Магијата на божиќниот панаѓур во Нирнберг
Дојде времето на божиќните панаѓури. Во Германија се отвораат околу 2.500 - од кичести до романтични. Божиќниот панаѓур Кристкиндлесмаркт во Нирнберг е многу традиционален.
Познат и сакан низ целиот свет
Секоја година повеќе од два милиони посетители, меѓу нив и бројни туристи од целиот свет, го посетуваат Кристкиндлесмаркт - главниот божиќен панаѓур во срцето на Нирнберг. Готската црква Фрауенкирхе од 14. век ѝ дава перфектна кулиса на славеничката атмосфера. Панаѓурот се отвора на 11 декември, и останува отворен за посети до 24 декември.
Векови на славенички веселби
Божиќни декорации, свеќи, играчки и секако греано вино: повеќе од 200 трговци се претставени на штандовите. Секогаш популарни и најдобро продавани се производите типични за Нирнберг. Кристкиндлесмаркт постои од 1628 година, со што е еден од најстарите божиќни панаѓури во Германија.
Церемонијал мајстор е „Детето Исус“
Кристкиндлесмаркт збор по збор може да се преведе како „Пазар на Детето Исус“- и токму детето, кое најчесто го претставува девојче облечено во бело-златен фустан, со златна круна на главата, го отвора пазарот со говор од балконот на црквата Фрауенкирхе, секоја година. Се верува дека оваа церемонија била креирана од национал-социјалистите во 1933 година.
Сјајни симболи
Симбол на божиќниот панаѓур во Нирнберг е Раушголденгел или ангелот во златна обвивка - популарна декорација на божиќните елки. Според легендата, ангелот го креирал нирнбершки куклар за време на Триесетгодишната војна, кој го слушнал звукот на ангелските крилја додека неговата ќерка умирала од треска. Во тоа време, крилјата на ангелот биле правени од месинг, а денес се користи фолија.
Колбаси насекаде
Божиќниот панаѓур не може да се замисли без штандовите за храна. Типичен локален специјалитет, познат и во светот, е нирнбершкиот Братвурст. Долг е колку еден прст и одлично се сместува во земичка. Традиционално се служи како „Drei in an Weggla" или „три во кришка“. Колбасите се заштитени и само оние произведени во градот можат да се нарекуваат „Nürnberger Rostbratwurst".
А сега малку слатки...
По колбасот вообичаено следува нешто слатко. Големи и мали, или дури и коцкести - нирнбершкиот 'Lebkuchen' или колач со ѓумбир – се продава веќе 600 години. Се верува дека Лебкухен бил измислен од свештеници во германскиот регигон Франконија во 13 век.
Сувенири од сушено овошје
Сушени сливи наместо раце и нозе, стомак од смокви и глава од орев - на тој начин се прават Zwetschgenmännle куклите. Фигурите се прават да личат на свештеници, ѓаволи, џуџиња или музичари - постојат 350 варијации. Куклите сепак не се препорачуваат за јадење, и најдобро е да се сочуваат како сувенири - наводно издржуваат и до 50 години.
Идеи за подароци од целиот свет
Веднаш до божиќниот панаѓур е сместен Пазарот на сестринските градови во кој се чувствува меѓународниот шмек. Тука се продаваат производи од збратимените градови на Нирнберг - кафе од Никарагва, пате од Ница, икони од Грција и уште многу други нешта.
Радост за најмладите
Зад божиќниот панаѓур се наоѓа детското пазарче. Тука децата можат да прават свеќи, колачиња во божиќната пекарница, или да се возат на носталгичната вртелешка. Четири пати неделно Детето Исус се огласува и им нуди на сите присутни бесплатно возење на каруселот.