1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Британија не ги казнува пријателите на Путин?

Барбара Везел
21 февруари 2022

Британската влада најави санкции против Русија во случај на инвазија на Украина. Како земјата, чија претстолнина ја нарекуваат „Лондонград“, се справува со парите на руските олигарси и нивното политичко влијание?

https://p.dw.com/p/478Zn
England | russische Botschaft in London
Фотографија: Kirsty O'Connor/empics/picture alliance

Британската министерка за надворешни работи, Лиз Трас, прави стилски вежби со остри зборови. Таа вели дека доколку претседателот Путин издаде наредба за напад на Украина, руските олигарси „повеќе нема да можат никаде да се сокријат“. Кремљ, додава таа, ќе плати висока цена, а премиерот Борис Џонсон ќе се обиде да издејствува нови овластувања за да ги санкционира олигарсите.

Критичарите во Велика Британија со години неуспешно укажуваат дека нивната престолнина стана огромна машина за перење пари на руските олигарси. Во „Лондонград“ милијарди фунти од тие тајкуни одамна се споени со финансискиот свет.

Русите финансираат политичари

„Московско злато“, така го нарече Комисијата за надворешна политика на Долниот дом на Парламентот извештајот во 2018 година. Тогаш се зборуваше дека Велика Британија не може сериозно да воведе санкции кон Русија се додека во Лондон се крие „профитот од коруптивни зделки блиски до Кремљ“.

Повеќе: Конфликтот во Украина и опасноста од долга, студена зима

Претседателот на тој комитет, конзервативецот Том Таџенхет, деновиве е чест соговорник во медиумите. „Повторно мораме да го поставиме прашањето за валканите пари во Велика Британија“, изјави тој за Гардијан. Повторно, вели, ќе ја стави темата на расправа во парламентот и ќе ги праша партиските другари од власта зошто ништо не преземаат. „Велика Британија има одговорност да направи нешто во врска со глобалната улога на Лондон во перењето пари“, изјави Таџенхет за Би-би-си.

Ukraine-Konflikt | Russische Militärübung in Gozhsky
Светот стравува од евентуален руски напад на УкраинаФотографија: BelTA/AP/dpa/picture alliance

Многу од неговите сопартијци не се воодушевени од тие зборови. Откако Борис Џонсон дојде на власт, конзервативците официјално добија два милиони фунти од руски донатори.

Со години наназад во фиока стојат законски измени кои би вовеле поголема транспарентност при купувањето недвижности, со што ќе ги попречи олигарсите во перењето пари. „Транспаренси интернешнал“ проценува дека недвижен имот вреден две милијарди долари е купен со сомнителни руски пари.

Документарниот филм „Од Русија сосе парите“, покажува како бескрупулозните агенти за недвижности во Лондон вршат трансакции со валкани пари. Рускиот експерт, Бен Џуда, работеше на документарецот и рече дека сака да покаже „колку е лесно да се перат пари во Лондон и како британската елита се менува на полошо“.

Дел од богатата елита

Милијардерот Роман Абрамович влезе во кремот на британскиот естаблишмент со купувањето на фудбалскиот клуб Челзи. Неговиот колега, Александар Лебедев, од слични причини го купи лондонскиот весник „Ивнинг стандард“.

Олигарсите вработуваат армија адвокати, советници и служби, испраќаат деца во британски училишта и се разведуваат пред британските судови. Тие станаа неизоставен дел од богаташката сцена, појавувајќи се на коњски трки на легендарниот хиподром Аскот или на гала-вечери и добротворни балови.

Абрамович беше меѓу ретките кои беа на еден начин казнети по обидот за убиство на поранешниот двоен агент Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка во Англија во 2018 година. Потоа, на Абрамович му беше блокирана дозволата за престој во Британија, но тој доби израелско државјанство со кое може слободно да патува на Запад. Овој олигарх од одмазда ја запре изградбата на новиот стадион на Челзи.

Evgeny Lebedev | russich-britischer Geschäftsmann
Евгениј Лебедев со принцот Вилијам на една хуманитарна манифестацијаФотографија: Arthur Edwards/Getty Images

Пратеникот Таџенхет зборува за поинаков вид на руска инвазија, за „преземање на европските елити“. Тој го спомнува поранешниот француски претседателски кандидат, Франсоа Фијон, кој работи за руската нафтена компанија Зарубежњефт, или поранешната австриска министерка за надворешни работи Карин Кнајсл, која е во надзорниот одбор на Росњефт, како и поранешниот германски канцелар Герхард Шредер. Поранешниот австриски канцелар, Кристијан Керн, добива пари од руската железница. Таџенхет го гледа ова како „системска закана за Европа“, нејзините вредности и демократијата.

Лути се и во Вашингтон

Тинк-тенк Центарот за американски напредок со седиште во Вашингтон, кој е близок до претседателот Џозеф Бајден, бара формирање работна група против „клептократијата“ со цел да се „охрабрат посилни мерки“ од страна на британската влада.

Сепак, се признава дека на Британците повеќе не им е лесно да се ослободат од руските олигарси поради блиските врски со британските конзервативци, печатот, индустријата за недвижности и финансиската индустрија. Од таа анализа избувна и фрустрацијата на Белата куќа, бидејќи Лондон повеќе не презема мерки против перењето на руските пари.

Минатата недела британската министерка за надворешни работи најави нови закони против руските парични текови. Тие треба да го олеснат замрзнувањето на имотот на пријателите на Путин. Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, предупреди дека ваквите мерки првенствено ќе им наштетат на британските компании и на атрактивноста на Обединетото Кралство за привлекување странски инвестиции.

Roman Abramowitsch | russischer Oligarch
Рускиот олигарх и милијардер Роман Абрамович е сопственик на фудбалскиот клуб Челзи Фотографија: Ben Stansall/AFP/Getty Images

Поранешниот голем инвеститор, Бил Браудер, по искуството што го имаше во Москва, стана борец против режимот на Путин. На негова иницијатива, многу западни земји го донесоа таканаречениот „Законот на Магнитски“, кој предвидува заплена на пари заработени со кршење на човековите права и државна корупција.

„Ахиловата пета на режимот на Путин би била погодена доколку неговите олигарси се прогонувани во Британија и ако им биде замрзнат имотот“, рече Браудер. Тој проценува дека рускиот државен имот вреден 800 милијарди долари се наоѓа надвор од земјата, а може да биде и предмет на санкции.

Либералната британска пратеничка, Лејла Моран, потсетува на алармантниот извештај на парламентарната комисија за тајни служби, кој во 2020 година пренесе дека „многу Руси тесно поврзани со Путин се добро интегрирани во британската економија и општествениот живот“. „Сè додека властите во Лондон не направат ништо на тој фронт, „нашиот одговор на руската агресија против Украина ќе биде залуден“, рече политичарката.

Ова ќе биде уште една мака за премиерот Борис Џонсон, кој се обвинува дека не делувал навреме. Доколку Русија навистина ја нападне Украина, велат критичарите, владата на Џонсон нема да може соодветно да одговори на санкциите.