Македонија - 25-годишник со бајпас | Македонија | DW | 08.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија - 25-годишник со бајпас

Од европски ученик за пример до проблематичен случај - додека останатите балкански земји одеа од војна и кризи кон членство во ЕУ, Македонија во изминатите 25 години чекореше во обратна насока.

„Живеев година и пол во странство и да, би сакал повторно да заминам“, вели младиот истражувач Блажен. Својата независна татковина, со која се на речиси иста возраст, планира да ја напушти за да си создаде подобар живот. Како него размислуваат илјадници Македонци. Агенциите за посредување работна сила зборуваат за 5 до 10 илјади иселеници годишно, ОЕЦД официјално потврди дека само во 2014-та се иселиле 20.000 македонски граѓани. Да ѝ завртат грб на долгата мизерија сакаат пред сѐ младите. Зашто, земјата и 25 години по прогласувањето независност, сѐ уште чекори по раб на бездна и во својата лична карта има прилично вознемирувачки податоци: стапка на сиромаштија од 22%, задолжување од 49% од БДП, стапка на невработеност од речиси 25%, кај младите од над 50%. Експертите предупредуваат дека овие официјални бројки треба да се земаат со резерва и дека реалната ситуација е уште полоша.

Сите напред, Македонија назад

Слабата економија е само дел од сивото секојдневие на земјата која некогаш важеше за ученик за пример на Балканот и, покрај Хрватска, беше најдалеку на патот кон ЕУ. Корупција, неслободни медиуми, влошување во сферата на човековите права. Во последната година и половина ситуацијата добива дополнителен негативен развој: објавени снимки од разговори кои сведочат за злоупотреба на власта, од страна на СЈО почнати истраги, претседателска амнестија за политичари против кои се води истрага, секојдневни протести, жесток притисок од Западот. Многу вриеж за кусо време, кој резултираше со повлекување на амнестијата и враќање на политичките актери на преговарачка маса. По долгото лето, на само две недели пред овој Ден на независноста, одлуката падна: Македонија оди на избори во декември. Ќе донесат ли тие пресврт?

Mazedonien Nikola Dimitrov

Никола Димитров

Имаме огромна шанса да излеземе од лошиот круг на вечната транзиција, каде грешките на едните ги усовршија другите. Велам огромна шанса, бидејќи нема простор за морална релативизација. Обелоденувањето на снимените разговори беше еден вид добивање јасна крвна слика за организмот на нацијата. Се чувствуваше дека сме замаени, дека одиме во лош правец и претходно, но низ кризата на одговорност стана кристално јасно дека имаме партиски вирус што се раширил и ги неутрализирал антителата - институциите. Со помош на пропагандата, живеевме во реално шоу, дневно бомбардирани со приказните за предавници и странски агенти, за посветената власт што гради и создава дела. Тој филм заврши“, вели за ДВ поранешниот македонски амбасадор во САД и Холандија и поранешен преговарач за името, Никола Димитров.

Поранешниот македонски министер за внатрешни и за надворешни работи Љубомир Фрчкоски констатира дека Македонија има „огромен проблем со демократијата“ и затоа е важно на „тој инструмент“ (изборите, н.з.) да не му се придава „преголемо значење“. „Современите диктатури, во кои спаѓа и македонскиот авторитарен популизам, го совладал проблемот на изборите во демократијата, ги окупирал изборните инструментариуми на државната власт и на пропагандата, медиумите, и за нив изборите не се проблем. Како што се покажа во досегашните циклуси, тие ги совладуваат изборите, ги крадат во еден значаен дел и никогаш не можат да бидат на тој инструментален начин поразени. Освен, ако целиот тој инструментариум не им се ископа од рацете и не се постави на една нормална, отворена база под меѓународен мониторинг, што кај нас, за среќа, во овој период се случува“, вели Фрчкоски за ДВ.

„Десет години диктатура - десет години обнова“

Mazedonien Ljubomir Frckovski Politiker

Љубомир Фрчкоски

Неговата прогноза за иднината се заснова на едноставна формула: „Правило во политиката е: десет години диктатура – десет години обнова. Значи, ќе имаме долг период на културна 'девмровизација', односно повторно застанување на граѓанскиот концепт и пред сѐ и над сѐ – враќање на институциите. Ние денес немаме институции во државата, тие се комплетно поткопани од една партизирана власт, целосно се корумпирани и заглавени во клиентелистички систем, така што ние практично немаме институции. Новата реинституционализација на Македонија ќе биде всушност голем проект во следната петолетка, а можеби и деценија.“

Од големо значење, според Фрчкоски, е процесуирање на кривичните пријави за злоупотреба на власта и „формирање обвиненија и во периодот до декември“. Тоа ќе придонесе за „освестување на гласачкото тело“, уверен е тој.

А спорот за името?

Dr. Franz-Lothar Altmann Albanien Moderator

Франц-Лотар Алтман

. Фер избори се од огромно значење за иднината на земјата, но големо значење има и решение на спорот за името.

„Од страна на ЕУ треба повторно да се изврши притисок врз Грција и да се каже: мора некако да му излезете пресрет на Скопје, морате да ѝ го отворите патот на Македонија, вака веќе не оди, затоа што имате кризна земја на границата. Без релаксирање на работите однадвор и без волја на политичките партии да постигнат согласност околу долгорочни прашања, Македонија и натаму ќе биде блокирана и ќе тапка во место, а ќе го загуби и приклучокот кон другите земји, па и балканските.“

Спорот за името сепак не може да биде изговор за нереализирање на реформите и за сѐ поголемата изолација на земјата, потенцира Никола Димитров. „Факт е дека да влезевме во НАТО во 2008-та година и да почневме преговори за членство во ЕУ во 2009-та, веројатно немаше да бидеме на ова жално дереџе. Но, проблемот е во нашиот одговор кон блокадата. Во ситуација кога Грција не губи многу со нерешавањето, ние требаше да ѝ го отежниме блокирањето, со внимателна и мудра политика со која ќе ги придобиевме сите други држави. Наместо тоа, ние што направивме? Немате аргументи, еве ви сабја. Антиквизацијата нѐ прави еднакво неразумни во очите на третите држави. Истовремено, неисполнувањето на политичките критериуми нѐ обезвреднува.“

За да се тргне напред потребни се „тектонски промени“ во земјата, вели Блажен. Старите изветвени политички елити треба да им отстапат место на младите. Блажен сака да се дообразува на Запад и потоа „во идеален случај“ можеби да се врати во Македонија. „Сакам да ги имам истите можности како моите пријатели од Европа, да го работам она што го сакам и што ме исполнува и да не мора да ја смислувам реченицата три пати пред да ја кажам во јавност, за тоа да не загрози некого од мојата фамилија.“


DW.COM

Реклама