Заплиснати од петтиот бран | Северна Македонија | DW | 21.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заплиснати од петтиот бран

Како општество потврдивме дека сме неподготвени да поминеме низ летото и во есента и зимата да влеземе со подобра стартна позиција. Последиците ги гледаме по петти пат. Пишува Тони Поповски

18 месеци во пандемија и во моментов заплиснати од петтиот бран. Врвот на првиот бран беше на 16 април 2020 година со 107 нови инфицирани лица, а на вториот бран на 18 јули со 240 инфицирани. Третиот бран имаше врв на 18 ноември со 1402 инфицирани лица, четвртиот бран на 31 март 2021 година со 1511 инфицирани лица (рекорд до овој момент) и засега во тековниот - петти бран ја имаме бројката од 1077 лица на 18 август, со загрижувачки нагорен тренд. Постоењето на пет бранови е видливо од достапните графикони на дневни случаи на инфицирани лица, иако дел од епидемиолозите можеби ќе продолжат да говорат за нов - четврти бран.

Вкупниот број на регистрирани инфицирани лица од почетокот на пандемијата е 164529, но според проценки на стручната јавност тој е најмалку трипати поголем. Од нивц, за жал, и како директна последица на Ковид-19, кај нас починаа 5589 лица, иако екцесниот морталитет во споредба со предпандемичните години е над 9000 лица. Секако, за ваков екцесен морталитет придонесе оптовареноста на здравствениот систем со ковид пациенти и следствено помалото внимание за други пациенти поради намалување или одлагање на други здравствени услуги, како и смртни исходи каде Ковид-19 е секундарен причинител.

Последните три месеци - од целосно опуштање до целосна загриженост

На 14 мај оваа година, по шест седмици континуиран пад на случаи, имавме 98 инфицирани лица за две седмици на 100000 население. Овој индикатор и во моментов е клучен индикатор за оценка на пандемичната состојба во државите. Веќе на 17 август, бележиме 14-дневна инциденца од 376 лица на 100000, безмалку четирипати зголемен број на инфицирани лица.

Трендот на влез во летото беше одличен, но не успеавме да го направиме одржлив, бидејќи не се организиравме соодветно. Колку за утеха, не се истакнаа и голем број други држави во Европа и Европската Унија, со по некој исклучок како Унгарија и Полска, а потоа Чешка, Словачка и Романија (видливо од достапната карта на https://treker.mk/mk).

Како општество потврдивме дека сме неподготвени да поминеме низ летото и во есента и зимата да влеземе со подобра стартна позиција. Конечно докажавме дека имаме класичен дефицит на дисциплина, на што се надоврзаа и летните свадби, прослави, дружби, секако во затворен климатизиран простор поради летните топли бранови, со неносење маски и неодржување на препорачана дистанца. Последиците ги гледаме по петти пат.

Државата, за жал, не го искористи драматичниот пад на случаи во втората половина од мај, за да се воспостават ефикасни механизми за контрола и локален одговор на „мали“ жаришта. Вакцинирањето после „породилните“ маки со недостатокот на вакцини, бргу го достигна врвот на интерес, по што следеше стагнација. Од неодамна воведените ограничувања ја поттикнаа вакцинацијата, но ефектот врз превенција од нов бран на инфекции е сепак многу помал во споредба со посакуваното сценарио со масовна вакцинација за три до четири месеци, за време на пролетта и на почеток на летото. Секако на интересот за вакцинирање големо влијание има постојаната кампања на т.н антиваксери.

Тежината на овој петти бран сепак најмногу зависеше и сѐ уште зависи од нас. Вакцинацијата и во моментов е единствената превентивна алатка за намалување на притисокот врз здравствениот систем и потфрлање на овој план бргу може да доведе до поголеми ограничувања, па и целосни затворања.

Како управуваме со пандемијата гледаме низ споредба со други држави

Ако се погледнат достапните графици на дневни случаи во изминатите три месеци, може да се заклучи дека во нашиот регион (13 држави), наши соседи и нивни копнени соседи, тренд на намалување на број на инфицирани успеале да остварат: Хрватска, Словенија, Србија, Унгарија, Бих и Романија, додека влошување на состојбата има кај нас и во: Турција, Грција, Црна Гора, Косово, Бугарија и Албанија.

По однос на вкупниот број новозаразени за две седмици на 100.000 жители (извор: https://treker.mk/mk/stats) рангирањето заклучно со 18 август (од најдобрите кон најлошите) е: Унгарија (9 инфицирани лица); Романија (23); БиХ (70); Хрватска (89); Словенија (123); Албанија (130); Бугарија (156); Србија (188); Турција (374); Македонија (376), Грција (415); Косово (621) и Црна Гора (782). Според овој индикатор сме на 10-то место од 13 држави. Во ЕУ/ЕЕА/Обединетото Кралство за последните две седмици просечниот број на новозаразени на 100.000 жители е 209 лица.

Други колумни од авторот:

„е-Општина“, постојано во зачеток

Не оставајте никого зад себе

Да ги срушиме преостанатите бариери

По однос на вкупниот број на заразени на 1 милион жители од почеток на кризата, рангирањето според https://www.worldometers.info/coronavirus/#countries (од најдобрите кон најлошите) е: Албанија: 47.691 лица (заокружено на 47К/1К=1000 лица); Грција (52К); Романија (57К); Бугарија (63К); БиХ (64К); Косово (67К); Турција (72К); Македонија (79К); Унгарија и Србија (84К); Хрватска (90К); Словенија (126K) и Црна Гора (171К – еквивалент, бидејќи има население под 1 мил. жители). Овој индикатор би бил клучен за мерење на успехот на државите и нивните општества во справувањето со пандемијата (колку дозволиле пандемијата да се рашири), но само доколку регистрирањето на случаи е стандардизирано кај сите, а бројот на направени тестови е сличен. Ова не е случајз, а се надоврзуваат и контраверзи поврзани со споделување на податоци како во одредени периоди во Србија, па во Турција и потоа во Албанија. Од овие причини, индикаторот треба да се земе со резерва. Македонија е на 8-мо место од 13 држави во ова рангирање.

Стапката на леталитет (Case Fatality Rate) глобално, во моментов, изнесува 2,09% (смртност од регистрирани инфицирани лица). Кај нас оваа стапка е 3,39% и е четврта најлоша во анализираниот регион, по БиХ, Бугарија и Унгарија (извор: https://ourworldindata.org/mortality-risk-covid?country). И овој индикатор треба да се земе со одредена резерва поради разликите во начинот на регистрирање на причинителот за настаната смрт, од страна на различни држави.

За крај на овој преглед и рангирање во регионот, според вакцинирање на население со две дози (извор: https://ourworldindata.org/covid-vaccinations): Унгарија (57%); Грција (53%); Словенија и Србија (41%); Турција (40%); Хрватска (38%); Црна Гора (27%); Романија (26%); Македонија (23%); Албанија (20%); Бугарија (16%); Косово (11%) и БиХ (10%). На ова рангирање сме на 9-то место.

Од погоре презентираните бројки, може да се извлече една погенерална оценка, секако со наведените резерви кај дел од индикаторите, дека како општество со нашето однесување и како држава можевме поуспешно да одговоривме на предизвикот.

Дали сме добро информирани?

Информирањето кај нас од официјални извори е пред сѐ сведено на објави на Министерството за здравство и ресорниот министер, без притоа да се навлегува во споделување на споредбени податоци со други држави и следствено аналитички наоди. Нема особено оправдување за овој дефицит на споредбени анализи, имајќи предвид дека во државата постои реномиран Институт за јавно здравје. Претпоставка е дека научниот кадар во овој Институт подготвува анализи, но истите не се јавно достапни или е отежнат патот до доаѓање до нив.

Можеби и најзначајниот извор на редовни податоци доаѓа од едно невообичаено место, преку https://treker.mk, создаден како „crowdsourced“ иницијатива подготвена врз основа на претходна платформа на словенечкиот https://covid-19.sledilnik.org, каде секој доброволно (без финансиски надомест) придонесува за споделување информации од својата околина, кои потоа се внесуваат во базата на податоци. Притоа има само еден услов, податоците да бидат јавно достапни, проверливи и доверливи. Би го искористил овој простор во колумната да го истакнам придонесот на Лука Ренко, словенечки државјанин и Владимир Нешковиќ, македонски државјанин кој живее и работи во Словенија и е дел од словенскиот тим на SLEDILNIK.ORG како и на целосниот тим на ТРЕКЕР. МК, кого во моментов го сочинуваат 29 лица, четворица од нив се словенечки државјани, двајца со македонско потекло. Во тимот членуваат вкупно 15 ИТ-експерти и експерти за управување со податоци, 5 експерти за моделирање од кои тројца епидемиолози, еден експерт за комуникација со јавноста, четири советници меѓу кои и јас, и 4 преведувачи од кои еден е со задолженија за комуникација со јавноста.

Како што е наведено на веб-страницата, целта е да ѝ дадеме на јавноста подобар преглед на важноста на предизвиците поврзани со пандемијата и на потребата од соодветна, па и индивидуална проценка на поврзан ризик.

Врз основа на искуствата на земјите кои најефективно го намалуваат ширењето на вирусот, точно собрани, навремени и транспарентно објавени податоци се клучни за ефективен одговор на јавните здравствени системи. Објавените податоци со таков квалитет можат да бидат основа на разбирањето на состојбата, за луѓето да спроведуваат активна самозаштита и да ја прифатат итноста на преземените мерки на заштита од страна на властите.