Македонија со најнизок очекуван раст во целиот регион | Економија | DW | 27.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Македонија со најнизок очекуван раст во целиот регион

Светска банка ја намали проценката за растот на Брутодомашниот производ (БДП) на Македонија во оваа година од 3,7 насто на 2 проценти. Тое што е најмал очекуван раст во регионот.

Како што е објавено во најновиот шестмесечен извештај за Југоисточна Европа, се очекува економскиот раст на Македонија поради намалување на инвестициите да забави и да достигне само 2 насто.

„Прв пат во последните 6 години инвестициите негативно ќе придонесат за економскиот раст, што е спротивно од земјите во регионот. Потрошувачката стана главен двигател на растот, поддржана со вработувања и високи јавни плати и трансфери“, изјави Бојан Шимбов од Канцеларијата на Светска банка во Македонија.

Според Светска банка, за растот на македонскиот БДП годинава најмногу придонесува градежништвото, кое порасна за 19,3 насто на годишно ниво, но кое е финансирано од јавни инвестиции, па влијае врз растот на јавниот долг.

Во извештајот се наведува дека невработеноста и нататму се намалува, но се напоменува оти 89 проценти од новоотворените работни места државата фискално ги стимулирала, што на среден рок е вистински притисок врз пензискиот фонд.

Експертите на Светска банка предупредија дека и оваа година на Македонија и недостасува фискална консолидација, што пак влијае на раст на буџетскиот дефицит и на јавниот долг.

Фискалниот дефицит е зголемен со првобитно буџетираните 2,3 насто БДП на 4,1процент поради зголемено трошење за плати, пензии и социјални трансфери, како и поради прилагодување на трошоците поврзани со августовските поплави, рече Шимбов.

Светска банка за 2017. година на Македонија ѝ предвидува раст на БДП од 3,3 насто под услов да се одржат вонредните парламентарни избори најавени за 11. декември и да се формира стабилна влада.

Во јунскиот извештај „Глобални економски перспективи“, Светска банка ја зголеми на 3,7 проценти јануарската прогноза за годинешниот раст на македонската економија која изнесуваше 3,5 насто  а за наредните 2 години предвиде раст од по 4 насто.

Светска банка во најновиот извештај за Југоисточна Европа наведува оти во просек земјите во регионот бележат зголемување на растот, што влијаеше и на намалување на високите стапки на невработеност.

Во извештајот се наведува дека изгледите за економски раст на кус рок за шесте економии во југоисточна Европа ќе бидат и натаму позитивни под претпоставка оти ќе продолжи напредокот во структурните реформи.

Како што се наведува, закрепнувањето на економскиот раст во регионот оваа година е консолидирано, а во 2017. и 2018. година се очекува уште поголем раст. Растот ќе продолжи да носи работни места, што е добра промена во однос на предходниот период, и оти вработеноста ќе расте.

Се подобрува и ситуацијата во фискалниот сектор и во некои земји се регистрира намалување на дефицитот и фискалните ризици, како и стабилизирање на нивото на долг. Од почетокот на годината, истотака, во значителна мерка се подобри и кредитирањето во приватниот сектор.

Меѓутоа, од Светска банка предупредуваат оти и натаму постојат значителни ризици, а посебно нестабилни се надворешните позиции. Забавениот раст во ЕУ, неизвесноста околу Брегзит, продолжување на слабостите во Грција и политичката тензија во Турција ќе продолжат да ја ослабуваат перспективата на растот на Западен Балкан.

Овие ризици сега повеќе од кога било, како што оцени Светска банка, укажуваат на нужност од структурни реформи со цел да се отстрани пречката за формална вработеност, унапредување на работната клима и управата, подобрување на праведноста, квалитетот и ефикасноста на јавните услуги и системите на социјална заштита, продлабочување на глобалната интеграција и обезбедување одржлива потрошувачка на енергија и ресурси и грижа за животната средина.

 

DW.COM

Реклама