1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија веќе не ги возбудува Грците

ЖА
28 јуни 2019

Во Грција спласна националистичкиот бран. Спорот околу името меѓу Атина и Скопје, лани доминантен во политичката дебата, во изборната кампања пред парламентарните избори е во втор план. Први се економски теми, пишува НЦЦ

https://p.dw.com/p/3LDw8
Griechenland Proteste in Thessaloniki Namensstreit Mazedonien
Фотографија: Reuters/A. Avramidis

Швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг“ констатира дека Грците веќе не се возбудуваат толку многу околу името на својот северен сосед:

„Од протестот против Преспанскиот договор, пет месеци по неговата ратификација, не остана многу, дури ни во ек на изборната кампања. На 7. јули во Грција се одржуваат вонредни парламентарни избори. Според анкетите, води опозициската Нова демократија на Киријакос Мицотакис со комотна предност од 10% пред левоориентираната Сириза на премиерот Алексис Ципрас. Мицотакис до пред неколку месеци жестоко го критикуваше   компромисот околу името, кој Ципрас го постигна ланското лето во Преспа со својот колега по функција од Северна Македонија, Зоран Заев.  Самата парламентарна дебата за договорот траеше три дена, речиси секој пратеник сакаше да се изјасни. На улиците вриеше, се одржаа повеќе големи демонстрации против решението за името...

'Луѓето се уште против договорот, но секој разбира дека сега веќе нема враќање. Затоа ние сега се концентрираме на негова доследна примена', истакнува повеќекратната грчка тенисерска шампионка Афродити Латинополу, која е кандидат на Нова демократија во Солун и која стартуваше иницијатива за заштита на името Македонија како место на потекло.

Во суштина станува збор за тоа  да не се дозволи производите од соседната држава да се продаваат без ознаката „северна“  и на погрешен начин да се претставуваат како грчки. Загриженоста од негативни економски последици врз домашната индустрија, покрај сентименталните причини против Преспанскиот договор, беше еден од клучните аргументи на Нова демократија. Но, дури и во Трговската комора на Солун признаваат дека последиците од промената на името се мали. 

Griechenland Nord-Mazedonien Regierungskonsultationen in Skopje
Историски договор - Зоран Заев и Алексис ЦипрасФотографија: Regierung der Republik Nord-Mazedonien

Сега Мицотакис, кога воопшто ќе ја спомене темата во изборната кампања, ветува дека како премиер ќе го запре процесот на пристап во ЕУ, ако Скопје го прекрши договорот. Крајот на грчката блокада против интеграциските напори на Северна Македонија кон ЕУ и НАТО е најважната придобивка од решението на спорот за името. Но, се смета за малку веројатно дека Мицотакис навистина ќе ги оствари своите закани. И во Скопје се гледа опуштено во поглед на евентуална промена на владата во Атина. 

Крајно, и Грција профитира од решавањето на спорот, кој за оние отстрана беше тешко да се сфати. Порастот на репутацијата во рамките на ЕУ е завиден, тоа го знае и Мицотакис. Неговиот протест против договорот и онака веќе имаше стратешка природа, за да го задоволи национал-конзервативното крило на својата партија. Некои велат дека премиерот Ципрас компромисното решение го сметал и за маневар за предизвикување поделби во Нова демократија.

Тоа не успеа, а денес темата веќе не е толку актуелна, првенствено настрана од северногрчката провинција Македонија и нејзиниот главен град Солун. Во изборната кампања доминираат економски теми...

Ако владата на 7. јули доживее пораз, како што моментно изгледа, за тоа  ќе биде решавачко разочарувањето што ситуацијата за одделни граѓани не е видно подобрена,  без оглед на толку посакуваното завршување на програмата за финансиска помош од ЕУ. Прашањето за Македонија доаѓа многу потоа. На европските избори Сириза навистина претрпе загуби во северна Грција, каде темата предизвикува најмногу емоции, поголеми загуби во однос на просекот во земјата. Истовремено, според политикологот Васили Јоргиаду, никаде од страна на гласачите не беа наградени оние политичари кои настапуваа со најжестоки ставови против Преспанскиот договор. Сириза исто толку малку можеше да профитира од решението на македонскиот проблем и на страната на прогресивната левица. Темата не беше решавачка во изборите“, пишува дописникот на „Ноје црихер цајтунг“ од Солун, Фолкер Пабст.