Македонија го слави Денот на независноста | Македонија | DW | 08.09.2009
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија го слави Денот на независноста

Македонија денеска слави 18 години независност. Нa 8-ми септември 1991 година граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена Република Македонија.

default

На 8-ми септември 1991 година се остварија стремежите за независност на Република Македонија. Тие беа заокружени со референдумот на кој 95 насто од граѓаните се определија за самостојна и суверена Република Македонија, потсети претседателот на македонскотот собрание Трајко Вељаноски во своето обраќање по повод 8-ми септември, Денот на независноста.

Во обраќањето претседателот на парламентот, Вељаноски, истакна дека Македонија очекува Европската комисија во есенскиот извештај да препорача датум за преговори и резултатите да ги вреднува според европските стандарди и принципи. „Сакам да веруваме дека и нашиот јужен сосед, тргнувајќи од својата демократска традиција, ќе ги почитува европските стандарди и критериуми и нема да се повтори Букурешт, бидејќи нашето приближување и членството во ЕУ е во интерес како на Македонија, така и за целиот регион“, истакна Вељаноски. Осми септември 1991 година заедно со двата Илиндена, како што истакна спикерот, претставуваат три датуми во историјата на македонскиот народ и на граѓаните на Република Македонија кои се тесно поврзани со вековните стремежи, борби и сонувања за самостојна држава.

На приемот по повод Денот на независноста во македонското Собрание присуствуваа македонскиот претседател, Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, министри, пратеници, претставници на дипломатскиот кор и на црквите и верските заедници во земјата.

По повод одбележувањерто на 8-ми септември, Денот на независноста претседателот на Македонија Ѓорге Иванов денеска ќе одржи пригодно обраќање на Свечената академија и ќе одржи прием за поранешните претседатели на Република Македонија Киро Глигоров и Бранко Црвенковски и за сопругата на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски, Вилма Трајковска.

Автор: АТ/миа

Редактор: Жана Ацеска

Реклама