Македонија тагува за 14 загубени животи | Македонија | DW | 14.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија тагува за 14 загубени животи

Телеграми со сочувство за големата загуба стигнуваат од сите страни. Идентитетот на загинатите наскоро ќе биде објавен. Во потешка состојба се седум од повредените.

Со смртта на уште едно лице кое пред полноќ им подлегна на повредите, црниот биланс од автобуската несреќа на патот Скопје - Тетово е 14 загубени животи: 7 загинале на местото на несреќата, 7 во здравствените установи од последици на тешките повреди, а 7 од повредените патниците се во потешка состојба.   

Изминатата ноќ беше тешка за Македонија, но најтешка за 14 семејства: растрчани од една до друга здравствена установа, неколку часа живееја во надеж дека ќе ги слушнат имињата на нивните блиски меѓу оние кои ја преживеале несреќата и се сместени во болница. Не дочекаа таква вест. Еден од нив е и пратеникот на СДСМ, Благојче Трпевски, чиј син Јовица Трпевски (25) загина, откако автобусот на “Дурмо турс“ со 50 патници, од сѐ уште непознати причини, околу 17 часот излета од патот, се преврте во близина кај селото Ласкарци и не стигна до крајната дестинација - Гостивар.

Непознати причините за несреќата

Од МВР велат дека идентитетот на загинатите наскоро ќе биде објавен, откако ќе стигнат извештаите од обдукцијата и податоци од истрагата. Телата на загинатите во текот на ноќта беа однесени на обдукција, а јавноста чека одговори од „обдукцијата“ на истрагата, по увидот извршен на местото на несреќата. Возачот на автобусот е хоспитализиран во Градската болницата „8 Септември“, а според лекарите, неговата состојба е стабилна. Од Основно јавно обвинителство соопштија дека е земена првична изјава од возачот, дека ќе се прави увид и на трагите на кочење, а автобусот ќе се вештачи. Според истрагата, возачот изјавил дека не се сеќава како се случила несреќата. Според сведоштва на патници, сѐ се случило многу брзо: автобусот наеднаш ја загубил контролата, брзо потоа излетал од неговата лента на патот, поминал на другата и на крајот завршил во удолнината превртувајќи се во близина на регионалниот пат. Сведоштвата на мештаните кои ги направиле првите обиди да ги спасат луѓето од превртаниот автобус само ја потврдуваат стравичната несреќа, но и тешкиот пристап до патниците во превртениот автобус, сликата од голем број повредени и луѓе во бессознание, и нивните гласни лелеци заради болки од повредите.

Несреќата вчера ги мобилизираше сите капацитети - брзо интервенираа и од МВР и од државните болници, како и приватните кои веднаш испратија нивни амбулатни возила.

Сочувство за загубата

Големата трегедија беше причина за синоќешната вонредна седница на Владата, која 14 и 15 февруари ги прогласи за Денови на жалост.

„Тешка ноќ. Полна со неизмерна болка и тага. Немам зборови кои можат да бидат доволна утеха за семејствата на нашите сограѓани кои вечерва трагично ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа. Сочувствуваме со нивните семејства и нивната загуба. Нашата држава тагува“, изјави премиерот Заев по седница. Изрази на сочувство до семејствата на настраданите стигнаа и од претседателот Ѓорге Иванов, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, а до утрово стигнаа од голем број странски амбасадори во земјата и од политичари од земјите во соседството и регионот- Бојко Борисов, Мило Ѓукановиќ, Еди Рама... 

Денеска напладне седница ќе одржи и Советот на Општина Гостивар, на која се очекува советниците да донесат одлука за прогласување тридневна жалост во знак на почит кон загинатите сограѓани. Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари изминатата ноќ ја помина во Скопје, на релација од една до друга болница, во посета на повредените.

Повредените денеска ќе ги посети и премиерот Заев, кој веќе ја откажа за денеска планираната посета на тиквешкиот регион. Општините Неготино и Кавдарци ги откажаа сите планирани активности по повод „Свети Трифун“, а Македонската филхармонија го откажа концертот кој требаше да се одржи вечерва.

DW.COM

Реклама