Лоазо: Северна Македонија вложи напори и треба да почне преговори | Северна Македонија | DW | 14.12.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Лоазо: Северна Македонија вложи напори и треба да почне преговори

Не може да се откажеме од земји кои вложиле напори и да им кажеме „имавте проблем со Грција, а сега и со Бугарија“, изјави поранешната француска министерка за европски прашања.

Француската европратеничка Натали Лоазо при обраќање во Европскиот парламент во мај годинава

Француската европратеничка Натали Лоазо при обраќање во Европскиот парламент во мај годинава

Северна Македонија треба да почне преговори со ЕУ, изјавила во интервју за БНР, Натали Лоазо, европратеничка од либералната група „Обнови ја Европа“ и поранешна француска министерка за европски прашања.

Лоазо, која е од партијата на францускиот претседател Емануел Макрон, и чија земја го презема ротирачкото претседателство со ЕУ од јануари 2022 година, смета дека на Скопје треба да му се даде сигнал.

„Очигледно е дека треба да има дијалог, како и решение. Никој не вели дека утре, во 2022 година, Северна Македонија ќе влезе во ЕУ. Велиме дека треба да почнат преговори, за време на кои сѐ ќе биде ставено на маса. И тие нема да напреднат, ако сите теми поврзани со човековите права и основните вредности не се придвижат напред. Но, на овие луѓе треба да им се даде сигнал, бидејќи ним им се додворуваат Кина, Русија и Турција. Што сакаме - да ни свртат конечно грб? Тоа не е во ничиј интерес“, изјавила Лоазо.

Запрашана дали постои француска иницијатива за надминување на билатералниот спор меѓу Бугарија и Северна Македонија, Лоазо не одговорила директно.

„Се надевам дека овој спор ќе биде решен, бидејќи би сакала преговорите со Северна Македонија да започнат брзо. Таа вложи огромни напори за да се приближи до европските очекувања. Истото се надевам и за Албанија. Знаеме дека претстои долг пат, ќе бараме резултати, бидејќи има нова методологија за проширувањето. Но не може да се откажеме од оние земји кои вложиле напори, и да им кажеме: ‘Видете, има уште еден проблем. Имавте со Грција, а сега и со Бугарија'. Тоа ќе создаде непријателство кон Европската унија во срцето на Европа, бидејќи географски, културно и историски Балканот е токму таму“, изјавила Лоазо.

Македонското и знамето на ЕУ се веат пред седиштето на Европската комисија во Брисел

Македонското и знамето на ЕУ се веат пред седиштето на Европската комисија во Брисел

Таа во февруари 2019 година беше во Скопје, а во пресрет на таа посета беше многу повоздржана околу шансите за почеток на пристапни преговори.

„Договорот од Преспа овозможи да се потпише протоколот за членство во НАТО и претставува огромен напредок за безбедноста на Северна Македонија. Што се однесува до приближувањето на Северна Македонија кон ЕУ - пристапните преговори ќе се отворат откако Северна Македонија ќе ги исполни сите критериуми. ЕУ, пак, од своја страна, ќе треба прво да ги реализира неопходните внатрешни реформи пред да се случи ново проширување“, изјави тогаш Лоазо. 

Радев наместо Петков

Дали нешто се менува? Во моментов нема јасен одговор на тоа прашање, но за извесен сигнал може да се смета и фактот што од бугарска страна во Брисел нема да отпатува новоизбраниот премиер Кирил Петков, како што се најавуваше, под услов бугарската влада да биде избрана според планираното - в понеделник. Владата вчера беше избрана, па и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во твитот во кој му го честитала изборот на премиерот Петков, изразила и задоволство што ќе се сретне со него во четврток, на средбата на врвот на лидерите на ЕУ. Но, бугарски медиуми нотираат дека таа подоцна го коригирала твитот, што значи дека на средбата на врвот позициите на Бугарија по прашањето за проширување на ЕУ ќе ги брани претседателот Румен Радев.

Повеќе: Нема одвојување на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ

Тоа делумно може да се смета и за „очекуван потег", со оглед дека дипломатски извори во изминатиот период тврдеа дека „ставовите за импликациите што може да ги предизвика бугарската блокада врз Северна Македонија, но и врз кредибилитетот на ЕУ, биле дискутирани и јасно предочени уште на самитот во Брдо кај Крањ". Како клучна беше посочена средбата Меркел-Макрон-Радев, на која, наводно, биле изразени очекувања дека главниот ангажман за надминување на тоа прашање треба да дојде веднаш по завршувањето на претседателските избори во Бугарија и од претседателот (со оглед на временскиот теснец до последниот Европски совет, и поради тогашната неизвесност дали и кога ќе биде формирана нова бугарска влада).

Секако, таквите очекувања не мора ништо да значат, имајќи предвид дека официјална Софија до денес постојано ја потенцира непроменливоста на нејзините позиции во однос на РСМ.

Новата влада на Бугарија на чело со премиерот Кирил Петков. Каков ќе биде нејзиниот став во однос на македонските евроинтеграции?

Новата влада на Бугарија на чело со премиерот Кирил Петков. Каков ќе биде нејзиниот став во однос на македонските евроинтеграции?

План Б

Иако се чини дека нема простор за пресврт во „5 до 12“, кај македонските власти не се згаснати сите надежи. И покрај шпекулациите дека премиерот Заев ќе се повлече од премиерската позиција доколку во четврток се зацементира бугарското вето, првиот вицепремиер Артан Груби изјави дека Заев нема да замине од функцијата до крајот на годинава, што укажува дека наприте за деблокирање на процесот ќе продолжат. 

„Овие следни недели не. Ќе треба да се заокружи овој процес и сметам дека во средина на јануари, можеби и подоцна, зависи и како ќе се постигне договорот со Бугарија, но не оваа година, според преговорите што ги имаме досега“, изјави Груби во гостување на ТВ „21“.

Тој откри и дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, имал „план Б" за отпочнување на преговорите со Европската Унија.

„Господин Ахмети има започнато иницијатива, што е доставена и во Бугарија, но и во другите земји на ЕУ, како пратеник, дел на мнозинството. Се работи за иницијатива, идеја на еден член на мнозинството, ова сме го разговарале и со премиерот, и со други членови на Владата, но и со меѓународни пријатели, со цел да се постигне слична ‘формула' како со нашето членство во НАТО“, рече Груби.