Замор од пандемијата
25 декември 2021Рахел работи во мала продавничка за специјалитети на периферијата од старото градско јадро на Бон. Во ресторанот во склоп на продавницата важи правилото 2Г – внатре може да влезат само вакцинирани или прележани. „Многу внимаваме ова да се спроведува. Покрај сертификатите, проверуваме и личен документ за идентификација. Многу од гостите ни велат дека ни се благодарни поради тоа што ова го сфаќаме олку сериозно“, ни раскажува Рахел во телефонски разговор. Но, таа додава дека кај нив сѐ уште доаѓаат луѓе во големи групи.
Оваа малечка продавничка за специјалитети го отсликува она што во моментов се случува низ цела Германија: има многу претпазливи, но има и такви кои благодарение на вакцината или прележаната болест повторно се чувствуваат безбедно и сакаат да живеат како и пред пандемијата. И веројатно има цел куп луѓе кои се некаде помеѓу овие две крајности.
Во секој случај, сѐ уште е многу присутна загриженоста поради корона-пандемијата. Според анкетата на Козмо, студија која од почетокот на пандемијата го мери расположението кај народот, во моментов оптовареноста повторно расте. Кон средината на декември околу 50,8% од испитаниците се чувствувале оптоварени од пандемијата, додека во октомври овој процент изнесувал само 34%.
Омикрон ја промени ситуацијата
„Сѐ уште ни е тешко до крај да ја разбереме ситуацијата“, вели социологот Улрих Вагнер. „Но, сега тоа е од други причини“, вели тој и појаснува дека земјата веќе две години е во пандемија и среде четврти бран, а веќе се најавува нов, петти бран корона. Овојпат се заканува високо преносливата варијанта Омикрон, а политичарите договорија ново заострување на мерките, меѓу кое и ограничување на контактите и за вакцинирани лица.
„Досега постојано слушавме дека доколку доволен процент од населението се вакцинира, тогаш пандемијата ќе заврши. Но, оваа порака се промени со појавата на Омикрон. Сега таа гласи – ако се вакцинираме ќе го спречиме најлошото. Ова психолошки е многу оптоварувачки“, појаснува Вагнер и вели дека проблемот е што вака веќе не може да се претпостави дали и кога и како ќе има крај на пандемијата. „Никој не може да каже како ќе се одвиваат работите понатаму, откако ќе се справиме со петтиот бран. Што ќе биде налето? Ќе има ли шести, седми, осми бран? Потребни се сценарија. Ако нема одговори, ќе настапи беспомошност.“
На работ на нервите
Свен Детман веќе се соочи со беспомошноста. Тој е одговорен за божиќниот панаѓур во средновековната тврдина во Шпандау, во Берлин. Во рустикална атмосфера овде се среќаваат луѓе на греано вино и колбаси. Во разговор со гостите и тој чувствува расположение како Рахел од Бон: радост што и среде пандемија луѓето може малку да се опуштат, но и збунетост. „Поголем дел од посетителите со кои разговарав се на крај на нервите и одвај чекаат пандемијава да заврши. Но, најголемата фрустрација им е тоа што нема крај на повидок, а неизвесно е дали некогаш ќе се вратиме во нормала како пред пандемијата“, вели Детман за ДВ.
Кризната комуникација може да помогне во справување со оваа фрустрација и дезориентираност. Франк Розелиб добро го знае тоа. Овој експерт за кризни ситуации раководи со Институтот за истражување на кризи и е советник на покраинската влада на Шлезвиг Холштајн за корона-мерките.
„Кај кризи кои траат подолго време луѓето очекуваат постојано да им се отвораат нови перспективи“, вели Розелиб. Оваа пандемија веќе имаше две такви клучни точки - вакцината, и потоа, кога стана достапна, самиот процес на вакцинација. Сега се поставува прашањето: која е третата перспектива? „Политичарите мора да размислат која порака ќе ја комуницираат, како ќе ја раскажат приказната и кон каков исход ќе ја насочат.“
Да се движиме кон пресметан ризик
Следниот чекот би можел да биде задолжителна вакцинација за сите. Тоа може да биде и јасно претставување на конкретни сценарија со соодветните последици. Воопшто и не смее да се дозволи да се појави безнадежност, вели Розелиб. „Мора да дојдеме до точка да кажеме дека ситуацијата е критична, но не и безнадежна. Инфекција со вирусот во некој момент ќе стане преостанат ризик и одиме натаму. Никогаш веќе нема да биде сѐ супер, но ќе биде многу подобро од сега. Значи, треба уште малку да издржите”, вели Розелиб.
Затоа, тој критички се осврнува на пасус во документ од експерти кои ја советуваат сојузната влада, а во кој се вели дека има брзото ширење на Омикрон-сојот носи сериозна опасност за критичната инфраструктура како противпожарните служби и полицијата. „Ми недостигаат референци за такво тврдење. Можеби е тоа точно за тесните грла во Велика Британија, но таму истовремено се справуваат со две кризи - покрај корона-пандемијата и со последиците од Брегзитот". Таква опасност не постои ако се погледаат Данска или Холандија, кои исто така имаат висок степен заразени со Омикрон и затоа, според, него таквите искази се „правење паника за која нема простор”.
Досега голем дел од населението во Германија ги поддржуваше построгите мерки. Според студијата на Козмо, сега повеќе од половината испитаници ја отфрлаат мерката за ограничување на контактите на вакцинираните лица. Социологот Вагнер смета дека тие бројки може да се сменат ако повеќе луѓе станат свесни за опасноста што произлегува од Омикрон-сојот.
Вагнер за во иднина бара да се претстават конкретни сценарија кои покажуваат излез од пандемијата. Тоа, според него, е важно за да може да се мотивира населението и во оваа корона-зима. “„аквите сценарија не мора да бидат толку едноставни како во минатото”, вели Вагнер. „Луѓето може да разберат ако им се каже кои предуслови мора да се исполнети за да има олабавување на мерките”. Стратегијата ќе биде покомплексна, смета Вагнер. Вакцини, ограничувања на контактите и дополнителни мерки. Тоа и комуникацијата ја прави покомплексна.
Од тоа дали политиката ќе успее да најде вистински начин тоа да го искомуницира, пресудно ќе зависи дали населението ќе ги почитува мерките или ќе потоне во безнадежност во оваа втора пандемиска зима.