Мадрид ја развластува каталонската влада | Свет | DW | 21.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мадрид ја развластува каталонската влада

За да го реши конфликтот околу каталонската независност, шпанската централна влада најави активирање на членот 155 од Уставот и нови регионални избори. На притисокот од Мадрид, сепаратистите одговараат со нови протести.

За да стави крај на стремежите за независност на Каталонија, шпанската влада најави развластување на регионалната влада  и распуштање на парламентот во Барселона. Шпанскиот премиер Маријано Рахој, по вонредната владина седница во Мадрид, најави распишување нови избори во Каталонија во рок од шест месеци. За да стапат во сила, владините мерки треба да добијат зелено светло во Сенатот, каде конзервативната Народна партија на Рахој има мнозинство. Вториот дом на парламентот веројатно ќе се состане на вонредна седница идниот петок за да одлучи околу владиниот предлог.

Правна основа за него е членот 155 од Уставот на Шпанија, досега никогаш неприменето правило, кое го овластува Мадрид во преземање „нужни средства“ за дисциплинирање на некој автономен регион и негова принуда да се придржува на правните обврски.

Рахој денеска изјави дека владата не сакала активирање на наведениот уставен член, но на тоа ја принудиле постапките на Каталонија.  Целта на вонредните мерки, покрај распишувањето нови избори, ќе биде повторно воспоставување на важечкото право и мирниот соживот во Каталонија, како и одржувањето на економскиот развој. Но, истакна Рахој, во никој случај намерата не е суспендирање на автономијата и самоуправата во Каталонија. Рахој одново го нападна каталонскиот премиер Карлес Пуџдемон и движењето за независност на Каталонија за кршење на шпанскиот устав. Пуџдемон нема да биде кандидат на новите избори и нема да може да предлага кандидати, истакна Рахој.

Политичарите од социјалдемократската партија ПСОЕ и Либералната партија, со кои претходно биле усогласени мерките на владата, како можен термин за изборите го наведуваат крајот на јануари. Во Мадрид постои надеж дека новата влада нема да стреми кон независност.

Приврзениците на движењето за независност на Каталонија за вечер во Барселона планираат масовни демонстрации.

 

DW.COM

Реклама