Македонката Нина и Германката Лиза ги поврзуваат Балканот и Германија | Информации и анализи за Балкан | DW | 04.07.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Македонката Нина и Германката Лиза ги поврзуваат Балканот и Германија

Нина и Лиза волонтираат во организацијата „Schüler Helfen Leben” („Учениците помагаат“). Собираат донации за младите во ЈИЕ. Почнаа да снимаат и подкаст на германски јазик.

„’Schüler Helfen Leben' ми даде шанса да се активирам политички“, вели 19-годишната Нина Атанаскова од Северна Македонија, која во моментов волонтира во германската младинска организација „Schüler Helfen Leben" (СХЛ) во Нојминстер. Оваа млада Македонка низ практична работа од јули 2019 година не само што научи течно да зборува германски јазик, туку држи и предавања и води работилници во училиштата.

„Тука научив многу работи, но најдобро искуство за мене беше на Денот на отворени врати во канцеларијата на германската канцеларка. Таму имавме можност да ја видиме госпоѓа Ангела Меркел“, вели Нина за ДВ.

Schüler Helfen Leben Nina Atanaskova (privat)

Нина Атанаскова волонтира во Нојминстер

Заедно со другите млади луѓе од ЕУ и таа работи на имплементација на проекти насочени кон антидискриминација, поттикнување на младите да се ангажираат во сопствената заедница, како и за поддршка на бегалците.

Нејзина врсничка е и Лиза Елишер од германското гратче Санкт Петер-Ординг на Северното Море. „Да, секако дека ја познавам Нина! Заедно работиме на подкаст на германски јазик за ангажирање на младите. Се вика ’Активирај се!’“, воодушевено раскажува 20-годишната Лиза за својата соработка со Нина Атанаскова.

Младите на Балканот немаат доволно можности

Лиза веќе неколку години волонтира за СХЛ. За време на нејзиниот ангажман ја посетила Босна и Херцеговина, а до неодамна беше и во Србија, каде помина осум месеци работејќи во партнерската организација на СХЛ – „Атина“. Таму им помагала на мигрантите и млади кои биле жртви на трговија со луѓе, или преживеале некаков друг вид на насилство или експлоатација. Поради корона-кризата во март морала да се врати во Германија. Денес таа има многу пријатели во регионот и сака што побрзо да се врати назад за да може директно да им помага на оние на кои им е потребна помош. „Југоисточна Европа ми прирасна за срце“, вели таа.

Schüler Helfen Leben Lisa Elischer (privat)

Лиза Елишер сака да се врати во ЈИЕ

Двете млади девојки имаат ист став кога се во прашање разликите меѓу Југоисточна Европа и Германија: недостаток на перспектива за младите. За да се реши токму овој проблем, генералниот директор на СХЛ, Анзгар Зенг смета дека младинските организации во сите земји на Западниот Балкан треба да бидат гласот на младите во политиката и општетството и да се залагаат за своите права.

„За да ја поддржиме растечката европска заедница во следните неколку години сакаме да ја интензивираме меѓународната размена на младите од Југоисточна Европа со Германија и другите ЕУ земји“, вели тој во разговор за ДВ.

„Србите прават многу од она што го имаат“

Волонтерите на СХЛ исто така се најмногу заинтересирани за размена, но и сакаат да се чувствуваат корисно – нешто за кое немаат можност во своите татковини. „Нашите системи и општества на Балканот не се толку добро развиени и младите луѓе немаат можност да бидат активни, но јас таквата можност ја добив преку проектите на СХЛ.

Deutschland Schüler Helfen Leben | Ansgar Seng Geschäftsführer bei der SHL in Berlin (SHL)

Зенг: Короната ја промени работата на терен, каде што почнавме повеќе да делиме хуманитарни пакети

И тоа не само во Северна Македонија, туку и во Босна, а сега и овде во Германија“, објаснува Нина, која во Нојминстер ја презема надлежноста за регионална координација.

Тоа го потврдува и Лиза повлекувајќи паралела меѓу животот во Германија и на Балканот: „Јас доаѓам од опкружување во кое никој не мора двапати да размислува што ќе се случи кога ќе го заврши образованието. Од друга страна, она што го забележав во Србија е дека луѓето се многу цинични и немаат толку добра перспектива, но, и покрај тоа, тие прават многу од она што го имаат на располагање.“

СХЛ: Над еден милион евра за младите секоја година

Ангажманот на младите луѓе во Германија може многу добро да се илустрира со факти: над 60.000 ученици ширум Германија еден ден во годината работат во некоја компанија, а нивните дневници им се донираат на младите на кои им е потребна помош во Југоисточна Европа, Јордан и Германија.

Така изгледа „Општествениот ден“ кој го оранизира „Schüler Helfen Leben". На крај се собираат над еден милион евра. Од првиот „Општествен ден“, кој беше организиран во 1998 година, СХЛ има собрано над 30 милиони евра.

Deutschland Schüler Helfen Leben (SHL)

Организацијата поддржува над стотина проекти низ светот

Од собраните средства организацијата поддржува над стотина проекти низ светот. Дел од парите се користат и за проекти на партнерските организации „Атина“ во Белград или „Арсис“ во Тирана, но и за регионалната канцеларија на СХЛ во Босна и Херцеговина. Поголемиот дел од проектите се фокусирани на млади луѓе, мигранти, но и млади општествено маргинализирани групи, како што се Ромите.

Целта на таквите проекти, како што вели Јелена Хрњак од организацијата „Атина“, која покрај ваквите загрозени групи, работи и со мигранти и млади жртви на насилство, е токму младите со соодветна поддршка, самите да пронајдат решение за сопствениот раст и развој. „Да се вратат во образовниот систем или да се преквалификуваат, кариерно да се ориентираат и да се вратат во нормалните општествени текови по опоравувањето кое за нив може да биде многу долго и макотрпно.“ Поради тоа соработката со СХЛ и партнерските организации е многу важна за да се пронајде одржливо решение за сите овие проблеми, објаснува Анзгар Зeнг за ДВ.

#GemeinsamSolidarisch (#ЗаедноСолидарни)

Поради пандемијата на коронавирусот „Општествениот ден“ на СХЛ, кој секогаш се одржува во јуни, е одложен за 1 октомври. Но, и покрај ова, не се одложени сите активности на организацијата. „Короната ја промени работата на терен, каде што почнавме повеќе да делиме хуманитарни пакети за кои посебно собиравме донации,“ објаснува Зeнг. Пакети со хигиенски производи и храна главно им се донирани на ромски тинејџери и деца, на бегалци кои останале заглавени на таканаречената Балканска рута или во Јордан, каде во моментов многу хуманитарни организации поради коронавирусот не можат нормално да функционираат.

Младите ги користат и новите глобални трендови за да собираат донации. Организираа онлајн концерт на кој настапуваше и босанскиот бенд Хелем Нејсе. Нина Атанаскова беше водителка на концертот кој минатиот месец се емитуваше на Јутјуб и други платформи. Концертот се одржа под хаштагот #GemeinsamSolidarisch (#ЗаедноСолидарни).

Deutschland Schüler Helfen Leben (SHL)

НИна Атанаскова го водеше концертот кој се одржа под хаштагот #ЗаедноСолидарни

Јелена Хрњак гледа позитивен развој меѓу младите. „Младите луѓе не се пасивни. Преземаат одговорност за својот живот, без оглед на тоа што во моментов живеат во недостојни услови. Тие себеси се гледаат како поттикнувач на таа промена.“ Тоа е надеж за балканските земји и Европа, бидејќи како што вели Анзгар Зенг, „национализмот и авторитарните политички структури сѐ повеќе се популарни во многу европски земји, а посебно во Југоисточна Европа.“

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Поврзана содржина

Реклама