Македонската економија заздравува од пандемијата - раст на БДП од 13,1 отсто | Северна Македонија | DW | 06.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Македонската економија заздравува од пандемијата - раст на БДП од 13,1 отсто

Според проекциите на Владата, економијата ќе бележи раст од 4,1 процент и просечен годишен раст од 5,4 проценти во следните пет години.

Растот на Бруто домашниот производ (БДП) од 13,1 процент во вториот квартал од годинава укажува дека кризата одминува и економијата заздравува, оцени денеска премиерот Зоран Заев на Првата годишна конференција „Економско заздравување и раст по Ковид- 19“ во Скопје, што ја организира Министерството за финансии. 

Заводот за статистика објави дека во вториот квартал од годинава е регистриран позитивен раст на Бруто домашниот производ во износ од 13,1 процент. „Ова значи дека првото пологодие од оваа година постигнавме раст на БДП од 5,6 проценти“, вели Заев, кој смета дека статистички податоци се потврда дека економијата е стабилна и ќе расте. 

Очекувања

Според проекциите на Владата годинава економијата ќе бележи раст од 4,1 процент, а очекувањата се дека извозот ќе бележи раст од 10,6 проценти и бруто- инвестициите осум проценти. 

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, вели дека земјата минатата година се соочии со најголем пад на БДП во последните три децении. „Евидентиравме пад на БДП од 4,5 отсто во 2020 година и според нашите проценки, со фискален стимул од околу 11 проценти успеавме да го ублажиме за околу 4,2 процентни поена, инаку економскиот пад би бил -8,7 отсто“, рече Бесими. 

-повеќе на темата: Македонија во политички грч пред вториот бран на Ковид

Фокусот во наредниот период, според него, е ставен на фискална консолидација на среден рок преку намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, како и нивно доведување во рамките на фискалните правила од три и 60 птоценти како дел од БДП. „Согласно оваа амбиција, проектираме раст од 4,1 отсто за оваа година и просечен годишен раст од 5,4 проценти во следните пет години. Исто така, за да се осигураме дека ова нема да остане само желба, подготвивме план за финансиско заздравување и забрзување на растот“, вели министерот.  

Mazedonien Geld Denar

Фокусот во наредниот период е ставен на фискална консолидација на среден рок преку намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, вели Заев

Според амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мери Брнз, македонската економија покажала дека може брзо да се адаптира и ги надмине предизвиците предизвикани од пандемијата. 

„Големите компании маневрираат низ лавиринтите на бирократијата и инвестираат во Северна Македонија, но малите се соочуваат со предизвици на пазарот. Треба да се обезбедат чесни правила за набавки, да се воспостави едноставна административна процедура и да се подобри деловната клима за да се привлечат нови директни инвестиции“, вели таа. 

Проекции

„Finance Think“ оценува дека растот на БДП е резултат на масовната имунизација и нормализацијата на економските текови. Тие предупредуваат дека неизвесноста во економијата повторно е зголемена во третиот квартал поради четвртиот бран од пандемијата и дека остануваат на проекцијата за раст на БДП од 4,1 процент годинава. 

„Иако се очекува дека мерките за спречување на ширењето на коронавирусот
од август 2021 ќе имаат ограничен неповолен ефект врз економијата, сепак
неизвесностите кај најпогодените дејности се сe уште нагласени“, велат од
„Finance Think“. 

-повеќе на темата: Македонскиот извоз расте, но производството се намалува

Во најновиот извештај за макроекономските показатели за вториот квартал од
годинава, од „Finance Think“ наведуваат дека високиот раст во вториот
квартал е остварен на ниска споредбена основа од вториот квартал од 2020, во кој пандемијата го имаше првиот и најсилен удар на економијата.

„Според дејности, ударот пред една година беше најсилен врз трговијата,
сместувањето и послужувањето храна, и транспортот, како резултат на што и
растот во вториот квартал од 2021 е најголем во овие дејности – 46
проценти. Растот кај останатите дејности е значајно помал, со исклучок на
индустријата, која порасна за 11.4 проценти, наведува „Finance Think“, додавајќи дека ваквиот раст на БДП во вториот квартал се должи и на растот на бруто инвестициите, извозот и увозот кои во голема мера зависат од капацитетите во ТИРЗ зоните.

DW.COM