Шовинистичка хистерија | Северна Македонија | DW | 06.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Шовинистичка хистерија

За спас на Македонија се покрена тешката артилерија предводена од неколку академици, универзитетски професори, политичари, историчари, лингвисти, новинари... Агресивно се шири еднонационална супериорност.

Откако националистичките пропагандни пораки не го кренаа доволно адреналинот кај патриотите да ја спречат конструираната пропаст на државата, нацијата и јазикот, се огласија шовинистички труби за тревога. За спас на загрозениот идентитет се покрена тешка артилерија предводена од неколку академици, универзитетски професори,  политичари, историчари, лингвисти, новинари... Агресивно се шири еднонационална супериорност како единствен излез од предавството на националните интереси.

Се нудат спасоносни вакцини за колективен имунитет од опасниот граѓански и западноевропски вирус кој го шират домашните непријатели, предавници и странски платеници. Лелеците и пискотниците се за македонско национално единство, да остане Македонија на Македонците оти таа веќе не е на Македонците, таа е ничија и сечија земја. Македонците се обезличени, без национален идентитет, без име, без јазик, без историја и без свое минато и културно наследство, без своја посебност. Единствениот конститутивен народ на Македонија веќе нема своја држава. Уништено е сѐ што е македонско и азбуката и придавките и именките и глаголите и точките и запирките. Така пишуваат и проповедаат научници и спасители на националните интереси.

Соединението ќе ја чини силата

Марионетската квислиншка влада, инсталирана од светските џандари и европската вавилонска блудница, треба да се порази час поскоро, да дојде народна власт по демократски пат на избори, така соединението ќе ја чини силата. Крајно време е да влезат во парламентот барем стотина вистински и чистокрвни сенародни избраници национално освестени дејци што вистински ја сакаат татковината предводени од веќе обнародениот список на генијалци и месии и да заврши мачниот од по Голгота. Потоа, многу бргу, кога ќе останеме свои на своето, сѐ ќе оди лесно.

Прво ќе го раскинеме срамниот понижувачки договор со Грција и ќе го вратиме уставното вековно име Република Македонија со сите атрибути кои ни припаѓаат само нам, со сите придавки, точки и запирки. Истовремено, новото уставотворно Собрание со огромно патриотско мнозинство ќе го раскине асимилаторскиот договор со Бугарија погрешно насловен „за добрососедство“. Ќе се донесе нов Устав каков што ни доликува, кој ќе ги бетонира сите идентитетски посебности кои беа распродадени како на кванташки пазар. Така ќе ги сочуваме корените од антиката до денес. Нема веќе да бидеме исушено дрво, ќе си го вратиме славното минато од пред и по Христа.

Ќе си ја вратиме и гордоста и достоинството, ќе ја сочуваме независноста, суверенитетот и неделивоста на државата. Ќе си останат само наши за навек и Филип и Александар Македонски и Аминта Трети, и сите цареви, кралеви и кнезови и Гоце Делчев и Даме Груев и Никола Карев и сите други револуционери и преродбеници.

И на Америка и на Европа и на Обединетите нации и на сиот свет ќе им кажеме, да научат засекогаш, дека тоа се нашите услови и нашите црвени линии од кои не отстапуваме ни за еден микрон. Туѓо не сакаме, своето не го даваме.

Пред тие да ни го раскинат членството во НАТО, ние тоа сами ќе го направиме, па нека видат што ќе прават после, кога ќе останат без најзначајната стратегиска раскрсница на планетата Земја, кога ќе го изгубат и „Папокот на светот.“ А зошто ни е НАТО кога и онака сегашните спасители на Македонија своевремено многу паметно и навремено предупредуваа што бараме во таа злосторничка организација што го тероризира светот, кога можеме да бидеме Швајцарија на Балканите, ептен неутрални, или како што велат новите мирновременски народни херои: „Па и Швајцарија и Норвешка не се членки на ЕУ, па што им фали?!“. Можеме ние да бидеме и како Швајцарија и како Норвешка само ќе ни треба малку време и мудра власт и добри водачи да ни ја стокмат ветената земја од Бога.

Други колумни од авторот:

Го ослободија ли насуканиот брод Мицкоски и Заев

Добро за почеток, далеку од врвот

Ненормално е да се биде нормален

Што ќе правиме со немакедонците?

Што значи тоа малку изгубено време од неколку генерации спрема вечна Македонија? Ништо. И онака си живееме убав и достоинствен живот во изобилие како и досега, па чуму ни се белосветски заговори за обезличување и обезименување кога можеме сами, а ако треба и со други сојузници?

Остануваат нерасчистени само уште две три маленкости кога ќе расчистиме со спасување на нашите идентитетски и јазични посебности и предавници. Што ќе правиме со немакедонците што живеат во Македонија? Ќе треба некој од политичките генијалци да им објасни онака ептен научно зошто тие нема веќе да припаѓаат на конститутивните народи на Македонија. Со други зборови, нивната наука со силни аргументи кажува дека ако не им се допаѓа, или нека си одат, или ќе ги натовариме во вагони со билети во еден правец, па нека се вратат таму од кај што дошле. Тоа се ситни детали со чија реализација нема да се занимаваат научниците, туку армијата и полицијата. Притоа, сите жртви за Македонија ќе ги примиме со адмирација и со голема почит.

Конечно, зошто немакдонците би биле конститутивни народи ако учествувале во сите востанија и во Втората светска војна и на АСНОМ и на АВНОЈ и на солунски и на Сремски фронот и гинеле барабар со Македонците за слободна Македонија и учествувале во нејзината обнова и изградба? Тоа не е доволно да се биде конститутивен. Треба доказ со ДНК од најмалку пет генерации.

Вториот мал проблем, кој во суштина и не е некој голем проблем, е што тие што ќе дојдат на власт по демократски пат со сенародно национално единство на изборите и со големо мнозинство во Парламентот нема да променат ниту еден збор, ниту една запирка од веќе потпишаните и ратификувани договори со Грција и со Бугарија, ниту пак ќе променат нешто во односите со ЕУ и со Америка. Ќе ги променат само функционерските места и станарите на затворските ќелии.

Напротив, сето тоа ќе биде дел од новата политичка пропаганда дека ете баш тие ја преземале историската одговорност и ја завршиле работата како што треба, за разлика од сегашната неспособна влада чии договори божем - како што тогаш ќе откријат големите патриоти - се непроменливи како што откри грчката опозиција откако дојде на власт и како што ќе откријат во наредните месеци и бугарските патриоти. Кажано со други зборови, договорите се лесно раскинливи, но последиците од тоа се катастрофални и ненадоместливи. Затоа ниту една власт нема да ги чепне.

Ниту еден Македонец нема да си го смени идентитетот

Македонија ќе ги почне преговорите и ќе стане членка на Европската унија без ниту еден Македонец да си го смени идентитетот, националната припадност и сите свои јазични и културни посебности со што сега ги заплашуваат граѓаните. Огромното мнозинство и од тие што земале егзистенцијален бугарски пасош нема ништо да променат од својот идентитет. Двата клучни збора во името на државата: Македонија и Република остануваат негибнати и сето тоа што оди заедно со нив.

Географската додавка останува додавка и ништо повеќе, исто како што беа содржани повеќе додавки во името на државата во изминатите 77 години од основањето на првата парламентарна држава. 

Негациите на патот до членство во ЕУ само ќе ги зајакнат македонските идентитетски обележја. Историското минато не се пишува во комисии, туку од непристрасни научници во тивките научни кабинети кои сега се претворија во пропагандни дневнополитички кружоци кои креваат опасна ѓурултија. Никој не може да прогласи крај на историјата. Многу документи стојат неистражени во правливите депоа, во заклучени архиви и под земјата и чекаат непристрасни научници.

Штом почнат преговорите и стане повидливо членството во ЕУ, ќе молкнат сирените и лелеците на месиите за спасување на Македонија, исто како што се случи со приемот на Македонија во НАТО. Тогаш ќе се огласат нашите спасители дека ете баш тие се најзаслужни за големиот успех.

Па што тогаш може да ја попречи Македонија во процесите на нејзината европеизација и интеграција со развиениот свет и да ја изгуби праведната страна на историјата? Тоа се успешноста на повиците за еднонационална хегемонизација и лажно единство кое води до резултат како во двојните садови во физиката и хемијата. Ќе нараснат паралелно на иста височина и идеите за самоопределување и отцепување. Во тој случај ќе станат многу актуелни старите проекти за размена на територии, но под нечиј друг диктат.

Деновиве тоа повторно го слушнавме, а ја слушнавме и заложбата на Милорад Додик дека единствен излез за Босна и Херцеговина е да се формираат три држави, па секој нека си пишува своја историја, нека си одредува свој идентитет, нека си слави своја слава и нека се самоопределува. Тоа ли го сакаме? Се разбира НЕ, ама натаму водат сегашните хистерични повици на еднонационално единство.