Македонија не е безбедна земја за Ромите | Северна Македонија | DW | 12.11.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Македонија не е безбедна земја за Ромите

Колку се државите од Балканот безбедни земји? Една Ромка од Македонија докажа дека била полициски малтретирана и доби бегалски статус во Германија. Печатот на германски јазик се занимава и со други теми од Балканот.

Весникот „тац норд“ денеска известува за пресудата на судот во германскиот град Олденбург со која на една Ромка од Македонија и’ се признава статусот на бегалец. „Од пресудата во Олденбург произлегува дека жената со години била малтретирана од полицијата и дури со незаконска интервенција во актите била спречена да добие работно место преку Заводот за вработување. Во 2011 година жената била толку претепана од полицајки, што го загубила своето уште неродено дете. Таа одбила да ’собира‘ гласови од ромската заедница за партијата на шефот на владата Никола Груевски“, пишува „тац норд“.

Истиот весник во врска со овој случај објавува и коментар, во кој се вели: „Сите треба да знаат: за Ромите, кои морат да живеат во импровизирани населби во Србија, Косово и Македонија, не добиваат работни места, се исклучени од здравствената заштита и се изложени на напади од страна на населението или полицијата, ниедна од тие земји не е ’безбедна‘. Македонија се наоѓа во длабока внатрешнополитичка криза, Комисијата на ЕУ и’ префрлува на владата за корупција и изборна измама. Земјата се наоѓа пред граѓанска војна.

Правно во Олденбург е пресудено во еден поединечен случај - за една жена која го документирала кршењето на човековите права на Ромите од страна на државата и со тоа ја сврте полицијата против себе. Но, политички тоа е бомба: оти, како може да биде безбедна една држава, која со години не ги штити луѓето од прогон, туку самата ги тормози? (...) Ако се сака, може да се најдат многу потврди за дискриминацијата на Ромите. Но, Германија не сака“, коментира „тац норд“.

Одмаздата на Косово против Србија

Весникот „Ное Цирхер Цајтунг“ пишува за тоа, како „правосудството и владата на Косово попуштаат под притисок на опозицијата“. Повод е одлуката на уставниот суд да ја суспендира спогодбата за нормализација на односите со Србија поради протестите на опозицијата за ветената голема мера на самостојност на српските општини во Косово. Во прилогот се укажува: „Забележителна е временската коинциденција: само еден ден пред решението на уставниот суд, балканската држава која е независна од 2008. година, доживеа неуспех со барањето за прием во УНЕСКО“. Србија ги употреби сите дипломатски средства да го спречи приемот, се констатира во текстот. „Се чини дека не е сосем без основа сомневањето дека била во прашање желба за одмазда против Србија како реакција на тој пораз - дотолку повеќе, што правосудството во Косово не е на добар глас. Тоа е подложно на политички влијанија, констатира Комисијата на ЕУ во Извештајот за напредокот објавен во вторникот. Ако и онака тегавото помирување меѓу Србија и нејзината некогашна покраина западне во застој, посакуваното пристапување на двете држави во ЕУ ќе биде одложено за уште подалечна иднина“, тврди „Ное Цирхер Цајтунг“.

Türkei Wahlerfolg Erdogan Unterstützer Symbolbild

Ердоган е против алкохолот, пишуваат весниците

„Ајран не е средство за заспивање“

„Во Турција сега дури и пијалоците можат да бидат навредени“, извлекува магазинот „Ди Цајт“ во поднасловот на прилогот во кој се вели: „Само што еден актуелен извештај на ЕУ го жигоса ’негативниот тренд кај почитувањето на владеењето на правото‘ во Турција, а веќе збирката на Лекс Ердоган е збогатена со еден натамошен пример. Еден фабрикан на чај мора да плати околу 70 000 евра казна поради навреда. Но, оштетениот не е претседателот, ни нацијата, ниту религијата. Не, жртва на деликтот за навреда на честа е ајран, традиционален турски јогурт“. Потоа во прилогот е објаснето дека станува збор за тв-реклама во која познат рапер пее дека ајранот го успал. „Неоснована навреда“, оцени турското министерство за трговија. „Претседателот Ердоган лично во 2013 година го крена ајранот на ниво на ’национален пијалок‘. Тоа унапредување требаше првенствено да служи за омилената ракија анасонка да изгледа нетурски. Одамна веќе не е тајна дека владата на АКП, во рамките на интензивираната заштита на обичаите, тенденциозно следи прохибиторски намери. Така стриктниот апстинент Ердоган со задоволство укажува на тоа, дека основачот на републиката Кемал Ататурк почина од прекумерно консумирање ракија. (...) Ефектите веќе сега потсетуват на негативните искуства со прохибицијата“, констатира „Ди Цајт“ и ги наведува 18-те смртни случаи за само неколку дена во Истанбул од консумирање илегално произведена ракија. „Значи, зад мерките за заштита на честа во полза на ајранот во крајна линија се крие антиалкохолна агенда. Јогурт, вода и сол, наместо хмељ, квасец и слад - зад ова кредо се крие религиозно-реакционерно образложена културна промена“.

Реклама