Македонија – балканска Тоскана? | Северна Македонија | DW | 08.10.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Македонија – балканска Тоскана?

На Македонија не ѝ недостига ништо од тоа што пред четири децении од една од најсиромашните области во средна Италија направи туристичка атракција. Барем од аспект на природната убавина...

Првпат бев во Тоскана во август 2004-тата. Ја знаев одамна културата на Италија од историјата на уметноста. Секако,  и од Гетеовото „Патување во Италија". Само што желбата да ја видам одблизу токму околината на градот Фиренца, кој е срцето на областа Тоскана, се роди во мене  кусо пред тоа патување, кога одново ги прочитав „Дневниците" на  прочуениот сликар Паул Кле. Младиот Кле   во првата деценија на дваесеттиот век престојувал  во Италија неколку месеци. Тоа бил првиот бран на европски вљубеници и поклоници на убавината и културата. Во Италија патувале уметниците, како Паул Кле или Томас Ман,  европските  богати граѓани и руските благородници. Кле отпатувал заедно со еден пријател, скулптор од родниот Берн. Во Фиренца и Рим тие, тогаш студенти на ликовната академија, од прва рака ја  студирале италијанската уметност на Ренесансата. Најубавиот дел од престојот на Кле е токму оној во Фиренца. Кле  е познат по  способноста да ја набљудува природата. Неговото уметничко око ја открива убавината и во најдребниот предмет. Од  нив, од камењата и од минералите, подоцна,  црпел инспирација за своите слики.

Златното сонце на Тоскана почна да заоѓа кога ѝ се приближивме на Фиренца. Автопатот за Сиена  ја заобиколува Фиренца.  Тоа тогаш не го знаев. Попусто трагав на видикот по црвените куполи на флорентинската катедрала. Ама затоа  одненадеж го здогледав тоа чудо: флорентиските благи ридови, кои  го окружуваат  на толку несекојдневен начин градот Фиренца. Небаре некоја невидлива  рака да си играла, весело нафрлајќи околу најубавиот град на светот, неброени меки ридови. А  на нивните врвови, скриени во зеленило од вити, високи кипариси, ѕиркаат старите вили. Изградени од циглите од црвеникаво-жолтеникава глина. Глината и каменот од прочуената тосканска земја се гледаат насекаде на фасадите од старите и на новите градби.

Знаев дека токму таму било подрачјето во кое живеел таинствениот народ на Етрурците. Таа висока култура, која живеела во Средна Италија во периодот од 800-та година до средината на првото столетие  пред нашата ера, остави зад себе не само прекрасни уметнички дела, туку и многу тајни за себе самата. Тоа што се знае е дека кон крајот на старата ера Етрурците паднале под власта на Римјаните, во чија култура се претопиле. Името Тоскана  е поврзнао со етрурското наследство. Подоцна дознав од италијанските пријатели дека во пределот на Тоскана има и многу  топоними со  етруско потекло. Како, на пример, името на малечкото место Амбра. Тоа беше целта на нашето патување. Малото гратче, кое има околу 1200 жители,  се наоѓа  на патот од Сиена кон Арецо. Од Фиренца е оддалечено 50 км. Амбра на етрурски значи река. Таму има малечка река. Речното корито беше речиси суво од горештото лето. Само во средината, низ  тесните бразди, иташе тенко поточе.

Таму, во Амбра,  првпат ја видов одблизу земјата од која се прават пигментите за бојата умбра сиена. Тогаш сфатив зошто токму таму, во Фиренца,  во Ренесансата е создадена  уметноста, ненадминлива по естетската вредност. Од Амбра  брзо се стигнува во Фиренца, Сиена и Арецо. Висорамнината, сред која на една височинка се наоѓаат стотина стари куќи, а во нивниот центар ренесансната црква, со висока камбанарија изградена од  цигли од црвениквата тосканска земја,  е  послана со недогледни лозја и питоми шуми од маслинови дрвја. Нивните  сиво - сини лисја  светкаа на сонцето. Тесни  патеки се шират во тосканскиот пејсаж во сите правци. Тие само за миг исчезнуваат во  падините со маслинови шуми и долините  преполни со лозја. Набрзо пак се појавуваат, при првиот  свиок. Како земјана змија, која љубопитно ја подава главата од зеленилото.

Сето време имав чувство дека веќе сум ја видела таа  глетка. Особено благите ридови со непрегледни  зрели житни полиња. И сино небо. Безоблачно, кое го  има само над Југот.  Ниви, преполни со булки и кревка зелена трева. Оградени со долги  низи од кипариси. Ги знаев сиво-зелените маслинови шуми. Ги знаев и старите жолтеникави фасади на куќите. Тие што беа  растурени низ видикот како светлосни знаци. Откако утредента се разбудивме во тој рај од зеленило и стара култура,  пак се исчудував каде веќе сум го видела тој  предел. „Каде? Па, во Македонија! " ми довикна мажот ми. „Па, Тоскана личи на Македонија! Дури и на природата околу Скопје. Ти мора да знаеш. Таму си родена", дополни тој.

Навистина беше така. Во миг ми долетаа сликите од напуштените села во Мариовско. Во Велешката котлина. Како селата крај реката Црна Река, во околината на Стоби.  Во тосканската глетка ја гледав Македонија. Но, во Македонија тие села се тажна слика. А во Тоскана тие се симбол за животна радост. Се прашував зошто Македонија досега остана заспана во стогодишен сон, неоткриена од европските и светските туристи?

Подоцна, во следните патувања низ Тоскана, научив дека  се' до осумдесетите години на дваесетиот век таа била симбол за печалбарство и сиромаштија. Уште во минатиот век од Тоскана се одело на работа во Америка. По војната селата биле напуштени. Како денес во Македонија. Празните куќи се распаѓале.  Се' дури не биле откриени од Европејците! Пред се', од Германците. Тие ги купуваа  запустените имоти. Им  го вратија  животот на   старите куќи. На лозјата и  на маслиновите шуми. Така почнаа  да се враќаат во Тоскана и заминатите. Затоа  што селскиот туризам во Тоскана стана омилена цел за Германците, Скандинавците, Американците. Денес нема граници за фантазијата на сопствениците на  лозја и винарски визби во Тоскана. Познатите тоскански вина, како Кјанти, секоја година ги привлекуваат љубителите на италијанската кујна.

Потоа, при секоја посета на Македонија, само што ќе го погледнев синиот планински превез на Скопска Црна Гора, постојано во него  ја  здогледував италијанската Тоскана. Се прашувам зошто е одамна заборавено дека Велес  во минатиот век го нарекувале македонска Фиренца? Токму заради живописната панорама на старите куќи и мостови на Вардар. На Македонија не и' недостига ништо  од тоа што пред четири децении од една од најсиромашните области во средна Италија направи туристичка атракција. Истата неповторлива  мешавина од пријатна медитеранска клима, од стара култура, која ја поседува Италија, ја има, секако, во малку помала мера и Македонија. Но, зошто се' уште  напуштените македонски села чекаат некој да ги открие како иднина? Да ги види во сета нивна убавина. Да ги открие предностите во нив и да ги преобрази во привлечна стопанска дејност. Што се случи со фантазијата на Макединците во овие половина век? Каде остана  нивното чувство за убавина? Тоа, кое го поседуваа старите градители на крушевските, охридските, галичките и лазарополските куќи? Зошто македонските градови во провинцијата, наместо знаци на надеж и напредок, со секоја година се' повеќе стануваат симбол за безизлезност и безработица?

Една од причините е лошата поврзаност на Македонија со останатиот дел на Европа. И тоа како во воздушниот, така и во копнениот сообраќај. И пред четири децении тосканската област не личеше на килим од патишта и автопати, како што изгледа сега. Дури откако беше откриена Тоскана како омилена цел,  таму почнаа да  се градат патиштата и автопатите. А во Македонија има уште села без асфалтиран пат, без струја и водовод! Села, сместени во прекрасна природа.

Освен тоа, фактот што Италија е членка на Европската Унија ги олесни процедурите за сите граѓани  од ЕУ  да купат земјиште за градба.Така  Тоскана навистина стана рајска градина, како што ја доживеал сликарот Паул Кле  во првата деценија на дваесетиот век.  Истото може да се случи и со Македонија откако таа ќе започне со преговорите за пристап во ЕУ. Европските фондови можат да им помогнат на сите македонски граѓани кои имаат иновативни планови за обнова на напуштените села. Секако, и за обнова на заборавените занаети во Македонија. Такви како грнчарството и килимарството, обработката на дрво,  филигранот и златарството.  Кога старата македонска традиционална вештина  би се поврзала со креативни проекти на студентите од уметничките академии во Македонија, тогаш навистина би  се остварила синтезата на традицијата и модерноста. Тоа би отворило нови вработувања и перспективи за младите во Македонија.

Секоја година имам впечаток дека расте очајот на младите. Затоа што не гледаат иднина во татковината. Македонија полека станува огромно село, без визија за иднина. Тоа, пак, уште посилно  покажува колку  на Македонија и' се насушни нови културни стратегии, кои ќе помогнат да се обноват и одржуваат старите цркви и старата архитектура. За тоа на Македонија и' треба вистински маршал-план за обнова на најдрагоценото во нејзината традиција и култура. Само тогаш се' ќе си дојде на своето вистинско место. И  чудесните, топли македонски лета, со најубавото сино небо. И старите куќи, градени од даровитите градители. И старите занаети и ракоделие. Како филигранот  сребрен. Како  охридскиот бисер. Како ткаењето македонски килими, по стари и нови форми и урнеци. За сето тоа треба само фантазија, љубопитност и трудољубивост.  Секако, и поврзување со светот. Но, најнапред, со најблиската европска околина. Поттик за сопствена иницијатива за промена се добива само кога одблизу ќе се доживее како други земји  тоа го сториле успешно. Како Тоскана во Италија.

Мајка ми милуваше да каже дека земјата во Македонија е плодна, „што и човек раѓа, ама затоа треба ум и работа." Генерациите по војната поседуваа визија и фантазија како и во кој правец сакаат да ја развиваат Македонија. Паметам, во близината на Автокоманда, имаше фабрика. Се викаше „Килимарница". Таму со модерни машини се ткаеја традиционални македонски килими. Одамна не сум го чула тоа име. Веројатно килимарницата повеќе не постои. Како што со тага при секоја посета на Македонија утврдувам  дека на Бит Пазар  ги нема веќе старите стомни, старата македонска керамика. Некој може да рече дека на Македонија не и' треба ЕУ за да стане свесна за скапоценостите што спијат заборавени во нејзиното запуштено културно наследство. Јас, пак, сметам дека   на Македонија и треба токму ЕУ за да се разбуди од столетнот сон. Таа пропадна во него во трите децении чекање на евроинтеграцијата. И во минатиот век даровитите луѓе, уметници, творци од Македонија заминувале во европските културни метрополи. Таму, во средбата со западно-европската култура, тие се инспирирале  да ја обединат македонската традиција со модерната култура и уметност. Тоа може да се случува катаден кога Македонија би тргнала  на патот кон целосната интеграција во ЕУ. Тогаш и Европејците ќе ја откријат Македонија. Тогаш од неа може да стане балканска Тоскана. Неповторлива и единствена. Како што е секоја земја која е свесна за најдоброто во себе. Во својата традиција и култура, во својата уметност и својата природа.  За тоа, како и за политиката, треба да постојат луѓе со визија  и со творечка дарба. Такви имаше  во Македонија. Ама тие сега се   заминати во светот.

 

Реклама