Македонските и бугарските историчари „заглавија“ на средновековието | Северна Македонија | DW | 26.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Македонските и бугарските историчари „заглавија“ на средновековието

Дебатата за учебниците по историја толку се одолжила, што членовите на комисијата не успеале да го отворат прашањето за Гоце Делчев.

Nordmazedonien Bulgarien Historikerkommission

Комисијата не постигна голем напредок (архивска фотографија, 16.10.2020)

Македонските и бугарските историчари со бавни чекори се движат кон усогласување на спорните историски прашања коишто искрснаа помеѓу двете земји. Комисиjата одржа нов состанок, но голем напредок не е постигнат. По денешната 12. средба, нема позитивно придвижување во однос на дискусијата за учебниците по историја, а не била постигната ниту согласност за прашањата поврзани со средновековието. Комисијата не го отворила ниту прашањето за Гоце Делчев и негово евентуално заедничко чествување, иако и ова прашање се најде на дневен ред. „Со македонските историчари се' уште сме во средновековието“, потврди и бугарскиот професор Ангел Димитров во брифингот за бугарските медиуми. 

Остануваат големи разлики меѓу историчарите

Како што соопштија од македонското МНР, тема на дискусија биле прашањата поврзани со содржината на записникот од 10. средба, изготвување на препораки за учебниците по историја со цел надминување на споровите кои произлегуваат од различните и силно исполитизирани толкувања на минатото и усогласување на текст препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев. Во текот на март членовите на Комисијата ќе треба да го усвојат записникот од 11. средба и Годишниот извештај на Комисијата. 

-повеќе на темата: Нема договор за Гоце Делчев во македонско-бугарската комисија

„Во однос на дискусијата за учебниците по историја, како и на претходната средба, не беше постигнат напредок. И покрај конструктивната дискусија и желбата да се постигне напредок, не беше постигната согласност во однос на прашањата поврзани со средновековието“, се наведува во соопштението.

Според МНР, остануваат големите разлики во пристапите и разбирањето на улогата на историското образование и образовните политики. Со оглед на тоа дека имало продолжена дискусија за учебниците по историја, Комисијата не успеала да го отвори прашањето за Гоце Делчев и негово евентуално заедничко чествување, иако беше на дневен ред.

Nordmazedonien Bulgarien Historikerkommission

Историчарите бавно ги усогласуваат ставовите

Кој бега од заедничката историја?

И бугарскиот професор Ангел Димитров во изјава за бугарските медиуми потврдува дека немало напредок на последниот состанок на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Република Северна Македонија. На брифингот во Министерството за надворешни работи, копретседавачот на комисијата, професорот Димитров, рече дека неговите македонски колеги продолжуваат да бегаат од дефиницијата за заедничка историја.
„Наспроти оптимистичките тврдења на политичарите од Северна Македонија дека го завршивме средниот век и одиме напред, сè уште сме во десеттиот век и нема чекор напред“, нагласи тој.

-повеќе на темата: Историчари од македонско-бугарската комисија се оградуваат од „историскиот ревизионизам“ на Заев

Според него, спорот за Цар Самоил и настаните од крајот на Првото бугарско царство не се решени и постои целосна неподготвеност да се спомене дека она што Бугарија го нарекува заедничка историја започнало во средниот век.

„Соочени сме со чудна неподготвеност на нашите колеги да ги почитуваат основните принципи за научно истражување, како што се почитувањето на историските извори и усогласеноста со доминантните научни истражувања на оваа тема во светската историска наука. Нашите колеги сфаќаат дека нивната позиција е тешка за одбрана, но тие инсистираат на изедначување на достигнувањата на светските средновековни студии со некои дела на оваа тема од локалните историчари и можеби неколку луѓе од поранешна Југославија“, вели Димитров.

-повеќе на темата: Нов пристап кон Бугаријa - помалку емоции, повеќе разум

Според него, има „двоен стандард“ во однос на Самуил, во зависност од тоа дали станува збор за заедничките чествувања или за текстовите во македонските учебници. „Она што за нас е крајно неприфатливо, е тврдоглавото бегство од дефиницијата на заедничката историја, што е запишано во Договорот за пријателство и добрососедство“, вели тој. 

Како одговор на прашањето дали Македонците очекуваат промена по изборите, Димитров истакнува дека работата на комисијата е експертска и не треба да биде под влијание на политичката состојба.

Дискусијата по овие теми, како што најавуваат во соопштението од македонското МНР,  ќе продолжи на следната средба на Комисијата, која треба се одржи на 22 и 23 април 2021 година. 

 

Реклама