Македонија одлучна да го реши спорот за името со Грција | Македонија | DW | 07.08.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Македонија одлучна да го реши спорот за името со Грција

Македонија е решена да го реши повеќедеценискиот спор за името со Грција за да ги одблокира евроатлантските интеграции, пишува денеска агенцијата Франс Прес. На двете страни се забележливи чекори на „добра волја“.

По две и пол децениски спор кој го блокираше влезот на земјата во НАТО и ЕУ, Македонија се чини одлучна да му стави крај на спорот со Грција околу нејзиното име, пишува агенцијата Франс Прес. Новиот македонски премиер Зоран Заев разговараше телефонски со грчкиот колега Алексис Ципрас. Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на средината на јуни во Атина се сретна со грчкиот колега Никос Коѕиас, а тој доаѓа во Скопје подоцна месецов.

Постои „одредена мобилизација“, велат грчки дипломатски извори за АФП, забележувајќи „одредени знаци“ на добра волја во Скопје. Но, изворот вели дека сега мора да се „чека на акција“.

Висок функционер во СДСМ, кој побара анонимност, предупредува дека „Грција може да остане на истите позиции и во следните два века. Треба да најдеме решение за да го деблокираме процесот на интеграција во НАТО и ЕУ“.

Но, функционерот предупредува дека ќе биде неопходно да се изнајде политички консензус во самата земјата и решението да биде поддржано на референдум.

Многу Македонци се против промена на името, но некои посакуваат да се стави крај на заморниот спор.

„Ние сме Македонци, не можеме да се именуваме поинаку себеси“, вели Мирјана Јовановска, 47, заболекарка од Скопје. Но таа признава дека „нема да биде толку страшно доколку се додаде префикс на името Македонија“. Се споменуваат додавки како „Северна“, „Нова“ или „Вардарска“ Македонија.

Актуелната грчка влада сѐ уште не дала никакви предлози, чекајќи да продолжат преговорите пред да ги открие своите позиции. Во 2007 година, тогашната влада предложи „име со географска одредница“.

Доколку се постигне договор, влезот во НАТО е многу поверојатен за Македонија отколку приклучувањето кон ЕУ, која го замрзна проширувањето најмалку до 2020 година.

„Прашањето е: која е цената за приклучувањето кон клубот?“, прашува Тони Дескоски, професор на Правниот факултет во Скопје.

 

DW.COM

Реклама