Македонскиот пациент на работ на амбисот | Македонија | DW | 11.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонскиот пациент на работ на амбисот

Македонија е сѐ поблиску до работ на амбисот. Парламентарните избори можат да донесат промена-или нова ескалација, пишува германскиот печат. Попоски открива дека во 2009 била одбиена можноста да се почнат преговори со ЕУ

Иако поголемиот дел од изборната кампања во Македонија мина без речиси ниту една вест во германските медиуми, на изборниот ден речиси сите поголеми и позначајни медиуми на германски јазик посветија значителен простор на случувањата во земјата. „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ и „Шпигел“ преку анализи ја доловуваат атмосферата, додека „Стандард“ објави интервју со шефот на дипломатијата Никола Попоски, кој признава дека во 2009 година била направена голема грешка и не била прифатена понудата од Грција, Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ и паралелно да го решава спорот за името. 

„Изборите во Македонија можат да означат почеток на крајот на политичката криза која веќе неколку години ја турка земјата сѐ поблиску до ивицата на амбисот - или би можеле да бидат и почеток на следната ескалација. Без разлика на исходот, изборите се важни за Европа, затоа што Македонија е тесното грло на балканската бегалска рута: тоа што бегалскиот бран кон Европа беше запрен, не се должи само на договорот меѓу ЕУ и Турција, туку исто толку и на фактот дека Македонија ја затвори својата граница кон Грција“, пишува ФАЦ.

Денот потоа?

„Никој не може однапред да кажа дали Груевски ќе прифати евентуален изборен пораз - меѓу другото и затоа што тој и многу негови блиски соработници при губење на власта ќе мораа да сметаат со судски процеси. Со оглед на материјалот, кој самите си го собирале за себе, ним им се закануваат затворски казни. Но и доколку ВМРО и нивниот досегашен албански партнер го загубат мнозинството, од другата страна се уште нема стабилно мнозинство. Доколку победи ВМРО, новата легитимација веројатно ќе ја искористи за да се обиде да ги зацврсти авторитарните и клиентелистички структури, кои и досега беа основата на нивната моќ - и со тоа да ја продлабочи кризата во една од најслабите држави во Европа. Во секој случај, останува опасноста дека Македонија повторно ќе се најде на дневен ред на Европа, но не поради бегалската криза“, оценува ФАЦ. 

И онлајн изданието на „Шпигел“ денеска, во текот на изборниот ден, им посвети текст на изборите во Македонија. Во него, меѓу другите, се цитира македонскиот аналитичар Сашо Орданоски кој состојбата во земјата ја оценува како „една од најуспешните лаборатории на популизмот во Европа“. „Во двомилионската земја во срцето на Западниот Балкан од 2006 година владее натионалистичко-популистичката партија ВМРО-ДПМНЕ на чело со моќникот Никола Груевски. Тој од некогашен либерален реформски политичар се претвори во шовинистичко-големомакедонски реторичар. Под параванот на оваа идеологија Груевски постави еден мафијашки режим, во кој тој и неговата партија презедоа целосна контрола врз државниот апарат, правосудството, медиумите и економијата“, пишува „Шпигел“.  

Nikola Poposki Interview Mazedonien (DW/M.Jovanovski)

Попоски открива дека во 2009 година грчката влада се согласила да дозволи Македонија да ги започне преговорите за членство со ЕУ

Одбиена понуда за старт на преговори со ЕУ

Австрискиот „Стандард“ во неделното издание за изборите во Македонија објавува интервју со министерот за надворешни работи Никола Попоски, како и репортажа во која се раскажува голготата низ која минува новинарот Томислав Кежаровски.  

Во разговорот за „Стандард“, Попоски открива нешто што досега не ѝ беше познато на македонската јавност, имено дека во 2009 година грчката влада се согласила да дозволи Македонија да ги започне преговорите за членство со ЕУ, под услов во следните месеци паралелно да се бара и решение за спорот за името. Попоски не кажува децидно, но таквиот предлог бил одбиен. Денес, Попоски смета дека тоа била „ужасна грешка“. 
„Во однос на приближувањето кон ЕУ во 2009 година направивме една страшна грешка. Тогаш ја добивме првата препорака од Европската комисија за почеток на преговорите. Предлогот на Грците беше, ние да ги започнеме преговорите и потоа во рок од неколку месеци да го решиме спорот за името. Но во меѓувреме ниту започнавме преговори со ЕУ, ниту пак го решивме спорот за името, и сега е уште помалку веројатно дека ќе се најде решение, затоа што на крајот веќе ќе го нема морковот. Затоа сега е важно да се врати стабилноста. Тоа може да се направи ако се почнат пристапните преговори. Грција со тоа нема да ја загуби својата позиција, затоа што е јасно дека ние не можеме да отвориме ниту едно поглавје без согласност од Грција“, вели Попоски во интервју за австриски „Стандард“. 

DW.COM

Реклама