Македонски вахабисти и Албански евангелисти (2) | Северна Македонија | DW | 23.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Македонски вахабисти и Албански евангелисти (2)

Подемот на култистичките дружби е пропратна претходница на подемот на илиберализмот низ регионот, во која тие ја превземаат матрицата на ре-едукација на пучанството според моделите на идеолошките фондации од Западот.

Пред неколку месеци, низ медиумите проструи веста за церемонијата на именување "Амбасадори на Мирот”, организирана во Скопје од страна на, за домашната јавност опскурната Федерација на Универзален Мир (ФУМ). Церемонијата на која редица домашни јавни личности (претежно Албанци) беа прогласени за Амбасадори на мирот, беше само дел од редица слични настани претходно одржани во Албанија и Косово на кои стотици лица ја имаа честа да станат „Амбасадори мировници”. Вест во која нема ништо контроверзно, доколку наведената организација не е поврзана со свештеникот Сан Мјунг Мун, водач на „ново религиозно движење” наречено Движење на Унификација како матица на легално независни организации во кои спаѓа и ФУМ. Според странски извори, црквата на Мун често била карактеризирана како „опасен култ” која прокламира "крај на религијата” и "нема врска со христијанството”. 

Религија наспроти етнос

Неколку недели по настанот, низ американските медиуми проструи една друга вест, за бизарна церемонија на благословување, организирана од црквата наречена "Светилиште за светски мир и обединување”. Церемонија на која следбениците на црквата се венчаа - со нивните автоматски пушки АR-15! И повторно, ништо вредно за нашето внимание, доколку наведената Црква не е дел од истата мрежа на движењето на пречесниот Мун и ФУМ. Куриозната природа на поврзаноста помеѓу религијата, автоматските оружја и "мировните амбасадори” не завршува во Америка. Туку, по сѐ судејќи се шири и кон сферата на образованието кај нас, како што може да се заклучи од Конференцијата организирана во 2013 година од страна на ФУМ, Министерството за Култура и еден од домашните приватни Универзитети во Скопје, со присуство на државниот секретар од Министерството за Одбрана на РМ, редица домашни професори и амбасадорите на Албанија, Бугарија и Косово. Во едно од обраќањата на конференцијата, претставник на нашето Министерство за култура восхитено ќе цитира од автобиографијата на Сан Мјунг Мун, според која "религијата е широка река која тече кон идеален свет во мир.” 

Претходни колумни на авторот: Македонски вахабисти и Албански евангелисти (1)

Во освртите на американските медиуми за пречесниот Мун и неговото движење се тврди дека "многу од техниките кои Црквата на Унификација ги користела за пролиферација во Америка, се имаат прифатено од страна на мејнстрим евангелистичката заедница. Таквите техники вклучуваат фокусирање на обожување на фрагметирани домашни цркви' надвор од закрилата на службените црковни организации или зданија.” Куриозитет на настапите на оваа црква или движење е што во добар дел се има проширено низ соработка со субјектите на Албанците во Македонија.

За куриозитетот да биде уште поинтересен, сличен – речиси идентичен -  парадокс имаме и со ширењето на влијанието на Вахабизмот / Салафизмот, кој се одвива пред затворените очи на системот и преку претежно македонските субјекти во кои нивната активност се одвива под закрила на граѓанскиот концепт или плаштот на албанството (бошњаштвото, ромството, турството итн.) Сепак, повнимателните загледувања во детаљите на таквите пропоненти на "меѓуетничкото граѓанство” неминовно водат кон заклучок дека етничкиот идентитет на истите е длабоко потиснат во прилог на нагласената верска определба и наклонетост кон вахаби-култот на негирање на етничкото, националното, либералното и глорификација на религијата (поточно, култот) како единствен прифатлив идентитет. Специфичноста на оваа состојба е дотолку поизразена што таквата определба не само што не претставува пречка, туку напротив се смета како предност при нивната распределба и позиционирање на влијателни функции во земјата. Како што може да се заклучи според зачудувачки високиот број на службеници со обраование од верски образовни институции, кој навидум речиси е пропорционално повисок од оние со стекнато образование од ДУТ или УЈИЕ. Феномен одамна – со децении на ред – одомаќен во Србија и Македонија како составен дел на стратегијата за форсирање на исламот на сметка на гушење на етничкиот и национален идентитет на Албанците.

Mun-Sekte / San Myung Mun / Korea (Reuters)

Евангелистот Сан Мјунг Мун

Фејк религии

Заедничкиот именител за историјатите и фундаменталистичките карактери на наведените христијански вахабисти и исламистички евангелисти (sic!) е дека тие, според познавачите на религиите, немаат никаква врска со христијанството и исламот. Туку дека станува збор за култ движења под покровителство на државните администрации и експанзионистички вдахновенија. Или во духот на времето кажано, фејк-религии. Во случајот со Мун таа поврзаност, според американските медиуми, упатува на разузнавачката агенција на Јужна Корјеа, додека пак во случајот со вахабистите таа линија завршува на дворот на кралот на Саудиска Арабија. Наводи кои дополнително ја разјаснуваат природата на блискоста на овие култови со домашните безбедносни институции на земјата и засилената присутност на јавната политичка сцена. 

Претходни колумни на авторот: Но, референдумот може да успее 

Дека Македонија е атрактивно поднебје за привлекување на разно-разни верско-политички мешетари (под телекоманда на нивните им земски влади) и не е некоја новост. Искуствата со замешателствата од Турција и национал-исламистичките влијанија се познати, исто како и опитите со православната Црква на Вранишковски, заклучно со помалку познатите, но се позасилени обиди на одредени верско-медиумски влијателни лица блиски до Католичката црква на Хрватска низ Македонија. Новоста е во тоа што сите наведени ја зајакнуваат својата активност вперена кон традиционалните, автохтони домашни инсистуции на Православието и Исламот во Македонија. Како што може да се заклучи од нималку прикриените и медиумски подржани замешателства на највисоките "граѓани” на Социјалдемократијата во работата и одлуките на МПЦ и ИВЗ на кои бевме сведоци.

Најлесно податливиот заклучок од сето наведено е дека сме подложени на процеси на де-идентизација на етничкото и ревамп-идентизација на религиското. Дека посакуваната пост-етничка епоха наместо кон граѓанско општество се супституира со засега барем тивка прото-клерикална нарација за полесна контрола и експлоатација на паствата и рајата. Дека поместувањата на евро-азиската линија на поделба создаваат нови сојузи чии воено-полит-економски реалности треба да се нашминкаат и хуманизираат со соодветна контролабилна духовност. Дека низ среброљубие компромитираните традиционални религии се повлекуваат пред налетот на расниот супремацизам и декадентно ктиторство на моќните здружени во молзење на верата, ставена во заложништво на култот на религиите.

Инцидентни епизоди?

Сите наведени "случајности и коинциденции” се пречести за да се пренебрегнат и отгфрлат како дневни политикантства на екцесни групи. Во средина доминирана од рефус нации со растегливи идентитети, во општество на пауперизирани граѓани лишени од елементарно човечко достоинство, во држава каде смислата на правдата и анти-корупцијата е сведена на пакосно квази-милосрдно лицемерие на "цвеќе за влада и к'смет за болни деца”, манипулацијата со религијата не е исклучок туку правило кое чека да биде искористено и капитализирано. Токму затоа, излетувањата на "граѓаните” од СДУИ не може да се сметаат како инцидентни епизоди кои, ете така, наивно се поклопуваат со верските замешателства на демо-христијано-исламистите. Туку како дел од поширок дијапазон на социјални инжењеринзи вперени кон нас и нашите ионака кревки етнички, национални и граѓански идентитети.
Подемот на култистичките дружби е секако пропратна претходница на подемот на илиберализмот низ регионот, во која тие ја превземаат матрицата на ре-едукација на пучанството според моделите на идеолошките фондации од западот. Но за разлика од идеолошките фондации кои целеа и се фокусираа врз елитистичките полит-бизнис кругови, синовите и внуците на "старите служби” и партиските плакатолепачи, пропонентите на "апокалиптичните кругови” својата подршка ја бараат и добиваат кај најсиромашните и најзагрозени слоеви на општеството. Тивко градејќи мрежна подлога за идните настапи и поконкретни ангажмани. Судејќи според нивната бројност и безнадежноста за економско заздравување, нема сомнеж дека масовноста на нивното влијание нема да биде доведена во прашање. Искуствата со раните предупредувања за подемот на руските и турските замешателства низ регионот – кои редовно беа пречекувани со потсмев и презир од салонските дипломатии на Западот – се предупредување и најава за "алармантниот ангажман” на истите тие дипломати. Во часот во кој, веќе традиционално, ќе биде предоцна за нивно санирање.

DW.COM

Реклама