријателство и великодушност, а не пречки. Ние со нашите еднокрвни браќа во Македонија го покажуваме правилниот пристап“, порача бугарската ВМРО-БНД.

 

DW.COM

Реклама