Луј Витон: 200 години од раѓањето на кралот на куферите | Панорама | DW | 04.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Луј Витон: 200 години од раѓањето на кралот на куферите

Во Париз дошол со празни џебови. Со умешност и стил предизвикува револуција во модата. Луј Витон е роден на денешен ден пред 200 години.

Дали 14-годишниот Луј Витон претпоставувал каква кариера ќе направи и каква империја ќе создаде кога тргнал на пат за Париз? Како тинејџер, спротивно на волјата на татка си, Луј Витон, роден на 4 август 1821 година во село во францускиот департман Јура, тргнува на пат за Париз - 400 километри пеш. Потекнува од скромно семејство, попат работел сѐ и сешто за да преживее, за конечно, на 16-годишна возраст, да пристигне во францускиот главен град.

Тука почнува да учи занает кај угледниот изработувач на куфери, Роман Маршал. Луј брзо покажува дека има талент, ценет е поради исклучително добрата изработка на куферите, па од страна на кралицата Евгенија е дури задолжен и за да биде ексклузивен пакувач на куфери. На возраст од 33 години се осамостојува. Родена е марката Louis Vuitton Malletier. Од почетокот не сака да креира просечен стандард, туку луксузни производи, кои одговараат на духот на времето. Уште како пакувач на куфери во дворот на Наполеон Трети искусува како е да се пакуваат оромните фустани, костуми и шешири во тешки сандаци со заоблени капаци, па затоа во своето ателје создава елегантни куфери, кои може да се ставаат еден врз друг.

Louis Vuitton | 200. Geburtstag

Луј Витон (1821-1892)

Притоа, не станува збор само за дизајнот, туку и за потребите на времето. Со преминот од кочии на железница и со растечката желба за патување на луѓето, функционалните куфери стануваат неопходност. А, со оглед на тоа што при патувањата не се внимава многу на работите на патниците, вештиот занаетчија Витон успева да создаде робустни куфери кои не пропуштаат воздух.

Рамката ја изработува од дрво и метал, а за површината не употребува кожа, туку ленен материјал импрегниран со 'ржано брашно, кој не впивал вода. Подоцна оптиката ја подобрува со штофови со линии, а шарата која наликува на шаховска табла,Louis Vuitton Damier Canvas, станува знак на негово препознавање.

Куферот станува толку баран, што Луј Витон почнува да инвестира во фабрика веќе по пет години од основањето на фирмата. Во Ањер сур Сен, предградие на Париз, тој прво вработува 20 луѓе, а подоцна стануваат 225. Сепак, производството на куфери останува во семејството. Заедно со синот Жорж развива и патентира катанец за куфер, кој се употребува до денес. Во тоа време катанецот бил важен иновативен детал, затоа што богатите муштерии сакале нивниот багаж да биде сигурен при патувањето.

Повеќе: Пари има, но тешко се стига до чанта „Луј Витон“

Куфер кој не тоне

Околу култниот куфер кружат многу легенди. На пример дека по потонувањето на Титаник, луксузните куфери од Витон со денови пливале на површината на морето. Како неуништливи куферите се покажале и во 1907 година, на автомобилското рели од Париз до Пекинг. Минувањето низ вода, како што се тврди, го преживеале подобро од дел од моторите.

Louis Vuitton | 200. Geburtstag

Околу култните куфери на Лујј Витон се вртат многу легенди

По смртта на Луј Витон, кој починал на 70-годишна возраст, бизнисот го презема син му Жорж. Во спомен на татка си тој го развива легендарниот монограм со кој во 1896 година почнува култот кој трае до денес. Дискретно, а сепак видливо, тој ги краси модните додатоци на LV-муштериите, меѓу нив и ѕвезди како Одри Хепберн, Скарлет Јохансон или Ријана.

Под оваа марка концернот одамна не продава само куфери. На почетокот имало и рачни чанти и паричници, подоцна доаѓа и облека, накит, часовници и парфеми. Во 1987 година семејната компанија се спојува со производителот на пијалоци Моет Хенеси во концерн за луксузна стока ЛВМХ. Тој на берзата сега има вредност од 340 милијарди евра и е еден од највредните европски концерни.

Louis Vuitton | 200. Geburtstag

Во Ањер до денес има рачна изработка

Темелот на концернот го постави младиот, талентиран изработувач на куфери, кој имал многу истенчено чувство за естетика и функционалност. Во работилниците во Ањер сѐ уште има рачна изработка на продукти. Дел од седиштето на семејството е резервиран за приватен музеј посветен на кралот на куферите Луј Витон.