Локалните избори - тест за Ердоган | Свет | DW | 27.03.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Локалните избори - тест за Ердоган

На турскиот претседател Ердоган и неговата партија АКП им се закануваат загуби на претстојните комунални избори, првенствено поради лошата економска ситуација. Изборите во меѓувреме се сфаќаат како референдум за Ердоган.

До Реџеп Таип Ердоган во моментов лесно се стигнува, тој е во изборна кампања во малото гратче Голчук, оддалечено два часа возење од Истанбул. Во црн костум, бела кошула, тој се ракува со обичните луѓе, влегува во месарница, во цвеќарница, во гостилница.

Но, овој Реџеп Таип Ердоган има само 20 години и е нов во политиката. На турските комунални избори тој се кандидира за „мухтар" – еден вид старешина, непартиски, со мандат од пет години.

„Името ми помага во овие избори“

„Кога ќе го кажам моето име, во прв момент многумина не ми веруваат, мислат дека се шегувам, тогаш им ја покажувам личната карта“, вели Ердоган и го вади личниот документ. Со турскиот претседател тој не е во роднински врски, но неговиот татко бил голем симпатизер на исламско-конзервативниот политичар уште во времето додека тој бил градоначалник на Истанбул.

Recep Tayyip Erdogan, 20 Jahre alt, kandidiert bei den Kommunalwahlen in der Türkei (DW/J. Hahn)

Младиот Реџеп Таип Ердоган, истоименик со претседателот

Да се почне скромно и некогаш да се стане голем, тоа е денес сонот и на младиот Ердоган. „Да го носам истото име со нашиот претседател за мене е голема чест, зашто тој е почитуван и сакан. Добивам многу позитивни реакции. Мислам дека името ми е од помош на овие избори“.

Personalausweis von Recep Tayyip Erdogan, 20 Jahre alt. (DW/J. Hahn)

Личната карта на вториот Реџеп Таип Ердоган

„Прашање за преживување" за Ердоган

И постариот истоименик на младиот Ердоган, претседателот, очигледно се надева дека неговата лична популарност ќе донесе решавачки гласови. Од почетокот на годината тој е во речиси непрекината изборна кампања, патува низ цела земја. Секој ден Ердоган зборува на по неколку големи собири, пренесувани во живо од најголем број телевизиски канали. Се добива впечаток дека на 31 март нема да се избираат градоначалници, општински советници и селски старешини, туку ќе се гласа за него – претседателот.

„Ердоган го презеде целосниот товар на оваа изборна борба на свои плеќи. Тој е впечатлив оратор, но му се забалежува нервоза“, вели новинарот Исмаил Сајмаз од весникот „Хуриет“, кој во 2018 година беше купен од претприемач близок на Ердоган.

Сајмаз важи за еден од малкуте автори во весникот кој уште си дозволува критички да ја коментира политиката на претседателот. „Ова не се обични комунални избори“, вели тој. „Самиот Ердоган ги трансформираше во гласање за ‘преживување'. Во суштина, станува збор за тоа дали гласачите ќе го потврдат новиот претседателски систем или не“.

Рецесија во Турција

Од своето основање во 2001 година, АКП, Ердогановата Партија за правда и развој, победуваше на сите избори. Меѓу останатото и со веродостојните ветувања за подобра иднина: добри бројки на економски раст и растечки животен стандард. Самиот Ердоган од градоначалник на Истанбул се издигна до премиер и конечно до претседател на државата. Од лани тој како државен претседател има широки овластувања.

Türkei Marktstand in Ankara (DHA)

Тезги за државно субвенциониран зеленчук

Но, сега Турција првпат по подолго време се наоѓа во рецесија. Националната валута е во пад, растат стапката на невработеност и цените. Сѐ поголем број фирми одат во стечај. За да ги принуди пазарите на снижување на цените, владата воведе сопствени продажни тезги: на многу места граѓаните чекаат во долги редици за купување државно субвенциониран зеленчук.

Повеќе:

Турција: Ако немате за леб, јадете зеленчук

Истанбул како најважен политички трофеј

Сето тоа може да го торпедира изборниот резултат на Ердогановата АКП. Партијата, исто како и на парламентарните избори во 2018 година, настапува во коалиција со ултранационалистичката МХП. На многу места АКП ќе остане најсилна партија, но посебно во престижните метрополи мора да смета со загуби.

Во престолнината Анкара, според анкетите, води кандидатот на најголемата опозициска партија, ЦХП (Републиканска народна партија), Мансур Јаваш. И во Анталија, Адана, Мерсин и дури и во Бурса опозицијата може да ги освои градоначалничките места. Измир секако е бастион на ЦХП.

Во Истанбул анкетите покажуваат блага предност на кандидатот на АКП, Бинали Јилдирим, но трката ќе биде тесна. Економската метропола со своите 15 милиони жители досега важеше за најважен политички трофеј. Кој ќе го освои Истанбул, ја владее Турција, потенцира постојано самиот Ердоган.

„Загубата на Истанбул како политички земјотрес“

Една недела пред комуналните избори, претседателот Ердоган во Истанбул го одржа својот најголем собир, на огромни монитори презентираше големи проекти: болници, нови краци на метрото, станбени комплекси, библиотеки, спортски сали, училишта, мостови, новиот аеродром. „Работиме напорно и малку спиеме“, извикуваше Ердоган. Многумина негови симпатизери носеа на главите ленти со неговото име.

Повеќе:

Ердоган ја праќа лирата во подрум

Само Ердоган може да ѝ помогне на Турција

„Ердоган е тесно поврзан со Истанбул. Тука ја почна кариерата. Ако неговата АКП претрпи пораз во Истанбул, тоа ќе биде политички земјотрес“, вели новинарот Исмаил Сајмаз. „Дури и ако загуби само некои од важните делови на градот, тоа ќе биде лошо за АКП“.

Türkei Präsident Recep Tayyip Erdogan in Kutahya (picture-alliance/AP Photo/Presidential Press Service)

Претседателот Ердоган во непрекината изборна кампања

Шпекулации за нови избори

Доколку опозицијата ги освои Анкара и Истанбул, вели Сајмаз, наскоро во Турција ќе се поведат дискусии за нови избори. Со недели се слушаат гласини и за нова партија, водена од поранешни поддржувачи на Ердоган, како екс-претседателот Абдула Ѓул и екс-премиерот Ахмет Давутоглу.

Младиот Реџеп Таип Ердоган не сака да размислува за вакви сценарија. Но, и тој во својот кварт во Голчук слуша бројни жалби за лошата ситуација во земјата. „Премногу млади луѓе се без работа, ситните бизнисмени се во тешка состојба“, се жали сопственикот на една чајџилница, „ништо не оди добро, ништо“.

Ако стане старешина, тој ќе се справи со проблемите, барем во Голчук, вели младиот Ердоган. Но, неговата победа уште не е сигурна, тој има двајца противкандидати. Дури во изборната вечер ќе се знае, дали името донесло решавачки плусови, за двајцата Реџеп Таип Ердогановци.

 

DW.COM

Реклама