Луѓето на Земјата од денеска живеат „на вересија“ | Панорама | DW | 08.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Луѓето на Земјата од денеска живеат „на вересија“

За неполни осум месеци, светското население ги искористило едногодишните залихи на природни ресурси. Глобалната потрошувачка на вода, храна и чист воздух се одвива со најбрзо темпо досега.

Точката, односно „денот на надминување“ на годишните количества на природни ресурси, официјално е достигнат денес и во однос на минатата година, надминувањето се случува 5 дена порано, велат од групата за зачувување на животната средина „Глобал Футпринт Нетворк“.
„Ние, луѓето, постојано го зголемуваме нашиот еколошки долг“, вели Паскал Канфин од зелената организација „Светски фонд за природата“, во реакцијата на новиот извештај.
„Од понеделник, 8 август живееме на кредит, бидејќи за речиси 8 месеци човештвото целосно го искористило природниот капитал на земјата – кој инаку се регенира во период од една година“.

„Денот на надминувањето“ се одбележува секоја година под името Светски ден на надминување „Еarth overshoot day 2016“.

Во 1993 година, овој ден беше одбележан на 21 октомври, во 2003 година на 22 септември, а минатата година беше одбележан на 13 август. Во 1961 година, според „Глобал Футпринт Нетворк“, светската популација искористила само три четвртини од годишните природни ресурси на земјата. До 1970 година, економскиот раст и зголемувањето на популацијата предизвикале ресурсите да се потрошат пред истекот на една година.

„Ова е возможно поради тоа што исфрламе повеќе јаглерод диоксид во атмосферата отколку што нашите шуми и океани можат да абсорбираат, истовремено и поради тоа што го намалуваме рибниот и шумскиот фонд многу побрзо отколку што може да се регенерира“, стои во соопштението за јавност на организацијата.

За да го определи „денот на надминување“, организацијата користи податоци од ООН за илјадници економски сектори, меѓи кои се риболовот, дрвната индустрија и сечата на шумите, транспортот и енергетскиот сектор. Емисијата на гасови со ефект на стаклена градина кои ја загреваат земјината топка е најбрзорастечкиот фактор кој придонесува за еколошкото надминување. Овој феномен учествува со 60% во човековите потреби од природата, што исто така се нарекува „човечки белег“ врз природата.

Според ОН, бројот на луѓето во светот се предвидува да порасне од 7.3 милијарди- колку што изнесува денес, на 11.2 милијарди до крајот на векот - со што ќе се стави дополнителен притисок врз планетата Земја и природните ресурси.
Но сепак има и добри вести.
„Брзината со која напредува поместувањето на ‘денот на надминување’ е намалена на помалку од еден ден во последните пет години. Тоа е доста помалку споредено со поместувањето од три дена годишно во периодот на 70-тите“, велат од организацијата „Глобал Футпринт Нетворк“.

Реклама