Македонија влегува во фаза на највалкани игри | Македонија | DW | 21.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија влегува во фаза на највалкани игри

Третирањето на пржинските придобивки како „привремено окупирани територии“, местенките и диверзиите во МТВ, невестуваат почеток на многу валкан предизборен период, велат аналитичари

Во пресрет на закажаните избори, состојбата во Македонија не се стабилизира, туку од ден на ден се радикализира. Таков е впечатокот на дел од аналитичарите, кои не можат ни да ги добројат причините поради кои состојбата излегува од колосекот што треба да води кон окончување на кризата. Голем дел од нив не сакаат да ги коментираат состојбите „заморони од бесконечната реприза на сите системски дефекти“, но предупредуваат дека земјата се движи во исклучително опасна насока.

За Груевски овие избори се војна против СЈО, против опозицијата и против сите демократски сили во земјата и таа војна тој ја има започнато“, вели професорот Ѓорги Спасов.

„Убеден дека има 'ставено во џеб' барем 400 илјади гласачи кои му должат благодарност за вработување во администрација, полиција, образование, локалната самоуправа, за напредување во судството или за масни профити од коруптивни зделки, Груевски и во овој предизборен период не демонстрира воздржаност туку стил на владеење, како ништо да не се случило. Затоа се највуваат нови барокни фасади, продложува изградбата на Панорамското тркало, зделки за гасификација со концесија на 30 години, задолжување на државата со 450 милиони евра, заткулисни ујдурми со 'Макпетрол'... Не се појавува на суд ни како сведок за тешки обвинувања против лидерот на опозицијата, докажува дека го контролира секој сегмент на 'сваровски- судството' го држи во заложништво Уставниот суд, донесува пропаганден буџет за наредната година иако изборите се закажани за 11-ти декември и остава простор во секој момент гневот на опозицијата и на граѓаните да се излие на улиците и да нема избори на кои тој легално би бил сменет од власта“, оценува Спасов, и потенцира дека опозицијата и демократската јавност треба да сфатат дека власта ќе ги употреби сите валкани трикови и недозволени средства за да се спаси од одговорност.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste Nikola Gruevski Ex-Regierungschef

Никола Груевски

Протекување“ на интервју

Една од тие валкани игри беше протекувањето на целиот материјал од снименото интервју на МТВ со специјалната обвинителка Катица Јанева, кое вчера до редакцијата на „Република“ наводно го доставил анонимен извор, т.н. „свиркач“. Како што објави редакцијата, тоа било сторено „со цел да се прикаже во вистинско светло непрофесионализмот на МТВ и нејзиниот уредник на информативната редакција“. По ваквиот скандал, првиот програмски сервис на МТВ и се извини на јавноста, на СЈО и на обвинителката Јанева, и најави дека ќе биде поведена дисциплинска постапка за утврдување на одговорноста.

„Ги отфрламе сите обвинувања и напади за режирано интервју, со нарачани прашања, оградувајќи се од сите инсинуации, подметнувања и толкувања. Првиот програмски сервис на МТВ ги осудува сите злоупотреби од вработените кои свесно ја изложија телевизијата на медиумски напади и хајки“, беше наведено во соопштението.

Но, набрзо од МРТ стигна и друго соопштение, во кое одговорноста беше насочена кон уредничката на Информативната програма Санта Аргирова.

„Иако одговорниот уредник, пред една недела беше известен дека постои желба да се направи интервју со г-ѓата Јанева, сепак уредничката Аргирова сосема недоследно и без одобрение на Колегиумот на Првиот програмски сервис, на своја рака го продуцираше интервјуто и без консултација со Колегиумот го емитуваше истото, за потоа да следат лавина од реакции за тоа како било сработено? Се разбира и уредничкиот Колегиум на МТВ1 имаше прашања кои сакаше да ги постави до обвинителката Катица Јанева, но завршеното инкогнито интервју не претече сите, надвор од нормалните и професионални принципи на работа“, се вели во соопштението, со став дека „главното извинување треба да дојде од другата страна, Информативната програма“.

Mazedonien Anklage der Sonderstaatsanwältin Katica Janeva

Катица Јанева

Во овие и други игри, Спасов препознава обид на власта сите пржински придобивки да ги сведе на „привремено окупирани територии“.

„СЈО, министрите, дополнителните заменици - министри од редовите на опозицијата и уредничка на Информативната програма на МТВ имаат третман на лица кои се наоѓаат на 'привремено окупирана територија'. Сведоци сме на низа 'партизански акции' што ги преземаат борбените единици на Груевски против нив: ширење пропаганда за демаскирање на нивните 'злосторнички намери', за блокирање на нивната работа преку диверзанти кои тие ги нарекуваат свиркачи, за работа во позадината на непријателот, и за шпионирање и 'разобличување' на активностите на 'непријателот' во МТВ“, заклучува Спасов.

Лизгав терен

Но, битката добива големи димензии и надвор од „окупираните територии“. Таа агресивно се шири на социјалните мрежи, на кои секој ден се раѓаат нови бранители и предавници на државата. Од „истрчување“ на тој лизгав терен не се имуни ни политичарите, па критиките за нивите изнесени ставови ја засенуваат или исклучуваат дебатата за клучните проблеми во државата.

„Македонските политичари на најголемиот и најпосетениот виртуелен плоштад - Фејсбук, комуницираат како да се на реален плоштад: тие се на бина, а гласачите долу пред нив“, вели комуникологот Климе Бабунски. Тој смета дека ваквата комуникација е доминатно еднонасочна и стерилна.

Screenshot Bildschirmfoto Alfa TV Santa Argirova

Санта Аргирова

„Она што го кажуваат пред камери и микрофони, најчесто го нудат и на нивните Фејсбук - профили. Таа го прават сосема комотно, предност имаат многу често подигнатите палци, а и да стигне некое незгодно прашање лесно ќе се премолчи“, констатира комуникологот.
Од друга страна, констатира дека има редица примери кога забораваат дека виртуелната комуникација е најотворената комуникација, па таквата неукост доведува до анегдоти.

„Фејсбук ништо не заборава. Ова е голема предност за 'дигиталните граѓани'. Медиумски писмените можат да ги следат, да ги предизвикуваат политичарите до кои во кои реалниот свет речиси и не можат да стигнат. Воедно, ваквата 'техникалија' особено е корисна за политичките противници: секоја грешка на политичкиот противник има траг, останува запишана“, потсетува Бабунски.
Со оглед на политичката (не)култура, дигиталното себепрофилирање на политичарите ни оддалеку не ги исцрпува можностите на Фејсбук, а и суштински не ја збогатува политичката комуникација. „Но, тоа е повеќе до комуникаторите, отколку до комуникацискиот канал“, заклучува Бабунски.

Транспарентноста, политичката и комуникациската култура, денеска повторно ќе бидат ставени на тест. На седница на собраниската Комисија за политички систем закажана за 11 часот, треба да биде разгледуван шестмесечниот Извештај за работата на СЈО. Опасноста од нови игри, не е исклучена.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама