1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај за песната „Роди ме мајко и фрли ме во управен одбор“

18 август 2021

Се стеснува можноста за партиско екипирање на управните и надзорните одбори. Ќе има јавен оглас, бројката на членови ќе се преполови, а се регулира и надоместокот.

https://p.dw.com/p/3z6ja
Symbolbild Konferenz
Фотографија: picture alliance/dpa/N. Armer

Ќе се крати армијата од членови на управни и надзорни одбори избирани без огласи и во многу случаи - без стручни кавалификации. Владата вчера го усвои најавуваниот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија, со кој се преполовува досегашниот број на членови во управните и надзорните одбори во јавните претпријатија.

Според предложените измени, бројот на членови на управните одбори се намалува од сегашните 15 на 7 членови, односно на 5 членови во општини во кои живеат до 50.000 жители, како и за управните одбори на меѓуопштинско јавно претпријатие. Бројот на членови во надзорните одбори на јавните претпријатија се намалува од сегашните 5 на 3 членови.

Истражувања на повеќе граѓански организации во изминатите години ги отсликаа „сјајот и бедата“ поврзани со нетранспарентниот начин на изборот на овие членови, од кои дел немаат надоместок, но поголемиот дел добиваат суми кои се движат од една третина на просечната плата во земјата, дел колку просечната плата, а некои стигнуваат и до 70.000 денари.

Сега, со предложените измени, ќе се регулира и постапката за избор на членовите, но и висината на надоместокот. Надоместокот за членовите на управните одбори нема да може да биде поголем од половина од просечната плата на вработените во одреденото јавно претпријатие, а надоместокот за членовите на надзорниот одбор нема да може да биде поголем од една третина од просечната плата на вработените во тоа претпријатие. Притоа, се воспоставува целосна транспарентност при постапката за избор на членови, како и мерит процедура при селекцијата и именувањето. За првпат станува законска обврска објавувањето на јавен повик за членови на управни и надзорни одбори на јавни претпријатија и тоа на веб-страниците на Владата, општината или Градот Скопје и на веб-страницата на самото јавно претпријатие и тоа три месеци пред истекот на мандатот на актуелниот состав. Се воведува законска обврска за формирање Комисија за селекција, која на јавен и транспарентен начин ќе ја врши постапката за селекција на сите пријавени кандидати.

Symbolbild Business und Analysen
Фотографија: Fotolia/pressmaster

Како е сега?

Досега условите за назначување на членови на управни и надзорни одбори беа премногу општи и не беа поврзани со самата надлежност на јавното претпријатие. Не беше регулирана постапка за избор на најдобар кандидат во случаи кога има повеќе кандидати за една позиција.

„Отсуството на јасна и транспарентна постапка за селекција на членовите на раководните органи во државните претпријатија отвора голем простор за волунтаризам, политичко влијание и поставување несоодветни лица на раководни функции во претпријатија чии годишни приходи изнесуваат 800 милиони евра. Наместо стручњаци во областа на работењето на јавното претпријатие, во управните одбори, и тоа на најголемите државни претпријатија, се именувани, меѓу другите, и раководител на бензинска пумпа, сопственик на златарски дуќан, професор по англиски јазик, политиколог, стоматолог, секретари на училиште, педагози, психолози, осигурителни брокери и сл.“, се вели во клучните наоди од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации од 2019 година, „Право или политика: Изборот на членови на управните и на надзорните одбори во државните претпријатија“.

Со оглед на досегашната нетранспарентност во процесот на избор, остана оправдан сомнежот дека списоците за именување на членови на управните и на надзорните одбори на претпријатијата во државна сопственост се составуваат надвор од институциите, односно во партиските кругови.

Но, дури и при таков „принцип“ на избор, прашањето е дали се водело сметка избраните да имаат искуство и квалификации.

Во студијата („Кој ‘тоа’ таму управува“, 2019 г.) на Институтот за демократија - Социетас Цивилис (ИДСЦС) се вели дека искуството е најголем дефицит во критериумите за назначување. Од анализирани податоци за вкупно 1.206 членови на управувачки структури, 63% од членовите на надзорните одбори имале искуство до пет години, а дури половина имале незначително искуство. Дури 43% од членовите во управните одбори немале искуство.

„Тоа што е интересно, е дека во надзорните одбори, каде што пред сè би требало да членуваат луѓе со правна и финансиска заднина, има 22% технички лица, 12% од општествени науки и 4% со студии од уметност или хуманистички науки. Надзорните одбори имаат функција да го надгледуваат материјалното и финансиско работење на институциите. Оттука изглегува прашањето колкав е капацитетот на надзорните одбори за соодветно да ги исполнуваат своите надлежности“, се вели во студијата на ИДСЦС.

Анализата на (достапните) биографии покажала дека 5% од управувачките структури биле со средно образование, што е во спротивност со законските критериуми, според кои високото образование е задолжително. Во анализираниот период со средно образование биле 2% од директорите и 7% од членовите на надзорните одбори.

Symbolbild Geschäftsmann
Законските измени се една од мерките на Планот за борба против корупцијата, се вели од ВладатаФотографија: Arno Burgi/dpa/picture alliance

Мерка против корупцијата

Според неофицијални податоци, сите управни и надзорни одбори ја чинат државата околу 2,5 милиони евра годишно. Притоа, нема воедначеност во висината на надоместоците дури и кај институции од иста област, а голема разноликост владее и во однос на бројот на членови на управните одбори: некои се држеле до законскиот минимим (5), други до законскиот максимум (15). Но, постоеја и апсурди, како примери со неколку претпријатија кои имаат еден вработен, а наспроти него еден директор, 5 члена на управен и 5 члена на надзорен одбор.

Според ветувањата на властите, ваквите слобости ќе бидат надминати. Од Владата потенцираат дека овие законски измени се една од мерките на Планот за борба против корупцијата.

„Со овие измени ќе се зголеми на ефикасноста во работењето на јавните претпријатија и ќе се оневозможува секое политичко влијание при изборот на членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија, а ќе се овозможи поефикасно управување и надзор на работата на јавните претпријатија, а со тоа и подобрување на услугите кои им се пружаат на граѓаните“, највуваат од Владата.