Македонија: Тест за границите на трпеливоста на ЕУ | Македонија | DW | 29.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија: Тест за границите на трпеливоста на ЕУ

Од ескалацијата во Македонија, ЕУ треба да извлече поука дека не смее да се чека толку долго и да се верува дека сѐ ќе се реши само од себе, тоа е наивно, вели Флоријан Бибер во интервју за австриски „Стандард“.

Кога се има работа со автократи, за нив постои или апсолутна власт или затвор, зашто се вплеткани во тежок криминал. Колку подолго еден ваков режим е на власт, толку подолго може да ја злоупотребува демократијата и дотолку е потешка промена на состојбата. Режимот на Груевски е споредлив со оној на Милорад Додик, претседателот на Република Српска, кој немо се посматра. Неактивноста доведува до повеќе вакви режими, а тие нема лесно да се откажат од власта“, вели во интервју за австрискиот весник „Стандард“ Флоријан Бибер, раководител на Центарот за југоисточноевропски студии на Универзитетот во Грац, Австрија.

На прашањето дали е погрешен пат тоа што ЕУ две години се обидува повторно да се воведе демократија и правна држава, се надева на еден вид мека смена на режимот преку избори во Македонија, Бибер одговара:

„Постепен и бавен процес, без наглости, не е лош, но потребни се јасни критериуми според кои ќе се постапува. Ако се организираат избори, мора да се знае дека се има работа со партии кои не ги признаваат изборните резултати, како што се случи во Македонија. За тоа треба да се биде подготвен, кој би бил стапот, кои би биле консеквенците кои би следеле? Мора да се имаат санкции в рака, на пример санкции против партии и личности, како блокирање сметки и забрана за патување. Европските партиски фамилии треба да бидат јасно вклучени и да учествуваат во овие санкции ако некој ги крши принципите на правната држава. Но, ЕУ ги користи овие сценарија кога е веќе доцна. Моќниците тестираат до каде можат да одат, а нема да го прават тоа ако претходно постојат јасни граници“.

Дали затаија механизмите за мониторинг на ЕУ и каналите на дипломатијата во Македонија? За Бибер е недвојбено:

„Треба да се биде на местото на настаните. Ако ЕУ-амбасадорот или еврокомесарот Јоханес Хан или претставничката на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини би стоеле пред македонскиот парламент, сигурно немаше да дојде до толкаво насилство. Уште пред две години ЕУ требаше да именува посебен специјален пратеник кој би се концентрирал на Македонија и би активирал алармен сигнал во вакви моменти, Хан и Могерини имаат премногу обврски. 

Бибер укажува и на опасностите од погрешна партиска солидарност меѓу конзервативните партии во Европа:

„Однесувањето на Европската народна партија во случајот на партијата на Груевски, ВМРО ДПМНЕ е целосно неразбирливо. Тоа што тој нема воопшто право на соодлучување, би требало да ја олесни критиката. Но, лажна солидарност со проблематични партии постои и во други партиски фамилии, на пример кај социјалдемократите. Во целина, недоставува јавно дистанцирање. На автократите им е доволно и едно ракување. Европските партиски фамилии мора јасно да дадат на знаење дека вредностите кои тие ги застапуваат, демократија и правна држава, не се вредности и на ВМРО ДПМНЕ. Тоа е поважно од сите други декларативни идеолошки заедништва. Човек не смее поради прагматични причини и соработка во бегалската криза, да си ја продава душата.

Соработката се базира на добра желба, но овие партии и автократи се структурно поинакви, имаат поинаква слика на светот и сакаат друга форма на владеење наместо демократска. Грешка е верувањето дека можат да научат да владеат. Тие имаат научено да ја користат власта. Но, не сакаат да ги прифатат европските вредности, ги одбиваат, зашто сакаат поголема моќ и економски придобивки. Идејата за промени преку приближување до овие партии е неуспешна“.

Дали Балканот стана во целост понестабилен откако Доналд Трамп е на чело на САД? Бибер во интервјуто во „Стандард“ укажува:

„Во момент кога САД можат да интервенираат помалку веродостојно, подобро се гледаат слабостите на ЕУ. Очигледно е, дека порано на Балканот јасната линија на САД била таа што придвижувала, а не привлечната сила на ЕУ. Во ситуација на нејасностии околу американската надворешна политика, за автократите се отвора нов прозорец, гледаат дека им е полесно отколку пред една година.“

 

DW.COM

Реклама