Македонски апсурд: Голем исчекор надвор, големи опструкции внатре | Северна Македонија | DW | 20.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Македонски апсурд: Голем исчекор надвор, големи опструкции внатре

Опструкциите немаат „милост“ дури и кога се во прашање врвните стратегиски приоритети на земјата. Блокадите на парламентот и натаму се решаваат на лидерски средби.

„Сега сѐ е во рацете на лидерите“. Оваа фраза којашто сведочи за вкоренетата практика блокадите на парламентот да се надминуваат на лидерски средби, и натаму го претставува Собранието како аминувач на решенија што ќе се договорат надвор од законодавната институција. Блокирањето на одреден закон речиси секогаш произведува потреба од вонинституционални активности, кои најчесто завршуваат со барање решенија „единствено“ на лидерски средби. Опструкциите немаат „милост“, дури и кога се во прашање врвните стратегиски приоритети на земјата. Пораката  „дијалогот да се врати во парламентот“, тешко фаќа корен кога работите ќе „згуснат“. За аналитичарите, ваквите состојби не се изненадувачки.

„Македонската политичка сцена секогаш функционирала по принципот 'политика пред право' и тоа не е нешто кое ќе се смени во догледно време“, вели политологот Ненад Марковиќ.

„Надмудрувањето и пресметките меѓу партиите преку Законот е нешто што голем дел од популацијата веќе го има интернализирано, можеби не како нормално, но секако како очекувано. Идејата дека некогаш овој циклус на политичко надитрување ќе биде надминат, за мене полека станува илузорна. Во таа смисла, кај добар дел од јавноста постои критички капацитет, но истиот се става во функција само во ситуации кога целта која политиката треба да се постигне се гледа како нелегитимна. А договорот со Грција е сигурно прашање кое предизвикува длабока поларизација“, укажува Марковиќ.

Една блокада, па друга блокода

Опозициската блокада на изборот на нов состав на ДИК веќе стана повод за две лидерски средби една по друга, и за најавена трета, која треба да се одржи најдоцна за три дена. Но, во меѓувреме е произведена и нова блокада. Со 402 амандмана е затрупана Комисијата за европски прашања, која според рокот во Деловникот има два работни дена за да расправа за измени на Изборниот законик во однос на изборот на ДИК, по скратена постапка. Измените беа предложени од Владата, со цел да се избегне опозициската блокада и наместо со двотретинско мнозинство, ДИК да се избира со 61 пратенички глас. Иако изборот на ДИК е тема на лидерски разговори, постапката во собраниската Комисија продолжува со цел да се испочитуваат роковите предвидени во Деловникот, доколку лидерите до понеделник не постигнат договор за тоа. Изборот на ДИК е клучен во овој момент, бидејќи тоа е телото што треба да го организира и спроведе најавениот референдум за Договорот со Грција. Динамиката на обврските преземени со тој Договор не дозволуваат временски лускуз на одложување, имајќи предвид дека референдумот би требало да се одржи на 30-ти септември или најдоцна на 7-ми октомври.   

Меѓу поддршка и саботажа

Она  што создава слика за внатрешен апсурд, е фактот дека крупниот исчекор на Македонија постигнат на надворешен план, најголемите опструкции ги доживува внатрешен. И тоа во време кога Договорот со Грција веќе произведува правни дејства поволни за земјата - покана за членство во НАТО и датум за почеток на преговори со ЕУ.

„Во дадениот контекст, постои и специфичен процес на релација домашни и странски политички фактори“, смета политологот Марковиќ.

„Процесот е проектиран да биде условен со успешноста на референдумот, која секако, секој политички фактор во државата различно ја доживува. Целиот процес кој би требал да кулминира со влез во НАТО, а по подолг период и во ЕУ се води со 'одење чекор понапред' од она што би требала да биде реална секвенца на настани, предвидени со Договорот. Така, сведоци сме на почнување на скрининг-процес пред официјално отворање на преговорите со ЕУ, што е одење чекор пред вообичаеното пристапување применето во други случаи. Тоа е секако политички маневар кој треба да создаде дополнителен политички притисок во државата, но и во самата ЕУ, како би се обезбедиле минимум гаранции дека процесот нема да биде саботиран внатрешно и надворешно“, оценува Марковиќ.

Шанса на дијалогот сѐ додека е возможно

Дали процесот ќе биде внатрешно саботиран, или опозицијата сепак ќе ја разбере неговата важност? Вчерашната лидерска средба заврши без договор, па напредок се очекува од следната.

„Доколку навистина се стремиме кон европските вредности и принципи, така треба и да се однесуваме. Истите вредности не само декларативно да ги соопштуваме, туку и да ги применуваме на дело“, изјави Мицкоски по вчерашната средба.

Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ за синоќа закажа седница на која Мицкоски требаше да ги извести партиските структури за разговорите од четирипартитната лидерска средба.

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, најави дека разговорите продолжуваат во недела или понеделник. Откако потсети дека во прашање се врвни државни интереси - интеграција во ЕУ и НАТО, во меѓуредови навести дека лидерските разговори нема да траат бесконечно и дека други „услови“ не доаѓаат предвид.

„Ќе му дадеме шанса на дијалогот и на разговорот, сè додека тоа е возможно. Очекувам на лидерска средба да се договори и имплементацијата на ДИК. Нема компромиси за стратегиските цели на Република Македонија. Амнестија, директна или индиректна - нема!“, порача Заев.

 

DW.COM

Реклама