Локалните избори во октомври? | Македонија | DW | 15.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Локалните избори во октомври?

На координацијата кај претседателот на Собранието, Џафери, парламентарните партии договориле локални избори во октомври и продолжување на мандатот на градоначалниците и советниците. ВМРО ДПМНЕ не учествувал на средбата

Парламентарните партии кои денеска беа на координација кај претседателот на Собранието, Талат Џафери, се договориле дека исклучителен приоритет за Република Македонија е постигнување договор за донесување Предлог-закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, со кој одржувањето на локалните избори ќе биде предвидено за првата половина во октомври, а мандатот на сегашните градоначалници и советници ќе биде продолжен до изборот на новите членови на советите и градоначалниците, соопшти кабинетот на Џафери.

На координацијата кај Џафери присуствуваа претставници на СДСМ и коалицијата, ДУИ, БЕСА, Алијанса за Албанците и ДПА, а претставник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не беше присутен, соопшти кабинетот на Џафери.

Партиите се согласиле расправата по предлог-законот да биде ефикасна и да се исклучи секаква можност за нејзино непотребно одолжување.

Претседателот Талат Џафери истакнал дека за да се овозможат услови за редовно работење на Собранието на Македонија, неопходно е да се почитува Деловникот и ги повикал политичките партии застапени во Собранието, да го известат за формирање на пратеничките групи. Тој очекува во краток рок партиите да постигнат договор за формирање на работните тела, со цел измените на Изборниот законик да бидат донесени согласно деловничките процедури.

Претседателот Џафери и претставниците на политичките партии се согласиле дека политичкиот дијалог мора да продолжи во Собранието на Македонија и дека сите политички субјекти треба да бидат одговорни пред граѓаните и да придонесат за продолжување на демократските процеси во земјата.

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ присуствуваше на саботната координација за локалните избори, за разлика од денеска кога преку партиско соопштение информираше дека нема да биде дел од средбата. Од таму засега не одговараат дали за нив е прифатливо одржувањето на изборите во октомври и дали ќе дадат поддршка на измените на законите.За сега сè уште нема информации дали за одржувањето на локалните избори треба да се промени и составот на ДИК.Според познавачите на оваа материја, свој претставник во Државната изборна комисија треба да има Беса, како втора најголема партија од албанскиот блок на местото на претставник од ДПА.Овие измени треба да се направат согласно последните изборни резултати од декември 2016.

 

DW.COM

Реклама