Македонската историска траума и македонскиот синдром | Северна Македонија | DW | 11.05.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Македонската историска траума и македонскиот синдром

Никој не може на Македонците однадвор да им одземе толку многу, колку што тие самите можат да уништат во својот дом. Затоа што не сакаат да ја прифатат одговорноста која произлегува од државноста. Пишува Кица Колбе

Зошто во секоја криза  ние, денешните слободни Македонци, се однесуваме како да е уште 1903-та?  Секој напад однадвор  го примаме толку панично, небаре ги разнишува  темелите на македонското постоење. Тоа прави лесно  да се прифаќаат приказните за светски заговори. Просечниот Македонец ја доживува историјата како гигантски заговор  против Македонците.  Секако, тие  се вљубени во историската митологија. Меѓутоа, сето тоа  води во  патологија  и бегство од реалноста. Митолошката слика создава страв и параноја. Таа го спречува критичкото мислење, но и сочувството со сонародникот. Тој е предавникот, а тие се патриотите. Македонците уште само реагираат, а не агираат. Тие не создаваат јасен план за активност и за иднина. Тие чекаат светот да им ја донесе иднината. Дека  тие самите треба да  си зацртаат цели и планови, тоа  сознание секогаш го одложуваат за подобри времиња. Дека тие самите треба да ги реализираат сите планови со мудрост, ум и со многу работа, на Македонците им е често неприфатливо, затоа што самите немаат доверба во себе. Тие уште веруваат дека  некој може да им подари или да им одземе членство во ЕУ. Затоа ги обзема паника од уцените со блокада од Бугарија. Тие не сфаќаат дека условите за ЕУ ги создаваат самите Македонци. Затоа не сознаваат една важна вистина: не можеме да ги промениме соседите, ама може да се промениме себеси.

Македонски синдром

Најнапред, да го надминеме однесувањето кое порано се култивираше во македонски  архетип. Дека каде се тројца Македонците, двајцата го јадат третиот. Тоа не е културен архетип. Тоа е македонски синдром, кој сведочи за ненадмината траума. Никој не може  на Македонците однадвор да им одземе толку многу, колку што тие самите можат да уништат во својот дом. Затоа што  не сакаат да ја прифатат одговорноста која произлегува  од државноста.  Македонците се уште  виртуелни борци – едни против други. До слобода, во умот и  во свеста, многумина од нив уште не  стигнале. Затоа што слободата обврзува. Таа бара одговорност. Таа бара да се жртвуваат приватните интереси за заедничките. Таа бара совест и етичност. Таа бара работа. Макотрпна, долга работа. А тоа се‘ особини и начини на однесување кои не се многу омилени меѓу Македонците.  

Луѓето што имаат силна национална самосвест, не се плашат дека некој може да им го оспори тоа. Тие уште помалку се плашат дека некој  ќе им го промени идентитетот. Затоа што тие знаат кои се. Зошто тогаш се плашиме дека некој „ќе не избрише“ како Македонци? Дека ќе не промени, ќе не‘ обезличи? 

Од одговорот на ова прашање за Македонците  зависи и јасната свест за нив самите и за нивната иднина. Тие  уште не се соочиле критички со  македонската  историска траума. Нашите предци немаа можност да ја надминат траумата во нивните биографии, која произлегуваше од сложената историја на Македонците. Затоа што немаа заштитен простор, кој го нуди сопствената држава, за да можат да  не се чувствуваат постојано загрозени. И да почнат критички да се соочуваат со сопственото однесување. За да станат свесни  за своите слабости и порази. Како и за своите предности и  победи. Само тоа создава услови за критички и реален однос кон стварноста и кон себеси. Современата психологија не учи дека кога луѓето  не ја надминале траумата што ја доживеале во своето минато, тие таа траума ја пренесуваат и на нивните деца. Тоа е познатата терија на епигенетското трансгенерациско наследување на траумата. Во кризи, и децата на  некогаш трауматизираните родители се однесуваат слично на  нив во истите услови. Не само луѓето, туку и народите  ја пренесуваат ненадминатата траума од една генерација на друга.

Претходни колумни од авторката: 

Земја на печалбари

Македонското издаваштво – ситнотрговство без визија

Македонските пазари

Гоце Делчев - биографија над сите балкански национални граници

Само согледувајќи ја  „македонската  историска траума“, би можеле да ја разбереме паничноста со која Македонците масовно реагираат кога Бугарија го оспоруваат македонскиот јазик. Дури и кога не се свесни за тоа, а најчесто е така, тие реагираат со страв токму поради  паметењето на траумата на нивните предци.  Таа траума е врежана во македонското наследено историско паметење. Ние растевме со фамилијарните приказни за промената на личните имиња на нашите родители и предци. Ние растевме со  сведоштвата за забраната на македонскиот јазик, како во моето егејско семејство. Административното менување на личните имиња, кое има траги во  фамилијарната биографија на секој од нас, длабоко е всадено како „шифра” и во нашето лично паметење. Македонците  уште веруваат дека некој друг, политички посилен од нив, може да им го смени и идентитетот и јазикот и личното име. Затоа што тоа се случувало со нашите предци во минатото. Поради тој нерефлектиран, наследен страв, забораваме толку брзо дека денес не е 1903-та. Дека денес имаме многу инструменти на одбрана на  нашата самобитност, за кои не мораме пак сите да станеме нови комити и патриоти.

Наследено паметење

„Идентитетот не се наследува со гените“, вели Алајда Асман, една од  времелувачите на  теоријата на културалното паметење. Меѓутоа, тоа што се наследува од  предците и тоа што, во крајна мера, го обликува начинот како ние се однесуваме кон светот е  историското искуство, наталожено во културалното паметење. Тоа што како идентитет  не‘ определува не е она што се случило пред дваесет века. Туку тоа  што го паметиме како наследено искуство од нашите предци. Временскиот период на тоа паметење не е подолг од три генерации. Токму затоа е значајно за  секој човек, за секоја фамилија, но, конечно, и за секој народ, да сознае  дали во наследеното културално паметење постои ненадмината траума.  Тоа прашање ретко си го поставуваат Македонците. Затоа што тие уште не агираат, туку само реагираат, небаре се  уште жртви, небаре уште немаат право на слобода и самопределување.

Модерната  психологија говори се‘ повеќе за тоа дека одередени шеми во однесувањето на личноста имаат врска со „епигенетските талози“ кои ги оставиле траумите на војните или страдањето во минатото. Поинаку кажано, кога ќе се запрашаме зошто како Македонци секогаш одново во кризни времиња се однесуваме како да е уште времето на 1903-та, тогаш ќе ни‘ стане јасно дека не сме ја надминале историската траума на нашите родители и предци. Да, тие имаа причина да стравуваат дека некој ќе направи од нив Грци, Бугари или Срби – затоа што немаа своја држава. Да, само во Македонија иста мајка раѓаше и Бугарин и Македонец и Грк и Србин. Ама за нас тоа е минато! Иако, очигледно, тоа минато е  нашата трансгенерациски наследена траума. Таа несвесно и понатаму ќе го дефинира и нашето однесување, доколку не сфатиме дека ние  не сме во ситуацијата на  нашите предци. Македонците денес имаат своја држава. Од нив никој не може да направи Бугарин или Грк, ако тоа тие не го сакаат. Нашите родители уште  одеа во училишта во кои учителите ги уверуваа дека нивниот мајчин јазик е тој што ќе го научат од нив – грчкиот, српскиот, бугарскиот. Ние, генерацијата на родените по војната, бевме првите македонски генерации кои учеа на македонски.

Моќта на јазикот

Преобразбата на општеството  започнува од  промената на свеста на секоја личност. Ние, Македонците родени по војната во првата македонска република, а подоцна и суверена држава, не смееме да стравуваме дека некој може од нас да направи нешто друго. Ние треба од загрозата однадвор да  направиме шанса за наша промоција. Со добро организиран проект да им покажеме на сите во Европа кои се  Македонците и македонскиот  јазик. Никој не може да обезличи јазик на кој е создадена  литература која може да се мери со литературите во светот. Јазик на кој се преведени сите светски литератури. Меѓу нив, и бугарската. Доколку македонскиот и бугарскиот јазик би биле идентични, тогаш секој превод од бугарски на македонски би бил некој чуден знак за  шизофренија.

Македонците се плашат дека некој во ЕУ може да им забрани да го нарекуваат својот јазик македонски. А се  потрудиле ли да се направат извонредни преводи на македонските автори на странски јазици? Јазикот, што  има јасна стратегија за своја промоција во светот, секогаш го има во најдобрите изданија во целиот свет. Тоа не е случај и со македонскиот. За  да се промени лошата состојба, треба да има добри преведувачи од македонски. А како да има добри преведувачи од македонски кога нема  лекторати во најзначајните земји во Европа, но и во светот? Замислете си да се случи ( за нас чудо!), па Франкфуртскиот саем на книгата да посака,  по една или две години, земја домаќин на саемот да биде  РС Македонија. Каде ќе најдеме толку добри познавачи на македонскиот јазик меѓу германските преведувачи, за тие да можат во најкус рок да ги преведат најдобрите македонски автори? За  нашиот македонски ум е  равно на чудо саемот на книгата во Франкфурт или во Лајпциг  да посака да ја презентира македонската литература. А тоа не  треба да биде незамисливо   чудо. Тоа треба да биде реална цел. Тоа треба да биде плод на добра културна политика и на макотрпна промоција на своите вредности. Тоа го направија хрватските писатели со помош на хрватското министерство за култура уште пред да почнат преговорите на Хрватска со ЕУ. И презентираа триесетина хрватски автори во извонредни преводи на Саемот во Лајпциг. А има ли Македонија ниет да направи такво нешто? Оти, најдобриот доказ за самобитноста на македонскиот јазик е нејзината литература, поезија, филозофија. Доказ за тоа е фактот што јас можев да го преведам Мартин Хајдегер, еден од  јазично најтешките германски филозофи, на македонски. Само што тоа беше првиот превод на книга од Хајдегер на македонски. А остана и последниот! Тоа, за мене,  е поголема трагедија за македонската состојба на духот од дневно-политичките напади на македонскиот јазик  од соседна Бугарија.

 

Реклама