Македонија од бајките | Македонија | DW | 28.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија од бајките

Политиката не е бајка. Јасно е дека Преспанскиот договор без амнестија не е можен. Лутете му се на Заев. Но тој вети дека ќе ја однесе земјата во ЕУ и НАТО. План Б сѐ уште не сме чуле. А во бајки никој веќе не верува.

Кога фрлам поглед на изминатите две години, имам впечаток дека сите ние бевме убедени дека Зоран Заев има волшебно стапче. Ќе мавне со него, од него ќе излезат оние убави, блескави светулчиња и ѕвездички и xоп.... пред нашите очи, Македонија од тиква се претвора во златна кочија со која Пепелашка ќе тргне на средба со прекрасниот и богат принц со кој вечно ќе живее во благосостојба и ќе ги заборави тешките долги денови во кои беше заробена во непробојна тврдина.

Сите сме доволно големи за да не веруваме веќе во бајки. Сепак, се чини дека не сме доволно големи за да разбереме дека заробена држава не може, со волшебно стапче, да се претвори во зрела демократија. До таму патот е долг и трнлив.

Нашето трпение е пред крај. Кај многумина, дури и истечено. Од реформи добивме повторно големи ветувања. Нашата толку посакувана правна држава стои некаде пред нашите порти, но никако да тропне и да влезе внатре.

Македонската јавност со голема доза незадоволство, поради изневерените очекувања, ја завршува ова 2018 година. Од друга страна, Европската унија и НАТО практично и немаат лош збор за Македонија. Но во едно, ние и ЕУ и НАТО, се согласуваме. А тоа е дека ни е уште како потребна правната држава. Но како до неа?

Цената што ја плаќаме

Владата го одбра патот на Преспанскиот договор и амнестијата. И стана предмет на остри критики и огромна разочараност: со ова се прави упад во правната држава, се влијае на судството, се гази врз неродената правна држава и.т.н. Списокот на критики е долг.

Сите, или барем голем дел од нас, сакаат да ја видат Македонија во ЕУ и НАТО. Во изминатите 27 години сфативме дека цената ќе биде изгор висока.

Првата цена што моравме да ја платиме беше кризата од 2001 година. Може со сигурност да се каже дека таа криза ќе беше, можеби не исечена во корен, но барем амортизирана ако во тој период бевме дел од групата на земји кандидати што во 1999 година влегоа во НАТО, а во 2004 и 2007 година станаа членки на ЕУ. Првиот договор со ЕУ го потпишавме во далечната 1995 година, откако во Обединетите Нации се согласивме да преговараме со Грција. Но, влезот во НАТО и ЕУ за Македонија остана невозможна мисија. Грција блокираше, а некои влијателни политички кабинети во големите земји членки на ЕУ во тоа време не беа сосема убедени дека заслужуваме да имаме независна држава и покрај нашето громогласно „да” на референдумот од 1991 година.

Други колумни од авторката:

Хроника на еден најавен неуспех

Време на деликвенти

Неполна година од добивањето на кандидатскиот статус во ЕУ, во Илинденска бб седна Груевски, избран на можеби најдемократските избори во историјата на независна Македонија. Набрзо, настапија мир и тишина. Груевски знаеше како да ја задржи власта и како да ја ослабне и замолкне опозицијата. Која, патем речено, не се бунеше многу и остана, во текот на долги години, во длабок зимски сон. Јавноста исто така беше заспана. Некој од умор, но најголемиот број од страв. Критиките кон тогашната влада водеа во сигурни професионални, па и приватни неприлики. „Храбриот” Македонец претпочиташе да молчи, со поглед вперен во Брисел од кој очекуваше чуда. А Груевски излегуваше на интервју само кај пријателски новинари без ризик да налета на незгодно прашање.

И така се молчеше сѐ до „бомбите”, Шарената револуција и Пржинскиот договор што го доведоа Заев на власт. Некои од Шарената револуција влегоа во власта. И се соочија со реалноста. Убаво е да дојдеш на власт, но потоа.... Потоа сфаќаш дека реалноста е компромисот со нешто што дотогаш не си можел ни да го замислиш. Некои брзо излегоа од власта не можејќи да се соочат со тие компромиси, а некои останаа свесни дека политиката не е бајка и место за волшебни стапчиња. Имаше и дел на незадоволни, бидејќи никој не ги покани да станат дел од власта, па денес своето незадоволство го истураат на социјалните мрежи. А македонската јавност сфати дека со оваа власт и таа има моќен збор, па успеа, со своите конструктивни критики, да ја натера власта да смени некои од нејзините одлуки. Да се потсетиме уште еднаш дека тоа беше исто така невозможна мисија додека на власт беше азилантот од Унгарија.

Горчливото апче на амнестијата

Критичарите велат дека на Заев никој не му дал мандат да го менува името. Можеби не експлицитно. Но му дадовме мандат да го оствари нашиот дводеценски сон и да нѐ внесе во ЕУ и НАТО. И тука следува прашањето од милион долари: како да влеземе во ЕУ и НАТО ако имаме спор со Грција?

За Заев, одговорот беше јасен – договор со Грција! Речено е милион пати, но и не е лошо да се повтори - договорот не е идеален. Не само што не е идеален, туку тој со себе го донесе горлчивото апче на амнестијата што ќе мораме да го проголтаме. Во надеж дека ќе не ослободи од сите можни кризи, дека ќе нѐ ослободи од ропството во кое нѐ турна азилантот и дека ќе донесе живот. Што и тоа да значи. Значењето на „животот” е релативно и подложно да индивидуални дефиниции.

Ако тргнеме од постулатот дека политиката е уметност на можното, мораме да признаеме дека горчливите апчиња што ни ги служи власта, се во функција на таа уметност.

Преспанскиот договор е донесен не само без поддршка на најголемата опозициска партија, туку со пречки што пред него го стави и продолжува да ги става токму таа партија. И со закани кон оние од ВМРО-ДПМНЕ што покажуваат сигнали дека би кренале рака „за” за Преспанскиот договор. Веќе стасаа заканите дека таквите ќе бидат експресно исклучени од партијата. Во најдобриот традиционален „демократски” стил на партијата, пораката е следна: ако гласаш за Преспа, ЕУ и НАТО, мрш да те нема.

Идеалната Македонија

Во идеалната Македонија од бајките, Владата ќе ја добиеше поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, а Мицкоски ќе учествуваше во вистинската политика. Наместо тоа, тој одбра да остане во неговите „црнила” со кои нѐ бомбардира од митинзите. Поддршката на ВМРО-ДПМНЕ ќе беше во форма на конструктивна критика која би имала за цел да го подобри договорот од Преспа. Во таа идеална Македонија, немаше да има потреба од амнестија, немаше да има потреба од креативни решенија. Собранието ќе беше полето за реалната политичка битка. Како што треба да биде. Во таа идеална Македонија власта немаше да губи време смислувајќи прагматични и креативни решенија за да го усвои Преспанскиот договор. Ќе имаше повеќе време да се посвети на реформите што носат живот.

Никој не верува дека ВМРО-ДПМНЕ одеднаш ќе стане конструктивна опозиција, никој не верува дека ДУИ одеднаш, од разгалено дете ќе се претвори во разумна коалиција која мисли на државата, а не на своите коруптивни зделки. Во таа бајка и СДСМ ќе беше партија на власт во која сите, а не само неколку исклучоци, ќе работеа вредно и без ароганција. Во таа бајка, Груевски немаше да избега кај братот Орбан и денес ќе лежеше во затвор.

Политиката не е бајка. Политиката е уметност на можното. Во овој политички момент во Македонија, сосема е јасно дека Преспанскиот договор без амнестија не е можен. Лутете му се на Заев. Но тој вети дека ќе ја однесе земјата во ЕУ и НАТО. И тоа го прави. Планот Б сѐ уште не сме го чуле. А во бајки никој веќе не верува.

DW.COM

Реклама