Македонското здравство „клинички случај“
Состојбите во македонското здравство се загрижувачки.
Лекари без граници
Во периодот 2006-2015, бројот на лекари кои од Лекарската комора побарале потврда дека активно се занимаваат со клиничка медицина (потврда која им е потребна да работат во странство) се зголемил за речиси 20 пати. Македонските лекари кои секоја година пристигнуваат во Германија одлуката да заминат во странство ја носат поради економската состојба во државата и желбата за професионален развој.
Подобри услови за работа и живот
Според истражување на Хелтгрупер, 70% од докторите во Македонија во определен момент размислувале да заминат во странство. Факторите кои најмногу придонесуваат за тоа се: платата, работните услови и условите за живеење во земјата. Според истото истражување, докторите кои веќе емигрирале, на новите работни места се чувстуваат подобро, а 60% од нив воопшто не ни размислуваат да се вратат.
Целта е Германија
Во меѓувреме сѐ повеќе млади лекари масовно се запишуваат на курсеви за германски јазик. Јазичните училишта во земјата нудат специјализирани курсеви за докторите и студентите по медицина кои размислуваат по дипломирањето среќата да си ја бараат надвор од државата. Според анкети спроведени во регионот и во земјата, германски јазик во Македонија во моментов учат околу 63.500 луѓе.
Проекти
Најкрупните проекти во здравството се Клиничката болница во Штип, чија изградба е во тек и новиот Клинички центар - Скопје, најавен во 2012. Ветувањето на Тодоров беше дека Клиничкиот центар ќе биде изграден до 2017. година и дека ќе чини 70 милиони евра. По дваесетмесечен застој на градежните работи и неколку тендерски постапки, се издигна само цената на проектот – од 70 на 130 милиони евра.
Примарна здравствена заштита
Во меѓувреме голем број граѓани се соочуваат со недостаток од примарна здравствена заштита. Проблемот е најистакнат во гинеколошката пракса: Во 64 општини во Македонија нема или има недостаток од гинеколози, а ситуацијата е најсериозна во Шуто Оризари, каде нема ниту еден матичен гинеколог за повеќе од 8.000 жени.
Смртност на новороденчиња
Немањето на матичен гинеколог и редовна контрола на бременоста е фактор кој придонесува за зголемување на смртноста при породувањето и непосредно потоа. Според податоците на Заводот за статистика, во 2016. година починале 261 новороденче што претставува најголем број на починати новороденчиња во последните шест години. Во периодот од 2008 до 2016, во Македонија вкупно починале 2071 новороденчиња.