Денот кој се чекаше: започнува вакцинацијата во С. Македонија | Северна Македонија | DW | 17.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Денот кој се чекаше: започнува вакцинацијата во С. Македонија

260 здравствени работници ќе ја примат првата доза на вакцината „Фајзер“, со што ќе започне имунизацијата на населението против опасниот коронавирус.

Околу 260 здравствени работници коишто се на првата линија во секојдневната борба против опасниот коронавирус, денеска ќе бидат и првите коишто ќе ја примат вакцината против Ковид-19. Со тоа ќе започне долгоочекуваната имунизација во С. Македонија, која каска зад земјите од регионот, кои се во поодмината фаза од вакцинацијата на населението. 
Надлежните институции во текот на вчерашниот ден ги правеа финалните подготовки пред почетокот на вакцинацијата. Имунизацијата ќе започне во пунктовите сместени во модуларната болница до Клиниката за инфективни и фебрилни состојби. Пунктовите ќе работат во две смени од 8 до 20 часот, а според утврдениот план, термините за вакцинирање ќе бидат на секои 10 минути. Вакцинацијата започнува по повеќе од една година од појавата на Ковид-19 во земјата. Но, и во период кога заразните мутации на вирусот земаат се позагрижувачки замав низ светот. Анализите на МАНУ последниов период детектирале поголем број нови варијанти на коронавирус, кои претходно не биле присутни во С. Македонија. Институтот за јавно здравје информира дека станува збор за внесување нови случаи на Ковид-19 од странство, но освен за британскиот сој, не се соопштуваат повеќе детали за какви се мутации на вирусот станува збор. 

Кој ќе се вакцинира прв? 

Прв ќе се вакцинира медицинскиот персонал што работи на Инфективната клиника во Скопје. Покрај нив, први во редот ќе бидат и  здравствените работници од ковид-центрите. Вакцините ќе ги аплицираат медицински тимови од Здравствен дом Скопје. За секој здравствен работник што ќе прими вакцина, веднаш ќе биде резервирана втора доза за ревакцинација. 

-повеќе на темата: Филипче ќе почека за вакцинација - предност им дава на колегите

Сите здравствени работници кои изразиле желба ќе бидат вакцинирани, но приоритет ќе имаат тие што не го прележале вирусот. Во анкетата спроведена во декември, околу 67 отсто од здравствените работници изразиле желба дека сакаат да се вакцинираат. Пред вакцинацијата секој од нив ќе треба да потпише согласност за вакцинирање. Секој пациент ќе мора да пополни формулар пред да ја прими вакцината и да го достави до администрацијата за да добие картичка со лични податоци, која потоа ќе биде доставена до медицинскиот персонал кој ќе го запише датумот за инјектирање на втората доза на вакцина.

Mazedonien Prilep | Arzt | Dr. Ilija Jovanoski

Сите здравствени работници кои изразиле желба ќе бидат вакцинирани, но приоритет ќе имаат тие што не го прележале вирусот

Вакцините се чуваат во специјален фрижидер на -70 степени. Пред да се инјектираат од Институтот за трансфузиологија ќе се носат до вакциналниот центар. Дозите ќе треба да се одмрзнат и да се инјектираат на собна температура. Во една ампула има по 5 дози, кои по отворањето ќе треба да се употребат во рок од неколку часа. 
 
Ограничен број вакцини

Засега земјата располага со ограничен број на вакцини. Станува збор за 4 680 дози од вакцините на „Фајзер“, кои неодамна беа добиени од Србија, од каде треба да пристигнат вкупно 8 000 вакцини. Следната недела ќе пристигне втората пратка на фајзеровите вакцини кои ги донира Србија, најави  министерот за здравство, Венко Филипче. Со тоа ќе бидат обезбедени 4.000 вакцини за здравствените работници кои што директно работат во ковид-центите. 

До крајот на месецот се најавува пристигнувањето и на кинеските вакцини, со цел да нема застој во имунизацијата. „Со оваа пратка вакцини, имунизација ќе се спроведува само во модуларната болница во Скопје. Со пристигнувањето на другите дози вакцини во државата, ќе се врши дистрибуција на вакцини низ останатите здравствени домови во земјава каде што вакцинацијата ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови“, соопштија деновиве од Министерството за здравство. 

-повеќе на темата: Здравствените работници во првата борбена линија против Ковид први ќе добијат вакцина

Премиерот Зоран Заев вчера најави дека до крајот на наредната недела треба да стигнат и кинеските вакцини. „Кинеската вакцина е во постапка на договарање. Ветувањето е дека до крајот на февруари ќе стигнат вакцините, секој ден порано за нас е важен. Додека се имплементираат овие 4 680 вакцини кои српскиот народ вчера ни ги подари, а ќе се дореализираат и останатите до 8 000, верувам дека ќе стигнат и кинеските, за целиот процес да тече континуирано. Очекувањата се од крајот на оваа, сè до крајот на идната седмица, тогаш отприлика завршува и февруари“, оптимист е Заев.
Како што е најавено, до крајот на февруари се очекува пристигнување на 200.000 дози од кинеските вакцини од „Синофарм“, а планот е дневно да се вакцинираат по  2.500 лица. Според здравствените работници, кинеската вакцина е многу поедноставна - доаѓа во подготвен шприц и веднаш се аплицира. Се чува на температура од 2 до 8 степени.

Mazedonien Prilep | Arzt | Dr. Ilija Jovanoski

Сите здравствени работници кои изразиле желба ќе бидат вакцинирани, но приоритет ќе имаат тие што не го прележале вирусот

План за вакцинација

Според Националниот план за имунизација, којшто неодамна го презентираше министерот за здравство, Венко Филипче, први ќе се вакцинираат здравствени работници кои директно работат со ковид пациенти од ковид центрите и од службите за итни состојби, од клиничките болници, јавни и приватни, од посебните институциите како домовите за стари лица, домови за лица со посебни потреби. Во првата група се и матични лекари, вработени во лаборатории за тестирање и дијагностика. Можност за вакцијација ќе имаат и сите граѓани над 70 години. Во втората фаза, пак, се вакцинираат: лица постари од 65 години, лица од 18 до 64 години, со коморбидитети или здравствени состојби детерминирани како значително висок ризик за стекнување на тешка болест. Во оваа група се и фармацевтите, стоматолозите, вработени во полиција, војска, парламент, Влада, новинари и сл. Во третата фаза ќе се вакцинираат сите сите граѓани кои сакаат да примаат вакцина на возраст од 18 до 64 години.

-повеќе на темата: За едните вакцини се чека документација, за другите кинеската Нова година  

Закажувањето на вакцинацијата ќе оди преку системот Мој Термин, како и преку онлајн апликација. Матичните лекари ќе добијат список од Мој Термин во кој влегуваат сите пациенти над 70 години. Лекарот сите тие пациенти ќе ги контактира поединечно преку телефон, за да ги праша дали сакаат да се вакцинираат.

-повеќе на темата: Ковид-19: Ни требаат ли нови вакцини?

„Имунизацијата е најсилното оружје во борбата со вирусот“, велат надлежните, но апелираа истовремено на почитување на другите здравствени мерки од страна на сите граѓани - носење на заштитна маска, одржување на физичка дистанца и хигиена, кои заедно со вакцинацијата ќе овозможат најдобра заштита од Ковид-19 и сузбивање на пандемијата.

 

Гледај видео 01:35

До вакцина, како на лотарија

Реклама