Македонија може да почека | Северна Македонија | DW | 24.07.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Македонија може да почека

Трауми во светот, задоволство во Македонија. Владата доби стотици милиони евра, опозицијата мисли дека е чекор поблизу до власта. Што е битно што е државата чекор подалеку од реформи? Колумна на Зоран Јордановски

Нова драма која го запира здивот, повторно недолжни жртви, во најголем дел на возраст меѓу 14 и 21 година, животот во еден милионски град 10-ина часови целосно блокиран. За неполни десет дена три напади, два од нив во Германија: прво Ница, па Вирцбург и сега Минхен. Во моментов кога го пишувам текстов уште се нејасни мотивите на сторителот, од што ќе зависи класификацијата како терористички акт или амок. Во првиот случај мотивот е политички, во вториот некаква лична причина, незадоволство. Границата меѓу нив е премногу флуидна, ефектот ист – внесува несигурност поради сознанието дека секој, во секој момент и на секое место може да стане жртва. И да не е класичен терористички акт, реакцијата на властите и на јавноста јасно го отсликува стравот од теророт (запрен комплетниот јавен превоз, огромно полициско присуство во сите клучни делови на градот, ангажирање на специјалците од ГСГ9). Профилот на сторителите целосно се совпаѓа со мострата: мигрант (Вирцбург) или домашен граѓанин со мигрантско потекло, со чувство на запоставеност во општеството (Ница и Минхен), сите тројца муслимани (кои преовладуваат меѓу маргинализираните).
Затоа овде не би додал ништо повеќе, отколку она што го констатирав во мојата минатонеделна колумна – дека денешницава е „Време на опасно живеење“.

Задоволство од постигнатиот договор во Македонија. Зошто?

Во Македонија белег на изминатата недела ѝ даде договорот за избори. Којзнае кој по ред договор, за избори што ќе се одржат којзнае кога. И по којзнае кој пат да им се чуди човек на умот на инволвираните во таканаречениот процес за надминување на кризата со меѓународно посредништво. Преговарачите искажаа задоволство од постигнатиот договор, кој за да стане договор за избори уште треба да добие виза и од партиските лидери на крајот на август. Од што се задоволни? Како во така договорените услови изборите ќе ги донесат промените што се од витално значење за Македонија и нејзините граѓани? Што ќе биде реализирано од препораките на Прибе до евентуалните избори, евентуално во декември? Која е гаранцијата дека новоизбраната влада ќе се зафати сериозно со нивно спроведување?

Jordanovski Zoran Kommentarbild App

Зоран Јордановски



Прво избори, а променинакуково лето“

Преговорите тивко еволуираа во промена на парадигмата. Полека, полека, со содејство на сите фактори, во втор план се потиснати промените, а најважно стана спроведувањето на избори. Клучно за сите, значи, сепак е прашањето за власта и оној што ќе ја врши да има каков-таков легитимитет добиен на какви-такви избори, а не реформите. Тоа фрла огромна сенка врз сите учесници во преговорите и уште помалку ќе ги разубеди скептиците кои сметаат дека сето е само гола борба за власт поради привилегиите што ги носи таа.
Што стана со избирачкиот список? Каде се фантомските гласачи? Или опозицијата страда од привиденија? Привидение ли се личните карти за „човечињата“ од Мала Преспа? Повторно ли некој ќе ги донесе „фатени за рачиња“ да гласаат на наредните избори? Привидение ли се умрените лица што беа на избирачкиот список, ќе се повампири ли уште некој за да го даде својот глас на наредните избори? Да се разбереме, не станува збор за тоа дали навистина имало 300 или петстотини илјади фантомски гласачи, доволен е и еден единствен фалсификуван глас за да е исполнет описот на кривичното дело фалсификување на избори. А не бил само еден.
Без реален попис на населението – колку и да има политички импликации таа првенствено демографско-статистичка операција – нема ни веродостоен избирачки список. Нужно е и стриктно регулирање на гласањето на иселениците, што претпоставува и јасно дефинирање на поимот иселеник.



Што е со состојбите во правосудството?

Податоците пласирани деновиве во македонските медиуми повеќе од убедливо ја отсликуваат состојбата во правосудството: судовите речиси стопроцентно ги исполнуваат желбите на Јавното обвинителство (ЈО) за одредување привремени мерки за одредени осомничени лица и во исто толкава мера ги одбиваат барањата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за исти такви мерки. Со оглед на досегашното искуство, верува ли уште некој од актерите во преговорите (тука секогаш мислам и на странските медијатори) дека СЈО има било какви шанси да истурка до крај кој и да е од случаите со кои се занимава? Зошто тогаш во договорот за договор за избори нема ни збор и за специјални одделенија во СИТЕ инстанци на судската власт кои би биле надлежни за таквите случаи? На аргументот дека на овој начин би се ставил под сомневање целиот судски систем може да се возврати дека токму постапувањето на судовите ги раѓа таквите сомневања, уште повеќе ако аргументи во таа смисла даваат и највисоките инстанци.

Пари од еврообврзницата, па договор за избори - коинциденција?

Што е со департизацијата на администрацијата? Државната управа натамошно се шири со нови вработувања (најновиот случај е во ресорот за внатрешни работи); треба ли да се спомене кој критериум е пресуден за прием?! Значи, продолжува корумпирањето на граѓаните од страна на власта – некои со тоа што ќе добијат работно место, други со тоа што ќе добијат повишица или барем што редовно ќе им бидат исплатени платите и пензиите. За што инаку се потребни оние 450 милиони евра добиени со издавањето на еврообврзницата? Дали е само гола коинциденција дека веќе утредента беше постигната согласност околу договорот за договор за предвремени избори?! Актуелната власт така може со помирна глава да оди на евентуалните избори. А опозицијата?! Таа главно се исценка околу надлежностите на преодниот министер за внатрешни работи и бројката на кадровски промени што ќе смее да ги направи тој. Разбирливо, нејзин претставник. Толку тежи залагањето за департизација.

Супермен како главен уредник на МРТ

Власта и натаму ќе може да смета на неограничена поддршка од главните медиуми во земјата на кои за возврат за „љубовта“ ќе продолжи да им пумпа милиони евра, сега можеби и законски легализирано. Што постигна опозицијата? Привремено назначување главен уредник во националниот сервис од своите редови? Небаре е тој чудотворец, супер-херој. Над него сепак постојат и директор и генерален директор, под него има други порано востановени структури кои можат да му ги поткопуваат напорите. Што ако му се мешаат, го спречуваат во работата? Тогаш опозицијата ќе ја прекине кампањата и ќе повика на бојкот на изборите? Тоа би било враќање на почетокот на кризата. Значи, џабе загубени години.
Каква гаранција за фер медиумско известување пак е специјалното тело составено од претставници на партиите? По што би требало тоа во работењето да се разликува од дејствувањето на сегашниот преговарачки клуб? И, кој би ги спровел неговите евентуални забелешки за известувањето на некој медиум? Соодветната Агенција? Таа и без ова партиско тело би можела и би морала да го прави тоа. Но не го прави.



Пратеницитепиончиња или клучни играчи?

Договорот за востановување такво тело за следење на медиумите не е чекор кон надминување на партократијата, туку нејзино натамошно зацементирање. Партиски диктати во парламентот, четирипартитни партиски преговори за излез од кризата, партиска семоќ. Партиите навистина се носители на организацијата на политичкото дејствување и артикулирање на различните интереси на граѓаните. Но не се и не смеат да бидат единствен и исклучив фактор. Општествената лепеза е многу поширока. За да се намали нивното влијание, првенствено во законодавниот дом, кој не смее да биде збир од послушни партиски пиончиња – оти така се губи неговата основна смисла во триаголникот на поделба на власта - мора да се засили улогата на пратеникот како поединец. Најпоедноставено тоа би се постигнало, на пример, со директен избор на пратениците, а не преку партиски листи. Така пратеникот првенствено би бил одговорен пред гласачите. Тој може, но и не мора нужно да е претставник на некоја партија. А партиите, пак, за да можат да ја реализираат својата програма, уште колку ќе мораат да размислат за каков профил на луѓе ќе се одределат да ги претставуваат на изборите.
Сe` поочигледно е дека до вистински реформи во Македонија ќе протече уште многу вода низ Рајна (Вардар летно време не е најпогоден!). Ова е ситуацијата пред летната пауза. Којзнае, можеби до есен работите повторно ќе изгледаат поинаку (во подобро не верувам).
Македонија се навикна на чекање. Долго чека, ќе почека уште малку.

DW.COM

Реклама