Македонските „бурбони“ и реставрацијата | Северна Македонија | DW | 02.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Македонските „бурбони“ и реставрацијата

„Начелното“ мислење на Врховниот суд е почетокот на планот за реставрација на озлогласената партија. Случајот „Талир“ е во сржта на таа одлука, сите други процеси се само бонус. Колумна на Љупчо Поповски

Еве една вистинска приказна. Во 1936 година Сталин отишол да ја гледа операта „Леди Макбет од Мценскиот округ“ од брилијантниот Дмитриј Шостакович. Таа во светот беше оценувана како неверојатно успешна, особено по изведбите во Лондон и Њујорк, и за две години по премиерата имаше култен статус. Приказната во неа е драматична – осамена руска жена од провинцијата се заљубува во еден од своите слуги и поради тоа го убива прво свекорот , а потоа и мажот. Наскоро по посетата на Сталин на операта Шостакович бил шокиран кога во „Правда“ го видел текстот со овој наслов: „Хаос наместо музика“, во кој биле изречени купишта отровни зборови.  Во текстот напишан лично од Сталин се толкувало дека музиката на Шостакович била антитеза на она што добра опера треба да биде, дека таа била намерно дисонантна и полна со врескање. Едноставно, тоа било дело на какофониска порнографија која го навредува советскиот народ. Преку ноќ Шостакович беше посрамен, понижен и фрлен во немилост и само го чекаше денот кога тајната полиција ќе затропа на вратата и ќе го однесе во Сибир. Но моќта на уметноста понекогаш е поголема од судбината, па следната 1937 година со неговиот одговор на режимот преку 5. симфонија Шостакович ќе доживее голем триумф за време на премиерата во Ленинград – публиката плачела за време на третиот став, а потоа, на крајот, овациите траеле повеќе од 40 минути.

Може ли да има некаква врска овој „практичен креативен одговор на советскиот уметник на критицизмот“ со сегашниве неколку драми во Македонија? Има, неколку. Едната е со настанот што крена на нозе стотици илјади луѓе (додуша во нивните домови). Фамозното „начелно“ мислење на Врховниот суд за истрагите што ги води Специјалното јавно обвинителство ја стави во вештачка кома институцијата која неколку години е единствената надеж за правда во Македонија. Сталин пишувал рецензии за музика за да ги дисциплинира композиторите, чии дела имале толку голем успех во западните престолнини. Во тоа време Сталин беше господ со советско лице во комунистичката империја. Јово Вангеловски не претендира да биде судиски господ во Македонија, но навестува дека може да има допир со севишниот. Барем што се однесува до судството. Неговата изјава за „Независен весник“ – дека „само господ е повисоко од Врховниот суд“ – е обид на камарилата врховни судии да им се даде некаков полубожествен статус, а тој како нивен предводник само што не ја допрел со показалецот раката на создателот. Таа негова изјава, во основа, го вади Врховниот суд од судскиот систем и го сместува на некој остров од каде пророчки треба да командува со настаните во општеството, а сосем малку да се занимава со неговата основна судска дејност. Големата лична нетрпеливост и меѓусебното омаловажување меѓу Јово Вангеловски и Катица Јанева се дел од коцките на мозаикот. Она што Јанева го кажа за Вангеловски оваа недела на гостувањето на 1тв премина некои куртоазни негативни рамки: „Немам доверба во тоа лице. Не го почитувам како професионалец и судија, избегнувам средби со него. Тој не постапува професионално и манипулира со јавноста. Се чудам како не даде оставка“, зборуваше со индигнација Јанева. Тој, пак, како човек што само не ја допрел раката на создателот, одговори од соодветната височина: „Под достоинство ми е да се спуштам на такво ниво на комуникација. Јас сум, сепак, малку писмен“.

Mazedonien Ljupco Popovski (Petr Stojanovski)

Љупчо Поповски, автор на колумната

Генерал без талири

Личниот анимозитет некогаш влијае врз настаните во општеството. Но во овој случај тој е само дел од пошироката приказна за реставрација на озлогласената партија. Првиот чекор е да се спаси ВМРО-ДПМНЕ од банкрот, а во крајна линија да се избегне нејзиното отфрлање од јадрото на политичката борба преку случајот „Талир“, па и некои подраконски одлуки што би можеле да следуваат. Подносителот на иницијативата до Врховниот суд, адвокатот Еленко Миланов, некни на Телма беше јасен – мотивот за неговата постапка бил единствено случајот „Талир“ и спасот на партијата. Сето друго доаѓа како бонус – и криминалниот заговор во „Империја“, и новото судење за „Монструм“, и истрагата за пописот... И Јанева на 1тв на поинаков начин го потврди тоа: „Имав средба со Мицкоски, тој ја побара. Во ноември. Разгроваравме најмногу за предметот ’Талир‘ и за имотот на ВМРО-ДПМНЕ. Јас побарав пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат продолжувањето на нашиот мандат. Мицкоски рече дека не може да влијае врз пратениците, но ќе разговара со нив“. Уф, Мицкоски, генерал без војска – не можел да влијае врз нив, но ќе поразговарал. Војската треба да се плати, па затоа мора да се сочува партискиот имот, без оглед на колку криминален начин е создаден.

Други колумни од Љупчо Поповски:

-До последниот здив

-Под мостовите на Дунав

-Скопје без смог - тоа сега е незамисливо

Некои велат дека отстутвото на партиските реакции било сигнал оти сите политичари биле фатени под рака да го урнат СЈО. Тоа, сепак, е претерано да се каже. Зарем ВМРО-ДПМНЕ би кажало нешто против одлуката на Вангеловски и камарилата кога клучниот процес за партијата би можел да биде затворен во фиока. Или ДУИ да побара да продолжи истрагата за Али Ахмети за неговата улога во пописот. СДСМ преку министерката за правда ја даде оценката за одлуката на Врховниот суд и таа е посилна од некое чиновничко соопштение. Ако Вангеловски даде некаква елаборација на одлуката, ако Лидија Неделкова делумно ја објасни траорната молчалива атмосфера на седницата, јавноста не се заинтересира да дознае што мислат другите 16 судии кои кренале рака за иницијативата на адвокатот Миланов и што ги натерало да молчат. Притисокот, конформизот, судиската убеденост или незаинтересираноста – тоа се прашањата на коишто треба да одговорат. Или бидејќи се тие на чекор до полубожественоста непристојно е да се соочат со прашања, а не да даваат одговори.

Jovo Vangelovski (DW/K.Blazevska)

Јово Вангеловски

Во основа, одлуката има единствена цел - да се поплочи патот кон реставрацијата. Прво во партијата, а потоа полека и во општеството. Кога Бурбоните се вратија на власт во Франција во 1815 година (поточно, беа донесени назад) тие беа жедни за одмазда, за враќање на стариот поредок кој го урна револуцијата од 1789 година. Тие се вратија во кралските одаи заедно со Луј 18. Големиот дипломат Талјеран тоа го опиша со зборовите: „Тие не научија ништо и не заборавија ништо“ и уште од првиот ден ги повторуваа грешките од минатото поради кои избегаа во егзил. Можеби се сеќавате на познатото интервју на претседателот Ѓорге Иванов од мај 2016 година за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ кога објаснуваше како би ја донел истата одлука за аболицијата и кога ја даде познатата ројалистичка пресуда: „Оваа атмосфера на конфликт е дело на Специјалното јавно обвинителство. Тоа истражува селективно само против владејачката партија“. Нема ништо поинакво и во ова ројалистичко „начелно мислење“ на судиите на Врховниот суд.

Филозофијата на ројалистите

Овдешните „бурбони“ сакаат првиот друм кон реставрацијата да го поплочат со претседателските избори. Тие се обидуваат тоа да го направат по стариот образец – на кандидатот за претседател да му дадат професорска обланда. Но колку и да изгледаат работите исти кај овдешните „бурбони“ тие, всушност, се многу различни. Првата кандидатура на Ѓорге Иванов јавно беше поддржана од влијателна група во врвот на ВМРО-ДПМНЕ : Зоран Ставрески, Антонио Милошоски, Гордана Јанкулоска, тогашниот вицепремиер Ивица Боцевски; потоа Вилма Трајковска, Светомир Шкариќ, Гордана Силјановска. Шкариќ тогаш објаснуваше дека Иванов може да ги „реши проблемите на Македонија исто како што Барак Обама може да ги реши проблемите на САД“. Подоцна, Шкариќ, разочаран од однесувањето на неговото протеже, напиша дека Иванов не заслужува втор мандат: „Не си подготвен да бидеш независна личност, немаш желба да излезеш од рамките на партијата, стана човек без нови идеи...“ Но тоа мислење на менторот не им попречи на десетици други академици, политичари, владици, професори, да не испратат писмо до конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ како поддршка за втората кандидатура на Иванов.

И сега има 30-ина професори кои ја предложија Гордана Силјановска за кандидат за претседател, но меѓу нив нема никој од партиската структура на ВМРО-ДПМНЕ, иако таа е изборот на врвот на партијата поради нејзините нагласено патриотски ставови. Но затоа се појави еден неочекуван кандидат од Извршниот комитет, Владимир Ѓорчев, кој веќе доби поддршка од одредени високорангирани партиски функционери. Тоа на одреден начин ги демократизира овдешните ројалисти и покажа каква фрагментација преживува партијата. Ѓорчев е често потценуван поради неговите исти и често здодевни говори насочени само кон одбрана на партијата, без оглед какви злодела правела таа. Тој вели дека не му паѓа на памет да се откаже од кандидатурата и обидувајќи се да го наслушне американскиот фон му испрати писмо на потпретседателот на САД Мајк Пенс, во кое ја поддржува политиката на Вашингтон околу кризата во Венецуела. Неговото изненадувачко писмо има уште поизненадувачка содржина – тој застана против Николас Мадуро а на страната на самопрогласениот претседател Хуан Гуаидо. Ова е прв пат некој функционер и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ за овие петнаесетина години да застане против еден автократ во светот и без оглед што ова писание на Ѓорчев е дел од кампањата, тоа има свое значење. Тоа можеби не е главниот знак за новото ВМРО-ДПМНЕ, но е драматичен отклон од писмото на Христијан Мицкоски во кое тој му држеше лекции на високиот американски дипломат Вес Мичел.

Патот кон реставрацијата Христијан Мицкоски сака да го трасира и преку вонредни парламентарни избори, не поради тоа што е сигурен дека ќе победи, туку најмногу поради тоа што сегашните ројалисти од врвот на партијата на чело со него треба да седнат во пратеничките клупи. Најмалку половина од сегашнава пратеничка група сигурно нема да се најде на листите на изборите како отпадници од „бурбонската класа“, а потоа и покрај можниот пораз, Мицкоски и целата група околу него ќе можат да застанат на вистинската сцена што очајно ја посакуваат – парламентот. Тогаш ќе може да почне вистинската борба за реставрацијата на режимот, откако „тие не научија ништо и не заборавија ништо". Како што Бурбоните во Франција не се откажаа од териториите што ги освои Наполеон, така и овдешните „бурбони“ нема да се откажат од Преспанскиот договор, ниту членството во НАТО, ниту законот за јазиците. Нивната цел е едноставна како и на сите ројалисти – да владеат со секој сегмент на општеството, за кое мислат дека некој неправедно им го украл.

 

DW.COM

Реклама