Македонија ја отвора НАТО-страницата во својата историја | Северна Македонија | DW | 06.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Македонија ја отвора НАТО-страницата во својата историја

„Денеска реализираме стратегиска цел зад која стоеја сите раководства од 8-ми септември 1991 година до денес“, вели националниот координатор на Македонија за НАТО, Стево Пендаровски.

На церемонија во Брисел, и со пренос во живо во Скопје, во 11 часот ќе се реализира моментот што Македонија го чека речиси три децении: во седиштето на НАТО ќе биде потпишан протоколот за пристапување на Македонија во Алијансата. Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој ќе го стави потписот на стратегискиот документ, вчера на заминување од Вашингтон кон Брисел, на Фејсбук најави „средба со историјата“.  Разбирливо, ако се има предвид колку политички гарнитури од осамостојувањето на дражавата до денес, членството во НАТО го сметаа за стратегиски приоритет на Македонија.

На маса со најмоќните во светот

Тоа го потенцира и националниот координатор за подготовка на Македонија за НАТО, Стево Пендаровски, кој е член на македонската делегација денеска во Брисел. 

„Немам дилеми дека 6-ти февруари 2019-та, ќе биде споменуван како еден од најзначаните датуми во поновата македонска историја, затоа што на овој ден стануваме де факто членка на НАТО. Дваесет и шест години по Декларацијата во македонското Собрание, и 20 години по добивањето на статусот на формален кандидат за членство, денес практично ја реализираме една од двете најголеми стратегиски цели зад која стоеја буквално сите политички елити и раководства од 8-ми септември 1991 година до денес“, потсетува Пендаровски.

Mazedonien Wahlen Stevo Pendarovski 2014 (picture-alliance/dpa)

Стево Пендаровски

Вели дека со денешниот чин Македонија добива конечна меѓународна верификација на територијалниот интегритет и границите на македонската држава, со вклучена гаранција за посебноста на нашиот идентитет.

„Нашето седнување на маса со најмоќните 29 држави во светот, освен осетно засилување на внатрешната кохезија, ќе има неспорно позитивно значење  и за пошироката регионална и континентална безбедност. Во исто време, Преспанскиот договор кој сето ова го овозможи, претставува разумна основа од која може да започне процесот на помирување помеѓу модерните балкански нации кои предолго се гледаа преку нишанот. Без дилеми, нашата интеграција во НАТО е потфат со стратегиски пропорции, чие значење ќе можат уште подобро да го вреднуваат генерациите кои доаѓаат по нас. Убеден сум дека во пакет со договорот со Бугарија, конечно се отвара простор и за архивирање на т.н. македонско прашање и тоа на начин кој е позитивен за македонската нација. Затоа, за сите оние кои вложија години од својот живот длабоко верувајќи во паролата 'Македонија на Западот' - капата долу!“, вели Пендаровски.

Прва ратификација во Атина

Денеска во Владата со почеток во 11 часот претставниците на медиумите ќе можат во живо да го проследат чинот на потпишувањето на протоколот за членство на Македонија во НАТО, и изјавите на Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг и на министерот Никола Димитров. Во медиа- центарот ќе присуствуваат и заменикот министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, и шефот на НАТО- канцеларијата за врски во Скопје, Зоран Јанковиќ.

Денешниот чин го поздрави и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но во пакет со критика за неговиот политички опонент. „Секој успех на Република Македонија го поздравувам, иако Заев го направи на недостоинствен начин. Тргуваше со нешто што минатите генерации го платиле со своите животи, и го направи тој чин недостоинствен. Но, секој процес што значи подобрување на животот на сограѓаните го поздравуваме“, изјави Мицкоски за МИА. 

Откако 29-те земји-членки на НАТО ќе го потпишат протоколот за пристапување на Македонија за членство во Алијансата, следува уште една постапка: тој треба да биде ратификуван и од нивните парламенти, процес кој вообичаено трае од 9 месеци до една и пол година. Се очекува Грција да биде првата земја што ќе го ратификува протоколот. Според најавите од Атина, се очекува грчките пратеници во петок да гласаат за протоколот кој го отвора патот за пристапување на Република Македонија во НАТО. Пред да стигне на гласање, документот ќе биде доставен на разгледување кај надлежната Комисија за национална одбрана и надворешни работи.

Додека не заврши процесот на ратификација во парламентите на сите земји членки на НАТО, Македонија ќе може да учествува во работата на сите тела на Алијансата, но без право на глас.

DW.COM

Реклама