Македонските демократски изгледи и Германија | Македонија | DW | 28.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонските демократски изгледи и Германија

Посветеноста кон системски реформи кои ќе го вратат владеењето на правото треба да биде приоритет на граѓаните. Во спротивно ни претстои бескрајна стабилизација, пишува во својата колумна Марко Трошановски

Кога сакаме да се присетиме на нешто забавуваме во одот, а кога сакаме да заборавиме забрзуваме, вели Милан Кундера. Толку ли се забрзавме  како општество, што се заборавивме себеси?! Изминатите неколку години политичките проблеми во Македонија се редат со огромна брзина, се случуваат неколку одеднаш или еден е веднаш заменет со друг. Хиперпродукција на закони, долгометражен сериjал на протести и контрапротести „бомби“, партиски прес-конференции неколку пати дневно.  Човек (експерт, политичар, граѓанин) тешко може мисловно да го организира сопственото искуство, да изгради информиран став, да преземе нешто. Под вакви, во комуникациската теорија наречени „вкрстени притисоци", поединецот најчесто се повлекува во резигнација, се откажува од слободата да промислува и постапува и својата судбина ја предава на друг – на судбината, на партијата или на меѓународната заедница.

Во оваа состојба на неподнослива леснотија на исчекувањето, македонските граѓани ја дочекуваат предизборната есен.  Од сите проблеми кои ја ескалираа кризата ниту еден не е решен, ниту пак начнат со исклучок на изборите. Освен СЈО како голема придобивка, очекувањата за темелни системски реформи, се оставени пост изборно и се во голема мера свртени кон меѓународната заедница, каде активна улога во медијација превзема Германија со назначувањето на специјалниот претставникЈоханес Хајндлкако медијатор во преговорите. Но колку оваа земја (може да) направи за нас? Не колку што очекувавме, но повеќе од што се надевавме.

Можеше ли подобро?

Според истражувањата на јавно мислење кај граѓаните постои поголема спремност да се поддржи поактивно вклучување на ЕУ и САД во насока на решавање на кризата (56%), иако граѓаните се поделени во оценката за улогата на меѓународниот фактор т.е. ЕУ и САД (42% ја гледаат позитивно, 45% негативно) (ИДСЦС, мај 2016). Во пракса, медијацијата од ЕУ изминатите година и половина, не овозможи ефективна посветеност на итните реформски приоритети, предлозите од извештајот на Прибе, како и првиот „Пржински" договор. Поради затвореноста на преговарачкиот процес (само четирите партии и медијаторите), не се успеа да се изгради „јавна сопственост" на преговорите, а општата и експертската јавност не можеше соодветно и навремено да проценува, надгледува и реагира. Оттука, мерките кои требаше темелно и суштински да го ресетираат македонскиот политички и судски систем, не се случија и се сведоа на неколку привремени точки на спогодба од вториот „Пржински"договор (уредник на МРТВ, надзорно тело за медиуми, старо-нова техничка влада и сл.). Сепак, дополнувањето на посредништвото на САД и ЕУ преку германското лидерство успеа да ја изведе ситуацијата од политички ќорсокак, а партиите да се обврзат на избори во декември. Дали сакавме подобро? Веројатно да. Дали можеше подобро? Веројатно не.  

Доколку започнеа преговорите за членство во ЕУ, Македонија ќе беше и формално „принудена" да ги спроведе и во пракса системските реформи на кои низ пржинските договори се обврзуваа нашите политички елити. Едноставно нема можност за заобиколување и одолговлекување. Алтернативите на нашата замрзната состојба не се ни од далеку мотивирачки т.е немаат формални механизми на принуда како што би ги имало отпочнувањето на преговорите за членство. На пример, пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) беше премногу технички и се сведе само на констатирање на форма, а не и пракса. Се разбира дека реформите се за наше добро и треба да се спроведуваат без принуда, но таквиот пристап бара високо свесни, одговорни и посветени политички елити.

Колку може Германија да помогне?

Оттука, блокадата од Грција (поради прашањето за името) е многу силна причина за стагнацијата во ЕУ интеграцијата на Македонија и уште подобар изговор за нашите политички елити. Ако нешто може да ја откочи работата, тоа е Германија да ја убеди Грција да ја одблокира Македонија, но колку е реално тоа да се очекува? Својата надворешна политика Германија  ја гради на два столба. Првиот е составен од приоритети и интереси, а вториот е т.н. ЕУ рефлекс кој во суштина значи дека Германија ја следи европската политика на проширување. Првиот столб подразбира дека прашањето треба да има голема значење за Германија и дека таа треба да е реално во можност да оствари влијание. Со оглед на ова граѓаните на Македонија треба да имаат реални очекувања. Во моментов, Германија води битки на многу фронтови. Брегзит, Украина, кризата во ЕУ, грчката финансиска криза, миграциите, исламскиот тероризам. Тука е и внатрешната нестабилност на политички елити (ЦДУ, СПД , Зелените), чија што позиција е сериозно разнишана на последните локални избори, што ја прави нивната иднина неизвесна. Сета оваа констелација, одзема енергија и време за Германија и ја става Македонија на маргините од врвните приоритети на нејзината надворешна политика. Грција и бездруго е притисната по многу финансиски прашања кои не се поврзани со Македонија, и тука можностите за влијание на Германија не се неисцрпни. Со оглед на сето кажано погоре, германскиот придонес, а оттука и на ЕУ, во консолидирање на македонскиот политички неред е првенствено во одржување на избори и враќање на демократските процеси во институциите на системот. Со други зборови, стабилизација на земјата. Тоа ќе биде и ќе остане прв приоритет.

Германијапреку ЕУ, ќе продолжи да ја охрабрува и поттикнува посветеноста на Македонија на итните реформски приоритети, првенствено преку извештаите за напредок на Европската Комисија. Повеќе од тоа е нереално да се очекува. Симболична политичка изолација на одредени партии и лидери нема да помогне на краток рок за лоцирање на одговорноста за оваа криза. Ниту пак кратењата на европските фондови од кои најмногу страдаат граѓаните и приватниот сектор, ќе имаат ефект врз однесувањето на политичките елити. Можеби европскиот ентузијазам во Македонија опаѓа во континуитет и моментално е на најниско ниво, но сепак ЕУ е цел околу која има највисок општествен консензус, а и реално немаме друга алтернатива. Стабилизација треба да значи забавување, враќање на политиката во институциите, за да не се заборавиме себеси. На крајот, очекувањата за посветеноста на системски реформи кои ќе го вратат владеењето на правото треба да си ги поставиме на нас самите - ние гласачите, граѓани на оваа земја, на правосудството, политичките партии и граѓанското општество. Во спротивно ни претстои бескрајна стабилизација. 

Марко Трошановски е претседател на Институт за демократија „Социетас цивилис“од Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле. 

 

DW.COM

Реклама