Македонскиот БДП во минус – последен удар на пандемијата | Северна Македонија | DW | 07.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Македонскиот БДП во минус – последен удар на пандемијата

Заводот за статистика објави дека во првите три месеци од годинава има намалување на БДП од -1.9 отсто. Проценките се дека до есен ќе започне заздравувањето на економијата.

Македонската економија е во минус, како последица на третиот бран на пандемијата со Ковид-19.  Државниот завод за статистика објави дека во првите три месеци од годинава има намалување на БДП од -1.9 отсто. Намалување има кај бруто инвестициите и јавната потрошувачка, а раст има во секторот градежништво и кај земјоделството. Па така, во првото тримесечје од 2021 година, пораст е забележан во секторите: градежништво од 1.7 %, дејности во врска со недвижен имот од 0.5 % и земјоделство, шумарство и рибарство од 0.3 %. 

Извозот и увозот на стоки и услуги бележат раст во споредба со минатата година - извозот номинално се зголеми за 18.3 %, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 11.2 %. Во мај има раст на трошоците за живот.

-повеќе на темата: Македонскиот извоз расте, но производството се намалува

Институтот за економски истражувања Фајнанс тинк во најновиот макроекономски извештај оценува дека негативната стапка на БДП во првиот квартал од годинава е последица од третиот бран на пандемијата кој беше проследен со рестриктивни мерки.

„Во првиот квартал од 2021, БДП се намали за -1,9 проценти на годишна основа како резултат на третиот бран од пандемијата со Ковид-19, кој наметна продолжување на карантинот дома и кај главните трговски партнери. Во вакви околности, исцрпувањето на ефектите од две клучни владини мерки – субвенција за задржување на работните места „14 500 денари по работник” и еднократната парична помош за ранливите групи граѓани – ја задржа приватната потрошувачка нешто над нивото од К1-2020 (раст од 0,4 проценти). Додека, јавната потрошувачка ја започна консолидацијата по големата експанзија во претходните три квартали (во К1-2020 намалување од 2,2 проценти)“, се наведува во извештајот.

Инвестициите забележале остар пад од 16,6 проценти што било рефлексија на воздржаноста од преземање на позначајни потфати, но надворешната трговија покажала знаци на подобрување, односно раст на извозот од 8,6 проценти и на увозот од два процента.

-повеќе на темата: План за спас на економијата-пандемијата ја урна, инвестициите ќе ја враќаат во живот

На производната страна, најголем дел од дејностите се на исто или блиску до нивото од првиот квартал од 2020 година, освен преработувачката индустрија која бележи пад од 6,2 проценти. Невработеноста бележи благо намалување на 16 проценти, а вработеноста благо зголемување од 46,8 на 47,1 процент што според Фајнанс тинк упатува на стабилизирање на пазарот на труд.

Во дејностите транспорт, хотелиерство и услуги со храна и други дејности изгубени се околу 9500 работни места што се должи на третиот бран од пандемијата и рестриктивните мерки. Во извештајот се оценува дека неизвесноста во економијата спласнува во вториот квартал од годинава со почетокот на процесот на масовна имунизација и постепеното намалување на рестриктивните мерки. Ако економските текови се нормализираат до разумен степен до почетокот на есента, проекцијата за растот на БДП би била 4,1 процент.