Власта се подготвува за попис, опозицијата бара одложување за 2022 година | Северна Македонија | DW | 05.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Власта се подготвува за попис, опозицијата бара одложување за 2022 година

Заводот за статистика ја објави Методологијата за пописот. Во неа се предвидени и казни и проверки на сите податоци коишто ќе ги дадат граѓаните

Од 1 април до 21 април, кога треба да се спроведе пописот, над 5.000 попишувачи и околу 500 контролори ќе ги посетат домовите на сите граѓани во Северна Македонија. Во домовите ќе дојде еден попишувач, освен во средините каде има повеќе етнички заедници. Пописот ќе се спроведува на 7 јазици. Попишувачите со себе ќе носат лап топ, а граѓаните ќе треба да одговорат на околу 60-тина прашања. Внесените податоци веднаш ќе одат во базата на Државниот завод за статистика и ќе се вкрстуваат со другите бази меѓу кои и МВР, Катастар, Агенцијата за вработување, УЈП... Прашалниците со лажни податоци автоматски ќе се одбиваат и ќе одат на дополнителна проверка. Ова е предвидено со Методологијата за пописот, којашто денеска ја презентираше Заводот за статистика.

Како ќе се спроведува пописот?

Лицата коишто се надвор од државата помалку од една година и имаат место на живеење во С. Македонија ќе влезат во резиденти, а тие надвор од земјава над една година во нерезиденти. Лицата кои се во странство ќе може сами да се самопопишат еден месец претходно на веб-апликацијата којашто ќе биде во функција од 1 март. Постои можност и блиски да дадат податоци за лица кои во моментов не се во земјава. Но, во нивно име, блиските нема да можат да одговорат на прашањата за етничка припадност, религијата и јазикот кој го користат. Во истиот момент електронски ќе се проверува точноста на дадените податоци за друго лице, вели директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски. Тој потенцира дека сите податоци ќе се проверуваат и апелира никој да не се обидува да дава лажни податоци. 

Бојкотот е на штета на сите

Одбивање да се учествува во пописот ќе им направи штета на сите граѓани на државата, вели директорот на Заводот за статистика.

„Секој оној што ќе се обиде да одбие, да не учествува во пописот си прави штета себеси и на сите граѓани во државата. Апелирам сите да го прифатат пописот, бидејќи ова е општествено-корисна акција, ова не е во интерес на ниту една политичка структура во државата, туку е во интерес на сите граѓани во државата. Податоците од пописот имаат голема употреблива вредност и пред сѐ во правец на развој на општеството, во сите елементи, од економија, образование, здравство, па сѐ до секојдневниот живот на граѓаните“, рече Симовски.

-повеќе на темата: Заев ќе се согласи на едномесечно одложување на пописот заради политичко единство

Во однос на најавите за можно одложување на пописот, Симовски вели дека статистичарите не можат да коментираат политички изјави и оти се водат од Законот за попис, каде што е утврден периодот за спроведување на пописот и сите рокови врзани со пописот и оти тој закон мора да го почитуваат. Крајниот збор за тоа дали ќе се одржи или одложи пролетниот попис ќе го има политичкиот врв. Деновиве претседателот Стево Пендаровски го изнесе својот став околу пролетниот попис дека „нема да е крај на светот доколу пописот се одложи за мај или јуни годнава“ поради пандемијата со Ковид-19. Премиерот Зоран Заев рече дека ќе се разгледа таквиот предлог, иако ги повика граѓаните да не бојкотираат и да ја подржат најобемната статистичка операција, која треба да се спроведе по 19 години во земјата. 

Пописот да се одложи за една година 

ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од барањето за одложување на пописот или пак за спроведување на електронски попис. Тие започнаа и правна процедура за собирање на потписи, со кои ќе се обидат да го поништат Законот за попис. Наспроти барањето на ВМРО-ДПМНЕ за електронски попис, од СДСМ сметаат дека електронскиот попис нема да ги даде комплетните податоци какви што се потребни и кои треба да бидат според стандардите на Евростат.

-повеќе на темата: ВМРО-ДПМНЕ условува, Пендаровски нуди компромис за пописот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека пописот треба да се спроведе пролетта во 2022 година.
„Дотогаш ќе имаме терминали за отпечаток на прст кои веќе ќе бидат искористени на локалните избори. Доколку сакаат сега, имаат можност да направат електронски попис со точност од 5 отсто, односно да попишат 95 отсто од населението, а само 5 отсто да го посетат“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на „Порше Македонија“. 
Тој изјави дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не бил за бојкот на пописот, но според него, ова ќе биде политички попис, политичка операција со договорени проценти, а не статистичка операција. 

Казни од 200 до 300 евра

Собранието на 21 јануари го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите во Република Северна Македонија, според кој пописот треба да се спроведе од 1 до 21 април годинава. Законот гарантира одржување попис според меѓународните стандарди и стандардите на Евростат. Со пописот треба да се обезбедат податоци за вкупното резидентно население во кое влегуваат државјаните на С. Македонија со вообичаено место на живеење во земјава, лицата кои поради работа или други причини се во странство помалку од една година, но и странците со регулиран престој повеќе од една година, или признат статус на бегалец или право на азил. Во нерезидентното население ќе влезат македонските државјани кои се во странство повеќе од 12 месеци и странците со одобрен престој во земјата помалку од една година.

-повеќе на темата: Ќе покаже ли пописот колку луѓе се иселени од Македонија

Законот предвидува и казни  од 200 до 300 евра за оној што ќе одбие да ги даде податоците што се бараат од него или ако даде неточни податоци.  Резултатите од пописот треба да бидат објавени  во рок од 6 месеци по неговото завршување.