Македонија минус ЕУ - останува ли нешто? | Северна Македонија | DW | 29.06.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Македонија минус ЕУ - останува ли нешто?

Ако како општество одлучиме дека не го сакаме патот кој води преку ЕУ, имаме ли капацитет да стигнеме таму каде што сме тргнале и по друг пат? Пишува Петар Арсовски

Се плашам дека ако од македонската перспектива се одземе ЕУ, тоа што ќе ни остане ќе биде едно големо ништо. Имам впечаток, притоа, дека тоа сознание како да не влегува во моменталната еуфорична дебата. Од двете страни на аргументите, за и против, недостасуваат суштински елементи, кои го прават дискурсот искривен и нецелосен. На крајот, ако како општество одлучиме дека не го сакаме патот кој води преку ЕУ, имаме ли капацитет да стигнеме таму каде што сме тргнале и по друг пат?

Македонија останува длабоко поделено општество - политички, идеолошки, етнички, религиски, па ако сакате, и вредносно. Таа поделеност успешно нѐ блокираше во напредокот последните две децении, од двете страни на политичкиот спектар. Досега, единствен „лепак“ за тие поделби, едното врзивно ткиво, беше евроинтеграцијата, како симбол, како засега единствен механизам за обезбедување подобар живот на дел од сегашните и идните генерации и веројатно единствена заедничка цел која ги пресекува поделбите кои постојат во нашата држава. Затоа, кога разговараме за одбивање на францускиот предлог, не знам дали е паметно тоа да се изедначува со одбивање на европерспективата воопшто – на линија на мантрата „таква ЕУ не ни треба воопшто“. Сепак, имам впечаток дека ние сме подготвени да го одбиеме сегашниот предлог, не за да добиеме подобар, туку и по цена да не добиеме никаков предлог повторно, што не сум сигурен дека за нас е одржлива опција.

Како автомобил во лер

Во последните 17 години, од 2005-тата (кога официјално станавме земја кандидат), успешно докажавме дека еклатантно немаме капацитет сами да ја завршиме сопствената домашна задача. Додека здушно лелекавме над сопствената судбина и неправдата на светската геополитика и додека ја пцуевме ЕУ, сепак не ги засукавме ракавите дома, за сами да ги направиме потребните промени. Оти, да знаевме и да можевме, ќе ги направевме, имавме скоро две децении за тоа. Затоа, останува впечатокот дека ние, како и поголемиот дел од балканските држави, сме сепак автомобил на угорнина оставен во лер - ако не го туркаш напред однадвор, тој, оставен сам на себе, се лизга наназад.

Затоа, без да навлегувам предлабоко во аргументите на пропонентите и опонентите на сегашниот обид за почеток на преговори, мислам дека во наративот на двете страни недостасуваат суштински елементи, кои дебатата можеби од оптика на нишан, би можеле да ја преместат во реална дискусија за иднината. Ако претпоставиме дека членството во ЕУ е средство, а не цел, а дека крајната цел е подобро општество и квалитет на живот, тогаш на двете страни на дебатата немаме одговори на клучни прашања.

Оние кои стојат на ставот дека сегашниот предлог треба да се прифати, немаат суштински одговор: дали предлогот во оваа форма ги забрзува евроинтеграциите, или всушност гарантира повеќе проблеми на тој пат?

Оние, пак, кои безусловно се за одбивање на предлогот, немаат одговор како понатаму. Досега, планот за тоа како од државата да направиме подобро место за живеење беше преку ремонтот на општеството низ преговорите. Ако тој план се одбие, кој е другиот план? Дека дома имаме некој голем капацитет самите, немаме. Без овие елементи во двата наратива, аргументите од двете страни остануваат емотивни, празни.

Се разбира дека сегашниот предлог е искривен и неправеден, и секако дека е полош од претходните предлози на германското и португалското претседателство, но треба да имаме предвид неколку факти:

(1) со претходните предлози немавме договор, па така бадијала беа за нас добри; 

(2) искривеноста на предлогот е функција на поставеноста на состојбите во ЕУ во моментов, а не е производ на преговорите – факт е декаБугарија е членка, а ние не, и дека нивната позиција во моментов е посилна, и за неа изготвувачите на предлозите мораат да се грижат повеќе одошто за нашата;

(3) предлозите во континуитет се влошуваат, како ЕУ губи енергија за проширувањето, како што германскиот беше подобар од португалскиот, а португалскиот подобар од францускиот, слично како и со решението за името – она што го одбивме во 2008 беше недостижна премија во 2018.

Оттаму, треба да се запрашаме какво решение би добиле, ако го оставиме ова прашање да тлее уште 15 години, на пример.

- повеќе од авторот: Како да станеш тиран во неколку лесни чекори?

Издржете за „Македоња“!

Немам паметен одговор што е вистинска одлука во моментов, но знам дека не треба да донесеме ниту една одлука без сериозно да ги разгледаме нужните последици, нашите планови врзани за сите опции, и алтернативите. Имавме едно искуство со емотивно одбивање на сличен предлог за решение за името и брзо членство во НАТО во 2008, и сите видовме како државата уредно отиде по ѓаволите во вредносниот вакуум кој го остави одбивањето на тој предлог. Затоа, одлуката за овој обид треба да биде врзана со сознанието за тоа што оставаме во наследство по таа одлука.

- повеќе од авторот: Имаме ли план Б?

На крајот, ние можеби ќе одлучиме дека имаме доволно инает и сили да издржиме уште две децении за нашата национална историја и гордост, но дали така ја киднапираме иднината на нашите деца, на сметка на гордоста на нашите дедовци? Да не се случи децата уредно да си се иселат, повеќе одошто досега, да си направат подобар живот без нас, да ни ги остават и Гоце, и Самоил, и нашата вечна борба, па оттаму, од Европа која ја одбивме, доаѓајќи едвај еднаш годишно, да ни порачуваат „Издржете таму долу, за Македоња!“