1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Griechenland Gaspipeline TAP | Transadriatische Pipeline | Trans Adriatic Pipeline
Фотографија: Trans Adriatic Pipeline

Македонска инвестиција во Александрополис: Ќар или зијан?

Катерина Блажевска
24 март 2021

Владата гледа исчекор кон енергетска независност и станувањето важна транзитна рута за природен гас, опозицијата смета дека инвестирањето би било штетно - политички, финансиски и економски.

https://p.dw.com/p/3r2B9

Македонската влада на вчерашната седница го разгледала и го прифатила текстот на усогласениот Договор со грчката влада, за изградба на интерконекцијата за пренос на природен гас Грција - Северна Македонија. Во име на македонската влада овластен да го потпише договорот со владата на Грција, е министерот за економија Крешник Бектеши.

„Со договорот ќе се овозможи гасно поврзување на Централна и на Југоисточна Европа, со цел унапредување на диверзитетот и конкурентноста на снабдувањето со природен гас и обезбедување на сигурноста во снабдувањето на регионот. Овие цели ќе се обезбедат и по пат на унапредување на регионалната инфраструктура и подобрување на интеграцијата на пазарите, како и преку обезбедување на потребните количества на природен гас за сите потрошувачи во регионот на Централна и на Југоисточна Европа (CESEC), вклучувајќи ја и Република Северна Македонија“, се вели во соопштението од владината прес-служба.

Раѓањето на интерконекцијата

Договорот не се случи преку ноќ, но се чини и дека разговорите меѓу тимовите од двете земји не траеја предолго. Во македонската јавност темата за првпат беше спомната минатата година во средината на септември, кога премиерот Заев учествуваше на 24-тата конференција организирана од магазинот „Економист“ во Атина. За време на таа посета, на покана на компанијата „Гастрејд“, Заев оствари средба со Кристос Копелузос, извршен директор на групацијата „Копелузос“, која е основачки акционер на компанијата „Гастрејд“. На средбата беше изразен взаемен интерес Северна Македонија да се вклучи во изградба на терминалот за течен природен гас во близина на Александрополис, како нова влезна точка за снабдување со природен гас на земјите од Југоисточна Европа. Станува збор за учество во проектот за изградба на пловна станица за привремено складирање и гасификација на течниот природен гас со капацитет од 170.000 кубни метри, и можност за снабдување со природен гас од 5,5 милијарди кубни метри. Беше оценето дека проектот ќе создаде можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за земјата, од каде потоа гасот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот. 

Nord-Stream-Betreiber scheitern mit Klage gegen EU-Gasrichtlinie
Прашањето не е само енергетско, туку е и геополитичкоФотографија: picture-alliance/dpa/D. Gohlke

Две недели подоцна, вицепремиерите за економски прашања и за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи и Љупчо Николовски, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши, во Солун учествуваа на тркалезна маса „Регионална енергетска безбедност и соработка“, на која присуствуваа и државниот секретар на САД, Мајкл Помпео и грчкиот министер за развој, конкурентност, инфраструктура, транспорт и врски, Костис Хаѕидакис.

Дека не станува збор само за енергетско, туку и геополитичко прашање, посведочи и ланската октомвриска посета на помошникот државен секретар за енергетика и ресурси на САД, Франсис Фанон.

„Геополитичките импликации се значителни, затоа што во моментов регионот има ефективно еден добавувач на енергија и кога која било држава е зависна само од еден снабдувач тоа влијае на начинот на кој државата може да ги реализира своите политики. Ако имате само еден извор немате пазар, туку зависност“, истакна Фанон во Скопје.

Повеќе:

Крај на монополот на рускиот гас на Балкан

Политичко-лукративни игри околу ГА-МА, кој ќарува а кој губи?

Белене ќе почека, Македонија ќе инвестира во грчка гасна електрана

Србија: Во употреба пуштен гасоводот „Балкански тек“

Тој оцени дека учеството на Северна Македонија во овој проект е важно и од географски аспект - како регионален центар, но потребна е политичка волја за ваквата визија да стане стварност.

„Ние сакаме да го поддржиме тоа и да ги поттикнеме американските инвестиции да дојдат овде, во Северна Македонија“, изјави Фанон.

Незнаење или намера?

Од власта сметаат дека земјата е сега чекор поблизу до визијата за енергетска независност и улогата на важна транзитна рута за природен гас во цела Југоисточна Европа. Но, од опозицијата изразуваат големи резерви и критики за ова прашање.

„Незнаење или намера за уништување на енергетиката во Македонија", праша неодамна Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ. 

Griechenland Gaspipeline TAP | Transadriatische Pipeline | Trans Adriatic Pipeline
Компресната станица Кипои во Грција е дел од гасоводот ТАП, пуштен во употреба во јануари 2021 годинаФотографија: Trans Adriatic Pipeline

„Во ситуација кога немаме домашни инвестиции, оваа Влада ќе инвестира, стотици милиони евра надвор од Македонија, 40 милиони евра во Александрополис (10% од 400 милиони) и 100 милиони евра во гасна централа (25% од 400 милиони) т.е. вкупно 140 милиони евра, од кои само 17 се покриени од грант од Европската унија. Намерата и постапките за инвестирање надвор од Македонија во енергетскиот сектор во овој момент, најблаго речено, се знак или за тотално неразбирање на проблематиката и економската состојба на Македонија, или намерно уништување на енергетскиот сектор“, смета партиската комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, политичката штета се состои во тоа што се губи суверенитетот без сопствено производство на енергија и земјата станува енергетски зависна од Грција. Се забележува дека не е јавно прикажана техно-економската студија за оправданост на овие инвестиции, бидејќи досега се објавени само бројки за тоа колку ќе потроши државата, а не се знае колку државата би добила од таквото вложување. Притоа, инвестирањето во терминалот за течен природен гас го смета за економски неоправдано.

„Цената ја зголемува сложената постапка за негово добивање: ладење заради втечнување, транспорт до ладилна станица, транспорт со бродски цистерни до терминалот, потоа загревање заради испарување и повторно компримирање за да се потисне во системот од каде и Македонија би го купувала. Значи, цената на тој продукт е значително повисока, во однос на природниот гас кој се транспортира преку ТАП од изворот Шахдениз 2 преку ТАНАП до Италија, за што претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ веќе има потпишано меморандум за можност за снабдување со природен гас. Што би добила Македонија со оваа инвестиција во терминалот: право да купува поскап гас, спореден со гасот од каспискиот или рускиот регион“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Терминалот се предвидува да почне со работа во 2023 година, а од страна на Европската комисија (ЕК) овој проект беше идентификуван како проект од важност за заедницата. Во него учествува и бугарскиот оператор на системот за природен гас „Булгартрансгас“ кој лани презеде над 20 отсто од акциите на грчката компанија „Гастрејд“.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Symbolbild Wirtschaft und Finanzen

Ветинг за сите или само за идни функционери?

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми

Врати се на почетната страница