Изборна кампања: Мицкоски раскажува вицови, Заев се шегува на своја сметка | Северна Македонија | DW | 28.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Изборна кампања: Мицкоски раскажува вицови, Заев се шегува на своја сметка

Сатиричниот виц на Христијан Мицкоски за неговиот политички опонент и двојниците на премиерот Зоран Заев го обележаа почетокот на изборната кампања во Охрид и во Битола.

Со бројни ветувања, подгревање на надежта на гласачите за подобро утро, планови за нови проекти и вработувања, започна кампањата за локалните избори во Северна Македонија коишто ќе се одржат на 17 октомври. Лидерите на владејачката партија и на опозицијата синоќа ја искористија говорницата и за хумор и сатира. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, својот прв настап пред гласачите во кампањата го искористи за да раскаже виц за својот политички опонент. Премиерот и прв човек на социјалдемократите, Зоран Заев, пак, се пошегува на своја сметка. 

Сатирата на Мицкоски 

„Отишол Заев во едно населено место, ги собира граѓаните, жителите на тоа населено место и им вели – кажете ми два проблема што сакате да ви ги решам. И првиот проблем што тие го рекле – господине Заев, овој градоначалникот овдека изминативе четири години нѐ лажеше дека ќе направи водовод, дека ќе направи канализација, но од ветеното ниту трага ниту глас“, рече Мицкоски синоќа, кој најави дека обраќањето ќе го започне со сатира за Заев.  

„Се завртел Заев, го земал мобилниот телефон в рака, почнал да врти на директори, министри, соработници, да се расправа со проектанти, така половина час, овие го гледаат замислено, го гледаат како се прпелка те лево, те десно и по половина час спушта слушалката и вели – готово, првиот проблем е решен. Кој е сега вториот проблем што сакате да го решам? Па, вели, вториот проблем е, бидејќи е 21 век, сите веќе имаат мобилна комуникација, само нашата општина остана отсечена, нема мрежа за мобилни телефони, па ако може да обезбедите да има мобилна мрежа за нашите телефони“, продолжи Мицкоски. 

Според него, токму вака ќе изгледаат овие избори. „Ќе биде сето тоа идентично со претходните, буквално исто идентично, но овојпат нема да може да излажат, затоа што сите ги дознаа, сите ги запознаа какви се и знаат дека на ниеден збор што ќе го кажат не може да им се верува“, рече Мицкоски. 

Повеќе: 

Локални избори: Родова рамноправност на машки начин!

Има ли зрели гласачи да пресудат на „Циркус Медрано“ избори

Двојниците на Заев 

ВМРО-ДПМНЕ традиционално својот прв митинг и преставувањето на кандидатите за градоначалници го одржа во Охрид на Античкиот театар. Во исто време во Битола, владејачката СДСМ ги престави своите кандидати за локалните избори. Премиерот Зоран Заев, одлучи изборната кампања исто така да ја започне со хумор, но на своја сметка. 

„Се сомневам да не има двајца луѓе со исто име и презиме. Еден Зоран Заев кој е тука со граѓаните, кој донесе многу интернационални награди и еден друг Зоран Заев кој се соочува со фејк њус организирани и финансирани од Будимпешта. Но, пописот ќе покаже дали постои еден или двајца Зорановци со презиме Заев. Ако покаже дека има двајца, бидете сигурни дека се скарани“, рече Заев на стартот на кампањата, којашто ќе трае до 15 октомври. Партиите најавија позитивни кампањи, но политичката атмосфера во државата навестува бурна есен.