Македонија е во државна и уставна криза од највисок ранг | Македонија | DW | 23.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија е во државна и уставна криза од највисок ранг

Гернот Ерлер, член на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот, смета дека е неприфатливо што преку претседателот Иванов „се спречува промена на власта“ во Македонија.

Германскиот социјалдемократ и член на парламентарната Комисија за надворешна политика, Гернот Ерлер, е „екстремно загрижен“ поради развојот на ситуацијата во Македонија. „Се надевавме дека по изборите ќе дојде до стабилизирање на ситуацијата, а сега сме сведоци на тоа претседателот Ѓорге Иванов да не го дава мандатот за влада, иако опозицијата е во состојба да состави мнозинска влада. Тоа е државна и уставна криза од највисок ранг“, вели во интервју за ДВ добриот познавач на работите во Македонија и на Балканот, Гернот Ерлер.

Тој смета дека билатерални напори за решавање на кризата во земјата, како дипломатската мисија на германскиот амбасадор Јоханес Хајндл, сега не се доволни. „Затоа ме радува што госпоѓа Могерини, како Висок претставник на ЕУ за надворешна политика многу јасно се изјасни околу тоа и му упати јасна порака на претседателот Иванов. Вчера (21.03.2017) и надлежниот еврокомесар Јоханес Хан беше во посета на Скопје. Повторно се случи нешто прилично невообичаено - претседателот одби да го прими. Такви работи, сосема јасно, се регистрираат не само во Германија, туку и во други европски држави. Сега повторно има прилично силен повик дека ваква ситуација, во која земјата практично нема влада иако има мнозинство за влада, е недозволива и тоа мора да заврши.“

Gernot Erler , der Russlandbeauftragte der Bundesregierung (picture-alliance/dpa/P.Seeger)

Гернот Ерлер (СПД), член на парламентарната Комисија за надворешна политика и ополномоштеник на германската влада за Русија

Ерлер прилично јасно покажува со прст и на луѓето кои ги смета за виновни за ваквата ситуација: „Тоа не е можно, затоа што господинот Груевски со својата власт стравува дека ако дојде до промена на власта, ќе се најде пред суд, па со помош на Претседателот спречува промена на власта. Тоа е неприфатливо. Тоа многу ќе влијае на напорите на Македонија да стане признат член на ЕУ-семејството. Најлошо е што Груевски и неговите луѓе во моментов се обидуваат да предизвикаат етнички тензии, со тоа што се полемизира против платформата на Албанците, за која има барања да стане дел од владината програма, при што главна точка е признавање на албанскиот јазик како државен. Се разбира дека може да се биде против такво нешто, тоа е нормално во една демократија - да се имаат различни ставови. Но, апсолутно е недозволиво, и неразбирливо што се организираат демонстрации против Албанците. Тоа што се создаваат етнички тензии, кои се засилуваат, е неприфатливо и напорите на ЕУ сега се насочени против тоа. Ме радува што ЕУ сега стана многу активна во овој случај, зашто тоа може да доведе до регионална дестабилизација.“

Одбивањето на Иванов да му го додели мандатот за влада на Зоран Заев на почетокот на месецов го коментираше и германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел. Тој оцени дека потегот на Иванов е „спротивен на демократските принципи и европските вредности кон кои се обврза земјата“. Габриел од Иванов побара преиспитување на одлуката и нејзина корекција во интерес на граѓаните на Македонија. „Моето барање до сите во Скопје кои носат политичка одговорност е да дејствуваат одговорно и во сегашната вжештена внатрешнополитичка клима нивната реторика да биде умерена и да сторат сѐ за да не им наштетат на односите меѓу етничките групи", рече Габриел, додавајќи дека мора итно да дојде до придвижување во спорот за името, проблем кој „сигурно значително придонесе за заострување на ситуацијата“.

Реклама