Македонија е во сос, ако треба да ја „брани“ СОС | Македонија | DW | 18.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија е во сос, ако треба да ја „брани“ СОС

„Стоп операција Сорос“ (СОС) е новото граѓанско движење кое најавува дека ќе иницира и ќе се бори за десоросоизација во Македонија. На тој план нивните цели се идентични со целите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија е во вистински сос, ако треба да ја „брани“ СОС, некое движење за десоросоизација, сметаат аналитичари и со индигнација одбиваат да коментираат за „наводната граѓанска организација“, зад која сметаат дека стои владејачката партија. 

Водени од максимата „Не прашувај што државата направила за тебе, туку што ти си направил за државата“, вчера со Иницијативен одбор е формирано граѓанското движење „Стоп операција Сорос“, соопштија провладини медиуми. Меѓу основачите се Цветин Чилиманов, уредник на сервисот на англиски јазик воМакедонската информативна агенција (МИА), Ненад Мирчевски, новинар во неделникот и портал „Република“ и историчарот Никола Србов.

„Повикани од демократските вредности, плурализмот, правото на слобода на говор, еднаквоста, правдољубието и љубовта кон нашата држава Република Македонија, тежнееме да бидеме првиот зрак од кој ќе произлезат вистинските вредности во граѓанското општество. Ги повикуваме сите слободоумни и правдољубиви граѓани, без разлика на нивната етничка припадност, вера, пол или политичко убедување, но со јасно изразени демократски вредности, да ни се приклучат во борбата против едноумието во граѓанскиот сектор осмислено и предводено од Џорџ Сорос. Се собравме во Иницијативен одбор за формирање на граѓанското движење „Стоп Операција Сорос“ преку кое во наредниот период ќе го иницираме и ќе дадеме придонес во процесот на десоросоизацијата во Република Македонија“, порача Србов.

Како што најавуваат основачите, граѓанското движење најпрво ќе започне со работа преку отворање на прашања и давање на одговори за начинот на кој што делува Сорос во Македонија, а сите граѓани кои што сакаат да се приклучат ќе ја имаат таа можност преку активностите кои што ќе се случуваат во иднина. Не е прецизирано какви ќе бидат „активностите во иднина“.

USA George Soros Investor spricht in Berlin

Џорџ Сорос

Згазете ги гнидите!

Новоформирано движење на социјалните мрежи наиде на поделени реакции, соодветно на длабоката поделеноста во македонското општество.

„Браво, само напред, згазете ги сите соросови гниди и предавници“... „Потребна е брзо прочистување од платениците, веднаш!“... „Какво одговарање на прашања, какви глупости... Токмакот во раце - и веднаш на работа!“

И додека едни ги храбрат, други се згрозуваат.

„Некој дебело треба да одговара за хушкање и градење атмосфера на линч. Нема играчка со вакви работи“... „Да не е трагично, би било смешно. 'Храбрата' власт си нашла два-тројца извршители да му врзат шлаканица на Сорос“... „Само тотално дезориентирани може го бранат 'плурализмот' преку деплурализација во граѓанскиот сектор“.., се дел од коментарите.

Но, основачите на движењето сметаат дека тоа е единствениот и вистинскиот пат. Во кусиот разговор со новинарот Ненад Мирчевски, објавен на неговиот матичен портал „Република“, тој изразува верување дека движењето многу скоро ќе добие масовност, ќе стане сериозен, а се надева и „главен фактор во процесот на десороизација на државата“.

„Ние како граѓани на оваа држава, и пред се како Македонци, имаме обврска како пред нашите предци, така и пред нашите потомци, независно од делувањето на политичките партии, да дадеме свој придонес во зачувување на целовитоста на државата и сите нејзини белези кои во моментот се загрозени од овие платеници во граѓанскиот сектор. Свесни сме дека против нас имаме сериозна организација со огромна моќ, и непресушен извор на финансии, но во исто време сме убедени дека во Македонија има многу повеќе родољуби патриоти за кои опстанокот на татковината нема цена“, вели новинарот на „Република“.

Запрашан - зошто граѓанско движење, одговара: „Во изминатиот период се уверивме дека опозицијата потпадна под целосно влијание на Сорос и неговата фондација, со што сериозно се доведе во прашање опстанокот на државата во денешен облик. Од друга страна, имаме политички партии кои во моментот немаат доволен капацитет одлучно и решително да ги заштитат националните интереси. Но, неспорен факт е дека заканата за опстанокот на државата е премногу сериозна, а општеството е премногу поларизирано и поделено за си дозволиме судбината на државата да ја оставиме во рацете на политичарите, а ние граѓаните така комотно да ги следиме процесите од фотелја“.

За Белизе не мора да се знае

И додека Мирчевски потенцира дека „партиите во моментот немаат доволен капацитет одлучно и решително да ги заштитат националните интереси“, се поставуваат прашања - каков е кредибилитетот на овие „бранители“, кои се афирмирани поддржувачи и медиумски бранители на владините политики. Мери Јордановска, новинарка на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) вели дека токму неделникот и портал „Република“ стана синоним за нејасна и скриена сопственичка структура и го доближи до граѓаните терминот „Белизе“. 

„До минатата година не се знаеше кој е газда на овој медиум, а со тоа и на читеталите им беше ускратено правото да знаат од кого се информираат. Имено, фирмата 'Иресине Лимитед', сопственик на издавачот на 'Република', беше лоцирана во даночниот рај Белизе, каде што тајноста за податоците на фирмите е загарантирана. Во јули минатата година, наместо 'Иресине Лимитед', газда на 'Република' станува Доне Доневски, дотогашниот директор на медиумот. Цветин Чилиманов е уредник во државната агенција МИА, која се финансира со пари од буџетот, а Ненад Мирчевски во медиум кој до неодамна го криеше сопствеништвото на Белизе. Оттаму, нејасна ми е потребата на овие медиумски работници да се занимаваат со прашања од типот'десороизација' и укинување на НВО секторот финансиран од Сорос, кога во нивните редови и нивните медиуми владее целосна нетранспарентност во однос на финансирањето, центрите што ги управуваат како и мрежата од поврзани лица чии имиња се влечат низ десетици портали“, вели Јордановска.

ВМРО-ДПМНЕ: Десоросоизација за излез од кризата!

Во меѓувреме, етерот се полни со изјави за пресметка со соросоидите. Една од нив е изјавата на директорот на Архивот на Македонија и член на ВМРО ДПМНЕ, Филип Петровски, кој повика на расчистување со медиумите на Сорос. Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, побара ВМРО-ДПМНЕ да се изјасни околу заканите на нивниот член Петровски, односно дали ВМРО-ДПМНЕ се согласува да извршува атентати и ликвидации против новинари затоа што застапуваат поинакви ставови.

Од партијата го доби следниот одговор.

„Со застанувањето во одбрана на Сорос, ЗНМ докажа дека не е новинарско здружение кое се грижи за новинарите, туку за нарачателите и манипулаторите од СДСМ/Сорос.(...) Граѓаните на 11-ти декември гласаа против деструктивните политики на СДСМ/Сорос и сите нивни платени мегафони. Македонија мора да оди напред и процесот на десоросоизација е еден од чекорите за излез од кризата“, се вели во одговорот од ВМРО-ДПМНЕ.

 

DW.COM

Реклама