1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Локалните референдуми паѓаат на Уставен

Кристина Озимец
21 август 2018

Граѓаните се револтирани од одлуките на Уставниот суд, кој ги поништи локалните референдуми за отворањето рудници во Валандово, Ново Село, Босилово и Дојран. Одлуките се скандалозни, велат активисти.

https://p.dw.com/p/33QaJ
Mazedonien Protest vor dem Verfassungsgericht in Skopje
Одлуките на судот се скандалозни и им го одземаат правото на граѓаните непосредно да одлучуваат за својот живот и здравје, велат активисти кои се против изградбата на рудници во нивните општиниФотографија: DW/P. Stojanovski

Една по една, одлуките за распишување референдуми на локално ниво против отворањето рудници во повеќе општини како круши паѓаат пред Уставниот суд. Во мај и во јуни Уставниот суд ги поништи референдумите во Валандово, Ново Село, Дојран и Босилово, а според неофицијални информации кои ги добивме од здруженијата кои работат на овие проблеми, во тек е постапка и за оценување на уставноста на локалниот референдум во Гевгелија.

Уставниот суд за сите одлуки има слично образложение - локален референдум може да се распише само за прашања од надлежност на општината, односно за прашања од локално значење, но според судот прашањето за експлоатација на минерални суровини не спаѓа во прашања за кои е надлежна општината, туку за тоа одлучуваат органите на централната власт, односно Владата и надлежното министерство.

Иако Уставот го гарантира правото на граѓаните на локална самоуправа, издигајќи го на ниво на темелна вредност на уставниот поредок, сепак судот смета дека Советите на општините распишале локален референдуми за прашања кои не се во нивна надлежност, па затоа ги поништува одлуките за распишување референдум.

„Граѓаните во единиците на локалната самоуправа по пат на референдум можат да одлучуваат само за прашања што се од надлежност на општината, во коишто не спаѓа прашањето за експлоатација на минералните суровини и отварање на рудници за нивна преработка. Законското решение за овие прашања да одлучуваат органите на централната власт, односно Владата и надлежното министерство, според оценката на Судот, е оправдано ако се има предвид дека минералните суровини, независно од тоа каде се наоѓаат, се во сопственост на државата, односно Републиката и тие имаат стратешко значење за нејзиниот развиток“, се вели во одлуката на Уставниот суд за референдумот во Дојран.

Во одлуката се вели и дека и покрај тоа што конечното одлучување по овие прашања според судот е во надлежност на централната власт, таа треба да ја консултира и општината и мислењата на локалното население за конечните одлуки.

Здрава Котлина“: Одлуките се скандалозни

Одлуките на Уставниот суд предизвикаа голем револт кај граѓаните кои на социјалните мрежи масовно изразуваат незадоволство. Активистите кои работеа на организирање на референдумот сметаат дека тие се скандалозни. Од еколошкото здружение „Здрава Котлина“ за Дојче веле велат дека овие локални референдуми се единствен легален начин како да се стопира пеколниот план за комплетен екоцид на Југоисточниот регион со издавањето на десетици концесии за рудници во земјоделски регион што придонесува најмногу во националниот БДП, веднаш по Скопскиот регион.

„Граѓаните се во подредена ситуација, зашто претходната влада на криминален начин ги издала концесиите, а сегашната влада е под страшен притисок од странски влади, меѓународни корпорации и големи банки кои бараат да се продолжат концесиите иако законите за минерални суровини, екологија и заштита на природата, Архуската и други меѓународни конвенции се прекршени и сѐ уште се кршат“, реагираат од „Здрава Котлина“.

Symbolbild Bergmine Gold Silber Kupfer
Фотографија: Fotolia/Tomas Sereda

Тие заедно со „Еко Долина“ организираа два локални референдума во струмичкиот регион за рудникот Иловица-Штука, со помош на голем број млади активисти и скромна финансиска поддршка од локалните струмички фирми.

Активистката Симона Гетова од Валандово вели дека борбата на иницијативите е далеку од завршена и Југоистокот продолжува да се организира регионално, но и меѓународно.

„Отпорот кон рудникот Казандол беше организиран од страна на граѓанската иницијатива СОС Валандово, која со тек на време стана дел од формирање на регионалната иницијатива Југоистокот против рудниците, и меѓународната Balkans against mining. СОС Валандово ги искористи речиси сите правни можности за стопирање на рудникот и зајакнување на отпорот. За првпат, по многу време, граѓаните на општината делуваа здружено и непопустливо, што беше и главната причина за одлуката на Владата за стопирање на рудникот Казандол“, вели Гетова.

Повеќе: Во Казандол сега копа само предистрагата

„Копи-пејст“ образложение на Уставниот суд

Адвокатот Јанаки Митрески вели дека Уставниот суд во сите четири одлуки за поништување на распишувањето на локалните референдуми користи „копи-пејст“ образложение, повикувајки се на Законот за минерални суровини, како и поделбата на надлежности мегу централната и локалната власт, при што во сите четири одлуки судот е на мнение дека минералните суровини и нивната експлоатација се од јавен, а не локален интерес.

„Оваа констатација е само делумно точна. Но'копи-пејст' образложенијата на сите четири одлуки, на кои запирка не е сменета, мене ме наведуваат да помислам дека Уставниот суд барал 'влакно во јајце' да ги поништи одлуките по секоја цена. Исто како што минералните суровини и нивната експлоатација се општо добро, така и здравјето на граѓаните е уставно заштитена категорија, а тоа воопшто не се споменува во ниту една од одлуките на уставен суд. Па се поставува прашањето, што е поважно - експлоатацијата на минерални суровини, или здравјето на граѓаните? Одговорот е јасен“, коментира Митрески.

Казандол- закана за почвата и водата?

Според него, одлуките се опасни и за правата и слободите на граѓаните, затоа што референдумот е највисок степен на остварување на суверенитетот на граѓаните и може да води кон пасивизација на граѓаните во остварување на своите слободи и права, но и во надзорот над работата на централната и локална власт, преку уставните механизми - конкретно преку референдум.

Активистите и здруженијата пак, предупредуваат и на опасностите кои отворањето на рудниците може да ги донесат за животната средина и здравјето на граѓаните.

„Отворање на рудникот би значело смрт за струмичката котлина. Во поглед на вработувања тоа се над 25 илјади земјоделци споредбено со 500 вработувања во рудникот. Фамилиите на овие земјоделци се претежно зависни од родот, но и продажбата на квалитетни земјоделски производи. Со изградба на рудник од таква Г-1 категорија (најголем загадувач) ќе се уништи маркетнишкиот бренд на струмичкото земјоделие и овие фамилии би останале без приходи и понатаму би влегле во други ризици. Ризиците од катастрофи со трајни и страшни последици се огромни поради количествата на опасни хемикалии што ќе се концентрираат на 200 хектари простор и чуваат позади експериментална брана висока 276 метри“, предупредуваат од „Здрава Котлина“.